Андриана од Битола: „Имав библиотека од 1.000 книги, пола морав да ги раздадам - Кои 5 ми се омилени?“
„Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека никогаш нема да успеам да ги прочитам сите книги што сакам, ама знам дека во секој следен живот ќе им се навраќам“, вели Андриана, која им,а и свој Инстаграм профил посветен на книгите и читањето.

Андриана Ристевска (26) од Битола откако знае за себе е опкружена со книги.
Тоа предизвикало уште од дете да е голем љубител на пишаниот збор, на приказните, на ликовите кои не ги заборава и остануваат врежани во неа.
Денес, пак, таа е автор на профилот @prodolzidacitas, каде што скоро секојдневно споделува цитати, книги кои ги чита, препораки, и разменува мислења со големата заедница букстаграмџии од кај нас.

А за својата љубов кон книгите, за CRNOBELO.com, раскажува:
„Првата книга која си ја купив и со која почнав почесто да читам е ‘Светот не е фабрика за исполнување желби’ од Џон Грин.
Тоа беше во 2014 година, и оттогаш јас и книгите станавме неразделни пријатели.

Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека никогаш нема да успеам да ги прочитам сите книги што сакам, ама знам дека во секој следен живот ќе им се навраќам.
Каде се книгите - таму ќе ме најдете и мене.

До пред некоја година мојата библиотека броеше 1.000 книги, но морав да се разделам со голем дел од нив.
Дел продадов, а дел подарив. Иако тие не се повеќе со мене, нивната мудрост, нивните поуки и сите приказни засекогаш ќе останат во моето срце.
Моментално дома имам околу 500 книги, а нивниот број повторно се зголемува секојдневно.
