Анита од Берово е криминалист со страст за читање - Има 300 книги, кои пет ѝ се омилени?
„Јас сум од генерацијата што немаше телефони, па мојата љубов кон книгите е од почетокот од школувањето. Читав книги од библиотеката на мајка ми и секоја година до четврто одделение си поставував задача да прочитам најмалку 6 книги во текот на распустот“ - Анита Перовска ги сподели своите препораки за книги CRNOBELO.com.

Aнита Перовска (31) од Берово студираше криминалистика на Факултетот за безбедност во Идризово, а до неодамна работи како агент за продажба за американска компанија.
Во моментов е во потрага по нова работа, па слободното време го посветува на она што најмногу ја исполнува - читањето книги, пишувањето осврти и креирањето содржина за нејзиниот книжевен профил на Инстаграм _serendipity.books_.
А тој е посветен на две жени, хероини во нејзините очи зашто ѝ ја вродиле љубовта кон читањето и мајчиниот јазик - нејзината учителка по македонски јазик од основно, Драгица, и професорката од средно, Надица.

За својата љубов кон книгите, Анита, за CRNOBELO.com, вели:
„Јас сум од генерацијата што немаше телефони, па мојата љубов кон книгите започна уште на самиот почеток од моето школување.
Читав книги од библиотеката на мајка ми, се сеќавам дека секоја година до четврто одделение си поставував задача да прочитам најмалку шест книги во текот на распустот.
Една од книгите која и ден денеска ја паметам е „Дружината братско стебло“ од Јован Стрезовски.

Особено драг ми е тој период, бидејќи така читањето ми прерасна во омилено хоби, покрај неколкуте други кои ги негував.
Мојата домашна библиотека моментално брои околу 300 книги од различни жанрови. Мојата комфорна зона се класиците, како старите, така и современите, од Толстој, Достоевски, Кафка, Булгаков, па сè до Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, Кундера, Буковски...

Обожавам поезија! Меѓу омилените ми се Есенин, Мајаковски, Руми и Тагоре, а најомилен - великанот на македонската поезија, Анте Поповски.
Зависно од времето, обврските и концетрацијата, месечно гледам да прочитам барем 4-5 книги, кои долго време после читањето ми се предмет на дискусија со моите книжевни пријатели.
Омилен период за читање ми е пред спиење, меѓутоа последните неколку месеци најмногу уживам да читам наутро во друштво на голема чаша какао“.

За нашите читатели, Анита направи и избор од свои 5 омилени книги, кои препорачува да се прочитаат:
„Absolvo Te“ од Георги Бардаров
Што се случува со човештвото? Кога дозволивме да нè надвладее ѕверското и самоуништувачко однесување? Кога излеговме од човечка кожа и го населивме демонот во нашето секојдневие?
Што успеа да го окупира нашиот ум и разум? Пари, моќ, авторитет, територија? Голи сме родени, голи ќе заминеме од овој свет, единствено делата ќе бидат трага дека некогаш сме постоеле. Или пак не…
Ова дело е сублимат на три животни приказни исполнети со преживување, верба, ѕверски ексцеси, конфликт на личност, компромиси, омраза и желба за одмазда.
Дали вреди да се помине секоја секунда од животот во константна војна со своето алтер его, додека пред тебе се случува колективен масакар.
И не само од физичка димензија, туку и од психичка која дури и денес се рефлектира на опстанокот на цивилизацијата. Во истата форма од пред многу години.
Макс Шевченко, Набил Назер, Ханс Штајнер се можеби само обични имиња, меѓутоа нивните приказни се траорни искуства чиј единствен лек е absolvo te.
Многу е чудно како животот знае да биде комплициран лавиринт сè додека не го пронајдеш вистинскиот пат. А кога ќе зачекориме по него, ја отвараме пандорината кутија на најголемите зла што светот ги искусил во своето постоење.
Втората светска војна, Холокаустот и концентрационите логори на нацистичка Германија а пропо арапско-израелскиот конфликт од 80-тите години на 20 век кој и ден денеска зад себе пустоши и остава милион жртви.
Невини жртви... Детски животи и сништа згаснувале и сè уште згаснуваат уште пред и да почнат.
Ова дело во основата ја содржи филозофската траекторија на злосторството, казната и простувањето од различни гледишта.
Дали сме подготвени да му простиме на друг човек она што не би си го простиле сами на себе? Одговорот на секое прашање е Absolvo te.
Феноменален наративен опус, прецизно обработени ликови до степен да се запрашаш дали цивилизацијата направила минорен чекор во својот развој или сè уште тлее и егзистира на милионите несреќни луѓе кои немале можност да простат.

„Кројцерова соната“ од Лав Н. Толстој
Големината на Толстој за и во книжевните кулоари ја сфатив после читањето на „Кројцерова соната“.
Неговите дела не смеат да бидат предмет на аматерско читање за да се даде свој суд, туку апсолутно мора да подлежат на силна конекција помеѓу читателот и писателот.
Позднишев е само мостот помеѓу сите случувања и битките кои ги води самиот Толстој во рамките на системот во кој функционирал.
Преку ликот на Позднишев на еден маестрален начин ги обработува сите девијации кои постојат во секојдневните физички врски.
Љубомора, нееднаквост на половите, сексот и брачната заедница како несовршена форма на заедништво, потребата од целибат и апстиненција од телесни односи.
Користејќи ја средбата со непознат странец во возот, Позднишев ја разголува својата девијантност, најмногу изразена преку љубомората и гадењето од својата сопруга, колоквијално раскажувајќи му како неговиот скептицизам доведува до нејзина смрт.

