Во викендичката на Анета Стамеска во с. Лупште, Порече: „Уживаме да готвиме на стариот шпорет на дрва во двор“
Тука ноќите се најубави, небото е полно со ѕвезди, а понекогаш во дворот се појавуваат светулки што нè потсетуваат на детството, кога ги стававме на чело и трчавме низ селата на нашите баби и дедовци.
Воздухот има различен мирис во секое годишно време. Најинтензивен е напролет кога се чувствуваат тревите, расцветаните дрвја и билките.

Дворот ни е полн со маточина, диво нане, кантарион, ајдучка трева, од кои имаме чувство како да сме на третман со природна ароматерапија.
Во ваква атмосфера мојот сопруг го пишуваше својот роман „Немам страв“.


Уживаме да подготвуваме храна на стариот шпорет на дрва што ни стои во дворот.

Селото, покрај костени, ореви и лешници, јаболка и сливи, изобилува со разни видови печурки.
Ние не ги распознаваме, но затоа нашиот сосед Саше ни носи и заедно ги подготвуваме и се дружиме со интересни разговори од кои дознаваме повеќе за минатото на селото.

Лупште е старо село. Се споменува уште во пописите од 1467 година.
Во шеесеттите години на минатиот век имало над триста жители, а денес постојано живеат само неколкумина.

Некои стари куќи повторно се отворија, а никнаа и неколку нови викендички. Секогаш нè радува кога ќе видиме светло во двор што долго бил празен.
Таквите моменти ни даваат надеж дека Лупште ќе продолжи да живее и во годините што доаѓаат.


Во селото доаѓаме затоа што тука најлесно се потсетуваме на сè што навистина ни е важно. На времето поминато со семејството, на долгите разговори, на мирисот на шумата по дождот и на тишината што навечер се спушта над планината.


Можеби токму затоа секогаш кога си заминуваме, веќе почнуваме да го планираме следното доаѓање“.
