Теодора од Скопје: „Имам библиотека од 600 книги - Кои 5 ми се омилени?“
„Татко ми читаше стрипови, а мајка ми книги. Сѐ уште го памтам првиот пат кога влегов во книжарница - имав околу 10 години и бев толку воодушевена што не знаев каде попрво да истражувам“, вели Теодора Стојковска за CRNOBELO.com и за нашите читатели препорача 5 книги.

Теодора Стојковска (29) од Скопје е ко-сопственик на пет-шоп но и страстен читател кој секојдневно се обидува да ја пренесе магијата на пишаниот збор преку својот Инстаграм профил @xx.bookaholic.
Теодора таму рекреира сцени од книгите, споделува рецензии, препораки, размислувања за бенефитите од читањето.

Но, таму споделува и интервјуа со домашни и светски автори во рамките на нејзината колумна „Капки од мастило“.
„На овој начин создавам заедница во која книгите се повод за искрени разговори и поврзување“, вели таа за CRNOBELO.com.

Љубовта кон пишаниот збор кај неа постои од најмала возраст, а вистински „виновници“ за ова се нејзините родители.
„Татко ми читаше стрипови, а мајка ми книги. Сѐ уште го памтам првиот пат кога влегов во книжарница - имав околу 10 години и бев толку воодушевена што не знаев каде попрво да истражувам.
Токму тогаш ги добив моите први серијали - „Хрониките на Нарнија“ и „Дневникот на принцезата“ - и таму започна моето вистинско книжевно патување.
Мојата љубов кон книгите продолжи да расте низ годините. Сѐ до факултет најчесто позајмував книги од библиотека и досега имам прочитано над 1.000 книги на македонски и англиски јазик.

Откако почнав да работам, започнав и да си купувам книги, па денес мојата домашна библиотека брои над 600 наслови - мој мал, личен свет.
Обожавам да читам трилери, мистерии, историски драми, романси, фантазии, научна фантастика и мотивациски книги, раскажани како приказна.
Дел од авторите кои навистина ги обожавам и чии книги ги купувам без размислување се: Лиса Клејпас, Донато Каризи, Крис Картер, Лиса Гарднер, Мелани Добсон, Џоди Пико, Мет Хејг, Себастијан Фицек, Кристин Хана, Елој Морено и Карлос Руиз Зафон“.

По толкав број прочитани книги, тешко ми е да издвојам омилени, но ќе споделам неколку кои ми оставиле длабок впечаток:
„Земја“, Елој Морено
Ова е една од оние книги што не се читаат само еднаш туку останува со вас долго по завршувањето на приказната.
Приказна што започнува како спектакуларно ријалити шоу за првата колонија на Марс, а се претвора во мрачна, интелигентна и вознемирувачки реална игра со вистината, моќта и човечката природа.
По смртта на медиумски магнат кој го контролира светот преку телевизија и социјални мрежи, неговите деца мораат да завршат мистериозна игра создадена уште во нивното детство.
Но колку повеќе се доближуваат до вистината, толку повеќе сфаќаат дека не секоја вистина треба да биде откриена.
Книга што зборува за зависноста од медиумите, манипулацијата, алчноста и иднината на човештвото на начин што те тера да застанеш и да размислиш.
Фасцинирана сум од ова дело и секогаш ќе го препорачувам.

