Три лесни книги кои ќе ви го задржат вниманието и во најголемите жештини
За некои летото е идеално време за читање, на други им е многу тешко да фатат книга кога е жешко - мислите им „бегаат“ и сè им е поинтересно од страниците на книгите.

Без оглед во која група и да спаѓате - оние што обожаваат книги на плажа или оние што не сакаат ни да ја погледнат кога надвор е 40+ степени, ако имате барем малку желба за читање периодов (особено кога е премногу жешко), тогаш една од овие книги ќе ви го задржи вниманието.
Кои лесни книги се идеални за овој период од годината?
„Луѓето кои ги среќаваме на одмор“ - Емили Хенри
Оваа книга се смета за најдобрата романса во светот за 2021, според гласовите на читателите на Good Reads.
Попи и Алекс немаат ништо заедничко. Таа отсекогаш била диво дете, a тој e некој што носи каки панталони и карирани кошули. Таа е ненаситна за шетање по светот; тој сака да седи дома со добра книга.
Но, од едно судбоносно заедничко патување од факултет до дома пред многу години, тие се најдобри пријатели.
Најголемиот дел од годината го поминуваат одвоени - таа живее во Њујорк, а тој во нивниот мал роден град, но секое лето во изминатата декада одат на одмор заедно.
Односно, до пред две години, кога уништиле сѐ и оттогаш не разговараат.
Попи има сѐ што би можела да посака, но заглавена е во монотона рутина.
Па, кога нејзината пријателка ја прашува кога последен пат била вистински среќна, таа без ронка сомнеж знае дека тоа било на последното патување со Алекс.
Затоа одлучува да го убеди својот најдобар пријател да отидат на уште еден одмор заедно и да ги поправат работите.
За чудо тој прифаќа, па сега таа има една недела да поправи сѐ - само кога би можела да ја игнорира големата вистина која отсекогаш се криела во нивната навидум совршена врска.

„Ти си ѕвер“ - Џен Синсеро
Во оваа освежувачки забавна книга за самопомош, светски познатиот тренер за личен развој и успех, Џен Синсеро, нуди 27 поглавја полни со инспиративни приказни, отворени совети, лесни вежби и по некоја пцовка.
Па, ако сте подготвени да направите сериозни промени во вашите животи, книгата ќе ви помогне да ги идентификувате и промените вашите убедувања и однесувања кои не ви дозволуваат да го добиете тоа што го сакате во животот.
Истовремено, таа ќе ви помогне да ги искорените старите стравови за да можете да преземате големи и возбудливи ризици и ќе ви помогне конечно да почнете да заработувате пари.
Исто така, „Ти си ѕвер“, ќе ви помогне да научите да се сакате себеси и другите, да си поставувате големи цели и да ги остварувате.
Генерално, ќе ви покаже како да создадете живот кој апсолутно ќе го обожавате, како да го создадете веднаш на еден многу забавен начин.

„Коефициент на љубовта“ - Хелен Хоанг
Ова е шармантна и секси приказна што се врти околу главната хероина, која ќе ја обожавате уште од првата страница.
Стела Лејн верува дека математиката е почеток и крај на сѐ, она што го обединува целиот универзум.
Но, оваа брилијантна статистичарка, која знае сѐ за алгоритмите, не знае ништо за романтиката.
Toa и не е неочекувано, бидејќи има Аспергеров синдром и секој ден се обидува да ги совлада пречките што тој ѝ ги наметнува. А кога луѓето ќе дознаат за тоа, веднаш го менуваат мислењето за неа.
Но Стела е храбра и не се плаши да ризикува за да го добие она што го сака.
Tаа одлучува да ангажира професионалец што ќе ја научи сѐ што може да се научи за сексот и врските.
Како ќе заврши нејзината „школа за љубов“ ќе дознаете читајќи ја оваа книга.

А. Ј. | Црнобело
