Ружица од Скопје: „Имам библиотека од 400 книги, читам во автобус на пат кон работа - Кои ми се омилени?“

„Голем удел во мојата љубов кон книгите има библиотекарката од моето основно училиште. Денес поради обврските со работата и семејството читам до 10 книги месечно, а за да си обезбедам повеќе време за читање во текот на денот, користам јавен превоз“, вели скопјанката Ружица и ги препорача своите 5 омилени книги.

ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-01.jpg

Ружица Стевковска Стојановска (40) од Скопје е голем љубител на пишаниот збор.

Таа е дипломиран инженер технолог и магистер по Технички науки, но сепак страста која со години ја носи во себе, не престанува.

Ружица вели дека љубовта кон книгите ја носи во себе од најрана училишна возраст, а голем удел во тоа имала библиотекарката од нејзиното училиште.

ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-15.jpg

За својата љубов кон книгите, Ружица раскажува за CRNOBELO.com:

„Водена од магијата на книгите, веднаш станав член на библиотекарската секција и тоа вклучуваше различни работни активности, како издавање книги, бележење и евидентирање на нови книги, но и поправка на постоечките, застарените.

Покрај тоа што имав пристап до бројни изданија на книги, особено задоволство и возбуда како дел од оваа секција ми беше подготовката и одржувањето на бројни настани на кои беа присутни наши македонски писатели, меѓу кои и Горјан Петревски, Оливера Николова, Киро Донев, Ката Мисиркова Руменова и многу други.

Инаку, читам во секоја слободна прилика која ќе ми се пружи. Со оглед на фактот што имам бројни обврски кон работата и фамилијата, сепак, бројката на месечно ниво се движи од околу 10 прочитани книги.

Всушност, за да си обезбедам повеќе време за читање во текот на денот, користам јавен превоз до работното место, па читам во автобус.

ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-04.jpg

Мојата библиотека е скромна и брои околу 400 наслови, но секојдневно расне. Во моментов правиме преуредување на домот, и секако најголем приоритет ми е создавање на ова катче.

Купувам нови изданија, но често и книги на старо, со што постојано стекнувам нови пријателства.

Во однос на жанрот кој го преферирам, не би можела лесно да се одлучам. Но, имајќи предвид дека имам многу кратко време за себе, во последно време читам „лесни“ книги.

Тие ми се како да сум изгледала еден добар филм. Кога велам „лесни“ мислам на книги со емоција, романси, драми и хумор.

Затоа и бројот на омилени автори ми е голем и разновиден. Секако, сакам и психолошки мистерии и трилери, но со позитивни краеви“.

ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-11.jpg

Ружица за CRNOBELO.com ги издвои и своите 5 омилени книги, кои, вели, им ги препорачува на сите:

„Затоа што те љубам“ од Гијом Мисо

За почеток, би го издвоила авторот Гијом Мисо. Ги имам сите негови книги и можам да кажам дека ги читам за помалку од еден ден.

Која и да ја почнам, не можам да ја оставам. Сите негови книги се непредвидливи до самиот крај, а чувството е како да гледате прекрасно напишан филм во вашиот ум.

Тој има моќ да ги спои романсата, неизвесноста и филозофијата на животот. Ве вовлекува во виор од невозможност, мистерија и емоции, истовремено играјќи си со времето и судбината, што ќе ве наведе да се запрашате што е можно, а што вистина.

Сепак како негова омилена ќе ја издвојам „Затоа што те љубам“.

Љубовта во книгите на Мисо е исцрпувачка, со болка и надеж, таа не е совршена, но се лекува и трансформира.

Младо девојче се губи, а нејзините родители се скршени од загубата, поради која се распаѓа и нивниот брак.

Пет години подоцна ја наоѓаат, но таа е нема! Повторното обединување отвара длабоко емотивни прашања за сè што се случувало во времето кое поминало и последиците кои тоа ги оставило, како семејството се урива, како човекот се губи.

Ова е книга за доживување силна траума и закрепнување, за кршливост и отпорност, таа е психолошка студија за љубовта, тагата, вината, одговорноста, изборите кои ги правиме  и можноста за лекување. 

 ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-02.jpg

„Последното писмо“ од Ребека Јарос

Ова ми е една од последно прочитаните книги.

Ела започнува да пишува писма до војникот Бекет (пријател на нејзиниот брат) кој служи во посебни мисии за државата.

Тој е прогонуван од своето лошо минато, носи голема болка, тишина, љубов и вина за загубените пријатели.

Сè започнува спонтано и ниту еден од нив не очекува нивните зборови да прераснат во нешто длабоко, убаво и нераскинливо.

Ела е самохрана мајка на близнаци (Мејси и Колт), на која животот покрај сите загуби и предизвици ѝ го задава и најтешкиот удар - борба со сериозна болест на својата ќерка.

Тука почнувате да ја чувствувате секоја емоција - гнев, страв, избезуменост, очај, исцелување и љубов.

Близнаците се симбол на љубовта, нераскинливата врска помеѓу братот и сестрата, надежта и причината да се продолжи, дури и кога животот носи најдлабока болка.

Оваа книга дефинитивно ќе ве натера да плачете, но и да се насмевнете. Романтична е, сурова и крајно срцекршачка.

ruzhica-od-skopje-imam-biblioteka-od-400-knigi-chitam-vo-avtobus-na-pat-kon-rabota-koi-mi-se-omileni-10.jpg

Продолжува на следната страница со уште 3 предлог книги...



Би можело да ве интересира:

Љубица од Гевгелија има библиотека со над 500 книги - Кои три ѝ се омилени? „Првите книжевни солзи ги пролеав читајќи ја 'Колибата на чичо Том'. Моето детск...
3 романи што ќе ве привлечат уште по првите прочитани страници Млада пациентка во кома раѓа здраво машко дете. Таа е феномен или е силувана дод...
Кристина од Скопје: „Дома имам скоро 700 книги, читам и по 10 месечно - Кои ми се омилени?“ „Уште кога сум била бебе, мајка ми обожавала да ми чита, а штом научив да читам,...
Стефанија од Штип, студентка по медицина: „Кога не учам, читам трилери - кои се моите топ 3 омилени ... „Мојата безвременска книжевна љубов е и ќе остане Крис Картер – автор ...
3 книги за силни жени во арапскиот свет - интригантни приказни што мора да ги прочитате Две жени во Иран се борат за женските права; Американка која се мажи за Иранец и...
Три задолжителни книги за сите љубители на научната фантастика Шамански моќи, специјални дарби кои се пренесуваат од колено на колено, тајни св...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg