3 книги од македонски автори, кои како да се светски бестселери - ќе сакате да ги прочитате веднаш
Ако сакате да прочитате нешто убаво, возбудливо и во стилот на светските бестселери, изберете барем една од овие книги.

Македонските писатели одамна се покажаа како одлични раскажувачи, автори со бујна фантазија, со изградена мисла, кои знаат како да го привлечат вниманието на читателската публика.
Но, не само тоа, тие знаат и како да го задржат нивното внимание од првата до последната напишана страница.
Па, ако сакате да прочитате нешто убаво, возбудливо и во стилот на светските бестселери, изберете барем една од овие книги.
„Тринаесеттиот“, Лидија Димковска
Ако некогаш сонувате високатница - ја сонувате токму зградата на месеците од овој роман.
Во неа се живее како насекаде - со смеа, гушкање, плукнати змијулчиња (што?!), но и со неправди, каранци, лутење, осаменост.
Ако мислевте дека не можете да смените ништо, со оваа книга можете да смените сè - и во соновите и во светот.
Во својата прва книга и за мали, а не само за големи, Димковска ги спојува традицијата со современоста, народните приказни со Четџипити, Јутјуб, Инстаграм - и создава урнебесен роман што слатко ќе ве насмее и длабоко ќе ве замисли.
Дали секој од нас понекогаш е „тринаесеттиот“?
„Немам страв“, Трајче Стамески
По смртта на сопругот Тристан, Ана Ред пронаоѓа окер папка со таен ракопис.
Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови.
Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис, жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов.
Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да се спротивстави на сопствената минливост.
Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност во која љубовта е возможна како чист креативен чин.
„Немам страв” е психолошки роман за границата меѓу фантазијата и вистината.
Ова е книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност.
„Ѓаволот има убаво лице“, Дора Попова Узуновски
Бјанка е лекарка која работи на интезивна нега за време на пандемијата на респираторен вирус.
Нејзиниот сопруг Давид, кој има нарушено здравје, е сопственик на синџир маркети низ градот.
Хронично уморна, под стрес од секојдневните одлуки што ги носи политиката во здравството, Бјанка развива силна анксиозност со панични напади.
Тоа ќе ја поттикне да почне да посетува психотерапија.
Од друга страна, Бјанка минува низ ролеркостер од чувства и искушенија со директорот на најголемата фармацевтска компанија во државата, кои ги споделува со својата психотерапевтка.
Тоа ја зголемува кризата во бракот со Давид.
Сето тоа го набљудува и тајно го поттикнува еден чуден господин. Господинот Л, кој сите го знаат, но никој не го познава…
А. Ј. | Црнобело
