Три книги полни со топлина, во кои ќе уживаат и децата и возрасните

Ако решите на своите најмили да им ги читате на глас овие книги, тие ќе ве поврзат, а целиот момент ќе се претвори во вистинско семејно уживање.

tri-knigi-ispolneti-so-toplina-vo-koi-kje-uzhivaat-i-decata-i-vozrasnite-01.jpg

Кога деца се главни ликови во книгите, во страниците исполнети со убави приказни и топлина, подеднакво може да уживаат и возрасните и децата.

Затоа, овој викенд ви препорачуваме три книги, кои спаѓаат во оваа категорија - одлични четива во чие читање подеднакво ќе уживаат и децата и возрасните.

А, ако решите на своите најмили да им ги читате на глас овие книги, тогаш целиот момент ќе стане вистинско семејно уживање.

Па зошто да не пробате?

„Салто“ од Арндис Тораринсдотир

Алвур има дванаесет години и живее за гимнастиката. Негова најголема желба е еден ден да настапи на Олимписките игри и да патува во Јужна Америка со својот најдобар пријател Рагнар.

Но додека Рагнар е успешен во сè и изгледа како да има совршен живот, Алвур постојано се сомнева во себе и се плаши од мислењето на другите.

Кога тимот добива покана да патува во Бразил, Алвур очајно посакува да биде избран. Но токму тогаш на неговиот сакан помал брат Еики му дијагностицираат аутизам.

Алвур одбива да поверува дека Еики е различен и чувствува дека никој не го разбира.

Во потрага по одговори и сила, тој тајно ја контактира својата мистериозна тетка Харпа, поранешна олимписка шампионка во гимнастика, која по страшниот пад ги прекинала сите врски со семејството и светот.

Ова е трогателна приказна за братската љубов, за борбата со сопствените стравови и за пронаоѓањето на храброста токму онаму каде што најмалку ја очекуваме.

tri-knigi-ispolneti-so-toplina-vo-koi-kje-uzhivaat-i-decata-i-vozrasnite-02.jpg

„Киндерленд“ од Лилјана Коробка

Моќен роман за детството, напуштањето и издржливоста. Кога родителите заминуваат на печалба во странство, 12-годишната Кристина е принудена да се грижи за своите две помали братчиња.

Оставена во малото молдавско село во кое живеат речиси само деца и старци, Кристина нема друг избор освен да го носи товарот на животот на возрасна жена - да готви, да чисти и да ги чува братчињата и истовремено да се соочи со осамата, тагата и копнежот што ја обземаат поради прерано изгубеното детство.

Низ нејзините очи, романот го истражува длабокото влијание на економската миграција врз семејствата, особено врз децата обременети со родителски обврски несоодветни за нивната кревка возраст.

Во селото обележано од отсуството, напуштените деца, кои сепак се полни со надеж, се сеќаваат на нивните родители низ ритуали и обичаи, низ нивната бујна имагинација.

Додека се борат со чувството на напуштеност, наоѓаат утеха во избледените спомени од семејниот живот.

tri-knigi-ispolneti-so-toplina-vo-koi-kje-uzhivaat-i-decata-i-vozrasnite-03.jpg

„Тунел“ од Ана Волц

Бомбардирањето врз Лондон почнува, а воздушните напади траат со месеци. Секоја вечер, десетици илјади луѓе се засолнуваат во подземјето: спијат на платформи, на ескалатори, до шините.

И таму, длабоко под земјата, се запознаваат четворица млади.

Квин има петнаесет години. Таа побегнала од дома со торба полна накит и сака да го смени светот.

Себастијан е постариот брат на Квин, но таа не го спомнува неговото име. За неговото семејство, тој повеќе не постои.

Џеј има изгубено сѐ, па не му е гајле за правилата.

Ела има 14 години и таа ја раскажува приказната - се чувствува невидливо, особено поради болеста во изминатата година.

Но, тогаш се појавува тунелот.

tri-knigi-ispolneti-so-toplina-vo-koi-kje-uzhivaat-i-decata-i-vozrasnite-04.jpg

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Три книги од различни жанрови, кои ќе ве држат „будни“ до последната страница Историска драма за жени затворени во болница за душевни болести во Париз во 19 в...
3 книги со кои ќе се ослободите од негативните мисли Како да станете имуни на негативни мисли и чувства? Како да доживеете безусловна...
Книги од македонски автори кои мора да ги прочитате до крајот на 2025 Потрага по сериски убиец во Италија; млад брачен пар кој се соочува со морничави...
Ружица од Скопје: „Имам библиотека од 400 книги, читам во автобус на пат кон работа - Кои ми се омил... „Голем удел во мојата љубов кон книгите има библиотекарката од моето основно учи...
Теодора од Скопје: „Имам библиотека од 600 книги - Кои 5 ми се омилени?“ „Татко ми читаше стрипови, а мајка ми книги. Сѐ уште го памтам првиот пат кога в...
Анита од Берово е криминалист со страст за читање - Има 300 книги, кои пет ѝ се омилени? „Јас сум од генерацијата што немаше телефони, па љубов кон книгите е од почетоко...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg