Во викендичката на Анета Стамеска во с. Лупште, Порече: „Уживаме да готвиме на стариот шпорет на дрва во двор“
Последниве години постепено ја средуваме и викендичката. Не брзаме.
Во тоа бавно напредување наоѓаме повеќе радост отколу што очекувавме на почетокот. Куќата за нас добива поголема вредност, таа сега е природен дел од нашата животна приказна.


Тука деновите ни се исполнети со мир. Заедно со сопругот и ќерката пешачиме по неколку омилени патеки низ планината.

Јас често берам планински цвеќиња по патот. Кога се враќам дома обожувам да ги набљудувам разнобојните букети во стари чајници и вазни на нашата тераса.


На неа поминуваме најголем дел од времето, тука читаме, разговараме или едноставно само гледаме кон зелените ридови и сивите гребени на Солунска Глава.

И по сите овие години, сè уште не ни е заситен погледот кој овдешните жители често, со право, го нарекуваат „поглед од милион долари“.



На тишината ѝ пркосаат само ветровите кои се провлекуваат низ гранките на стогодишните костени, ореви и цреши, песната на птиците, црцорот на скакулците и зуењето на пчелите.
Надалеку е познат костеновиот мед.

