Анита од Берово е криминалист со страст за читање - Има 300 книги, кои пет ѝ се омилени?
„Атена со пенис“ од Александар Русјаков
„Атена со пенис“ е можеби скокотлива приказна поради насловот, меѓутоа нејзината суштина е реалното секојдневие, меѓучовечките односи, трулиот систем и деградираните вредности во секоја пора.
Русјаков е мајстор на сарказмот, а неговата комуникација со околината не е наменета за сензитивни карактери.
Сепак станува збор за повисок степен и широк дијапазон на изразување и книжевна артикулација на настаните.
На улица има многу умислени 'батиња' како Виктор, кои се надеваат на наследството од колено на колено, а на крај добиваат в рака, Атена со пенис.
Таквите турбофолк 'фаци' никогаш не можат да сфатат дека се 'хемороид на шупакот' на светот.
Додека постелите им ги 'мрсат певаљките во обид’, на суд ги 'распнуваат' сопругите кои ги оставиле ко крпа за бришење прашина.
Од друга страна, зад аголот, секогаш стои некој Боби Булдог, лик од маало кој е страв и трепет за сите.
Олицетворение на подземјето или што би рекол Русјаков, настинка од животот која знае да остави трајни последици.
Овој роман на Александар е темницата од која никој не сака да излезе како губитник.
А сепак, би рекла дека го портретирал просечниот Македонец со хируршка прецизност, чиниш нè опсервирал со векови на операциона маса.
Ликовите се толку живи и суштински разработени, мислиш седиш со нив на виски во некоја меана, додека во позадина со неартикулирани октави пее некоја неостварена ‘певаљка’.
Ако сакате да се насмеете со солзи, додека некој Ви ја фрла суровата реалност в лице, оваа книга е тоа што го барате. Делува како гликоза после бурна вечер.

„Блудниот син“ од Чарлс Буковски
Хенри Чарлс Буковски - брутален, експлицитен, вулгарен, а толку маестрален! Неповторлив ум, феноменален наратор, блудниот син кој остави ремек дела вредни да се препрочитуваат.
Тие се ексклузивно право на сите 'блудници' кои се верни на сопствените приказни. Неговите дела може да ги читаат само 'развратници' кои живеат без компромиси.
Аматерите во животот треба да го заобиколат книжевниот опус што му припаѓа нему и во ниту еден момент да не го коментираат неговиот кредибилитет.
Читателската критика насочена кон творештвото на Буковски мора да биде исклучиво автентична. Доживеана, вистинска!
„Блудниот син“ е почетокот на животната авантура на Буковски, на хартија пренесен низ ликот на Хенри Кинаски.
Наместо нежноста и вниманието за кои копнее во младоста, неговите физички аномалии му создаваат револт и константен судир со околината.
Репресиран и внатре во семејството, животот во заедница со авторитативен татко и покорна мајка, се главниот мотив да ја започне својата блудна историја.
Најсовршен одраз за големината на Буковски е токму автобиографската компонента на која се темели неговиот книжевен израз.

„Интимност“ од Ханиф Курејши
Оваа новела е соголување! Душевно, телесно, умствено, егзистенцијално...
Низ овие страници ќе наидете на набрекнати брадавици и скршено либидо. Не само физичко!
Ќе талкате и низ згаснати емоции, емоционална дискрепанца и желба за нешто туѓо.
Интимноста е можеби преседан кога станува збор за дуалноста на човечката личност.
Фрли го каменот, ако не си посакал нешто што не ти припаѓа, примамливо и совршено во твоите раце и фантазија.
Најголема провокација за едно човечко битие е желбата за слобода и освојување истовремено.
На тој пат, скоро секогаш откриваме непознати работи за самите себе, или, пак, ги отстрануваме сите маски и му даваме шанса на нашето алтер его да проработи.
Би рекла да нè спаси од амбисот. Или пак целосно да нè уништи!
Интимноста не е театар, таа е возвишено чувство на припадност. Некому, на себе!
Внатрешните бури поттикнати од ниски страсти, скоро секогаш носат флагрантни последици.
Тие се можеби најтажните ноќи во животот на еден човек, бидејќи тогаш заминува молкум и никогаш повеќе не се враќа.
Сите ние во даден момент сме биле блудни синови и ќерки. Во потрага по ‘сладок грев’, најголема победа на секој блудник е самооткривањето.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
