На гости кај Вања Тодоровска во Смилево: „Уживам во погледот, збогатен со вкусот на питулици - го обожавам селото на татко ми“
- Детали
- сабота, 27 јуни 2026
„Кога ќе се спомне Смилево, низ мене минува нешто што најмногу наликува на блаженство. Таму летна манџа ми е на репортоар, а сакам и кога ќе замириса на пинџур, кога ќе пресечам дебело парче домашно сирење или ќе спржам јајца со дукат жолта боја“, вели Вања Тодоровска, новинар, за местото каде се родени нејзините татко и дедо.

Вања Тодоровска, новинар и координатор за комуникации во Слоу Фуд Македонија, живее во Скопје, но во срцето најомилено место на овој свет и е селото Смилево, родното место на нејзините татко и дедо.
Таа гордо вели: „Тука е роден дедо ми, татко ми, тука и јас му се радувам на животот“.

Ја сака песната на птиците, но уште повеќе сака да си готви таму највкусни специјалитети со даровите од природата.
Вања вели: „Смилево е мојата дедовина во мојата срцевина“.
Вања за CRNOBELO.com споделува:
„Кога ќе се спомне Смилево, низ мене минува нешто што најмногу наликува на блаженство.
Куп спомени, еден тон, скоро опиплива носталгија, чувство на припадност, тивка сигурност дека постои место на светот каде душата го препознава својот дом.

Смилево е мијачко, ѕидарско село, со камени куќи што како да израснале од самата земја, за кое историјата вели дека има корени од 18 век.
Со очите на новинарот, Смилево отсекогаш ми било неисцрпна приказна.

Пишувајќи репортажи за „Утрински весник“, се обидував да ги соберам сите историски слоеви и да го доловам неговото значење.
Инаку, сакам да споделам дека секоја година на 12 јули, на големиот празник Петровден и слава на Смилево, верниците и посетителите традиционално се упатуваат кон преубавиот манастир Свети Петар и Павле, каде во духот на верата и заедништвото се одбележува овој значаен ден.

Да се навратам на историјата малку... Пред Илинденското востание во 903 година, селото броело околу 3.700 жители, а денес има едвај 170. Но, бројките не ја мерат големината на едно место.
Тука е роден Даме Груев, се одржал Смилевскиот конгрес, тука е роден дедо ми, татко ми, тука и јас му се радувам на животот.

На местото каде што некогаш работела фабриката за ќилими, во која жените рано ја освојувале економската независност, денес се издига Спомен-домот во Смилево.

Подигнат по повод 100 години од Смилевскиот конгрес и Илинденското востание тој е најзначајно меморијално обележје во селото. И личен е. Како чувар на времето и потсетник дека слободата секогаш ја има својата цена.
А по ова, следи погледот на лиричарот.

Цела година го носам Смилево во себе како орден од емоции: рано наутро ги затекнувам ластовичките - се редат по жици како за парада, климата е одлична - и во најизгор летата, навечер облекувам термо чорапи и ги бројам облаците што изгледаат како нацртани.
