Три книги од „кралицата на романтичните комедии“, Софи Кинсела, што мора да ги прочитате
Сите романтични души во животот мора да прочитаат барем една романтична книга од Софи Кинсела, писателката која почина пред само неколку дена, а важи за „кралица на романтичните комедии“.

Софи Кинсела, со над 15 светски бестселери, долги години ја нарекуваа „кралица на романтичните комедии“.
Писателката, која почина неодамна на 56 години, пишува толку добро, толку љубовно, што по нејзините романи се снимени и филмови и филмски серијали.
Ако досега не сте прочитале ништо од неа, ви препорачуваме три книги, кои сигурно ќе го привлечат вашето внимание.
„Го имам твојот број“
Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне.
Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон.
Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци.
И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот. Совршено!
Меѓутоа, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, не се согласува.
Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот.
Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите.
Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.

„Знаеш ли да чуваш тајна?“
Ема Кориган е млада жена со огромно срце, нескротлив дух и неколку тајнички.
Всушност, тоа се тајни што ги крие од нејзиниот дечко (како на пример тоа дека нема баш 52 килограми), тајни што ги крие од нејзината мајка (како на пример тоа кога и каде ја изгубила невиноста).
Има и тајни што не би ги споделила со никој на светот, како на пример тоа дека истура кафе во цвеќето на злобната колешка на работа секогаш кога ја вади од такт.
Сè додека не се најде во опасна ситуација за време на еден лет, па мислејќи дека авионот ќе се урне, во паника му се исповеда за сè по ред на непознатиот тип до неа.
Само неколку дена подоцна, се покажува дека тој не е толку непознат. Впрочем, Џек Харпер е милионерот кој ја поседува компанијата каде што работи Ема - значи, нејзин директор.
И тој сега го знае секој најмал понижувачки детаљ за неа…

„Moјот (не баш) совршен живот“
Кејти Бренер го има совршениот живот: стан во Лондон, гламурозна работа и супер кул фотки на профилот на Инстаграм.
Добро, но вистината е дека таа живее во минијатурна соба под кирија каде што нема место ни за гардеробер, секој ден со часови патува до работното место каде што не е ценета и животот што го споделува на Инстаграм не е нејзин, бидејќи дури ни сликите не се баш нејзини.
Но соништата мора да почнат да ѝ се исполнуваат еден ден, нели?
Не. Наместо работите да се подобрат баш кога се појавува интересен тип во нејзиниот живот, нејзиниот не-баш совршен живот дополнително се распаѓа кога нејзината супер-успешна шефица Деметра ја брка од работа.
Сите надежи на Кејти паѓаат во вода. Мора да се врати дома во Сомерсет, каде што ќе му помага на татко ѝ со нов бизнис за гламурозно кампирање на нивната фарма.
Тогаш Деметра и нејзиното семејство се појавуваат на одмор на фармата и Кејти ја добива својата шанса.
Но дали треба да ѝ се одмазди на жената што ѝ ги уништи соништата или да се обиде да си ја врати работата?
И дали Деметра, жената која има сè, навистина има толку идиличен живот како што изгледа? Или ни нејзиниот не е баш совршен?

А. Ј. | Црнобело
