Maкедонски нутриционист одговара за CRNOBELO: „Дали месото (не) треба да се мие пред готвење?“
„Многумина од нас пораснале гледајќи како месото задолжително се мие под чешма, но реалноста е дека местото НЕ ТРЕБА да се мие пред готвење. И детално ќе ви објаснам зошто...“, вели нутриционистот Антонио Велковски и дава строго предупредување како може да ги рашириме бактериите.

Антонио Велковски е магистер по нутриционизам и работи како нутриционист повеќе од 5 години. Тој сега за CRNOBELO.com ќе дава одговори на прашањата кои најчесто ги мачат луѓето кога станува збор за храната, приготвувањето и складирањето на истата.

Прочитајте и Maкедонски нутриционист одговара за CRNOBELO: „Дали спанаќот смее да се подгрева?“
Една од најголемите дилеми кои домаќинките и домаќините ја имаат е онаа за месото, односно дали треба да се мие пред готвење или не:
„Ова е едно од оние прашања каде што науката и кујнската традиција често се судираат.
Иако многумина од нас пораснале гледајќи како месото задолжително се мие под чешма, современата наука има малку поразличен став.

Експертите за безбедност на храната препорачуваат месото да не се мие.
Иако намерата е да се исчисти месото, ефектот е всушност спротивен и може да биде опасен по здравјето.
Прва и главна причина е ширењето бактерии при т.н. вкрстена контаминација.
Кога го ставаме месото под млаз вода, таа прска на сите страни. Овие ситни капки вода, кои често се невидливи за окото, со себе носат бактерии (како Salmonella или Campylobacter) од површината на месото.

Бактериите потоа завршуваат на мијалникот, на работната површина, на чистите садови, па дури и на облеката или на храната што се јаде свежа (како салата).
Тоа е таа „вкрстена контаминација“.

Самото миење со обична вода не е доволно силно за да ги отстрани или убие микроорганизмите кои се цврсто прилепени за месото.
Единствениот сигурен начин да се уништат сите штетни бактерии е - термичката обработка (печење, варење или пржење) на соодветна температура.
Со еден збор, да им дозволиме на шпоретот или на рерната да ја завршат работата за дезинфекција – топлината е најдобриот „чистач“ за месото.
