Теодора од Скопје: „Имам библиотека од 600 книги - Кои 5 ми се омилени?“
„Куќата на Фостер Хил“, Џејми Џо Рајт
Оваа книга на прв поглед изгледа како класичен хорор - стара морничава куќа, мрачни тајни и чувство дека нешто демне зад секој агол.
Но, всушност, станува збор за одлично исплетена мистерија што постојано ве тера да се сомневате во сè.
Приказната ја следи Кејн, жена што по трагичната смрт на сопругот се обидува да започне одново во стара куќа со мрачно минато.
Паралелно, еден век порано, Ајви се обидува да ја открие вистината зад мистериозно убиство поврзано со истата куќа.
Меѓутоа куќата крие нешто далеку помрачно од само едно убиство.
Најмногу ми се допадна начинот на кој минатото и сегашноста се испреплетуваат, откривајќи дел по дел морничави тајни што со години биле закопани.
Атмосферата е темна и напната, а мистеријата ве држи приковани до последната страница.

„Кој е твојот сон?“, Сајмон Сквиб
„Кој е твојот сон?“ не е класична мотивациска книга што држи лекции и цитати без душа.
Напротив, Сајмон Сквиб, преку сопствените подеми, падови и животни искуства покажува како изгледа патот до успехот - суров, тежок, но возможен.
Од бездомник на само петнаесет години до успешен бизнисмен, тој раскажува инспиративна приказна што тера да се запрашаме што навистина сакаме од животот.
Особено ми се допадна што покрај неговата приказна, споделува и примери од други успешни луѓе, па книгата делува реално, искрено и многу мотивирачки без да биде нападна.
Од неа научив многу важни работи за стравот, ризикот, соништата и вербата во себе.

„Дамски Гамбит“, Волтер Тевис
„Дамски гамбит“ е книга што на брилијантен и многу реален начин ја прикажува тежината што често ја носат генијалните умови.
Преку приказната на Бет Хармон - сираче кое открива неверојатен талент за шах - романот навлегува во осаменоста, зависностите и постојаната борба да се замолчат гласовите во сопствената глава.
Додека Бет се искачува кон врвот на шаховскиот свет, таа мора да се избори не само со противниците пред себе, туку и со сопствените демони.
Книгата совршено ја доловува и позицијата на жената во свет доминиран од мажи, каде што секој нејзин потег е потценет, а секоја победа мора двојно да ја заслужи.
Со напната атмосфера, длабока психологија и неверојатно прикажан шах, ова е приказна за генијалноста, зависноста и цената на успехот.

„Жените“, Кристин Хана
Интимна, сурова и длабоко емотивна приказна за една млада жена фрлена во пеколот на Виетнамската војна.
Френки, воспитана во сигурен и заштитен свет, решава да го напушти удобниот живот и како медицинска сестра да замине во војна, верувајќи дека и жените можат да бидат херои.
Но таму се соочува со хаос, загуби, страв и трауми што засекогаш ја менуваат.
Книгата моќно ги прикажува животот пред, за време и по војната, како и невидливите битки што продолжуваат и кога оружјата ќе замолчат.
Најмногу ме растревожи начинот на кој авторката ја доловува болката, осаменоста и скршеноста на Френки - посакував само да можам да ја прегрнам.
Приказна што буди силни емоции и остава тежина.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
