Maкедонски нутриционист одговара за CRNOBELO: „Дали спанаќот смее да се подгрева?“
„Дали смее да се подгрева спанаќот? Дали смее да се меша со метална лажица? Дали треба да се чува во фрижидер или на собна температура? И како e најдобро да се мие - дали со сода?“, нутриционистот Антонио Велковски и ни ги решава вечните дилеми за зеленчукот, кој е супер-храна.

Антонио Велковски е магистер по нутриционизам и работи како нутриционист повеќе од 5 години. Тој сега за CRNOBELO.com ќе дава одговори на прашањата кои најчесто ги мачат луѓето кога станува збор за храната, приготвувањето и складирањето на истата.
Една од најголемите дилеми кои домаќинките и домаќините ја имаат е онаа за спанаќот, односно:
Дали смее да се подгрева спанаќот? Дали смее да се меша со метална лажица?
Дали треба да се чува во фрижидер или на собна температура? И како e најдобро да се мие - дали со сода?

Одговорот од нутриционистот Антонио Велковски:
„Спанаќот е вистинска супер-храна, но околу неговото подготвување и чување постојат многу митови кои често нè збунуваат.
Дали смее да се подгрева е можеби најголемата дилема.
Краткиот одговор е: да, но под специфични услови.

Проблемот со спанаќот се нитратите, кои сами по себе не се штетни, но кога зготвениот спанаќ стои долго на собна температура, бактериите ги претвораат нитратите во нитрити.
Нитритите можат да бидат проблематични бидејќи во високи, токсични дози влијаат врз способноста на крвта да пренесува кислород (особено кај бебињата и кај лица со специфична здравствена состојба).
Затоа по правило, ако не планирате веднаш да го јадете, веднаш по готвењето спанаќот, откако ќе се излади (околу 2-3 часа) веднаш да се смести во фрижидер.

Потоа, може да се подгрее само еднаш и тоа брзо, на висока температура. Ако спанаќот стоел на собна температура повеќе од два часа, подобро е да не се ризикува со подгревање.
Мешањето со метална лажица е стар кујнски мит кој потекнува од времињата кога садовите и приборот се правеле од бакар или алуминиум без заштитен слој.

Денешниот прибор од не’рѓосувачки челик (инокс) е целосно безбеден и не реагира со киселините во спанаќот.
Зошто некои сè уште избегнуваат метал? Спанаќот содржи оксална киселина која теоретски може да реагира со одредени метали, но со модерен прибор нема никаков проблем.

