Нина Ангеловска за престојот во Кина со сопругот и бебето: „Овошје на тезга се плаќа со QR код, во хотелот нè услужуваат два робота“
- Детали
- понеделник, 12 мај 2025
„Во град од 15 милиони жители нарачките на намирници стигаат за 10-15 минути, а кога гледаме тука вести доминантно темите се за новините во примената на вештачката интелигенција во сите сфери“, вели Нина Ангеловска Станков (36) од Скопје која извесен период ќе живее во Кина со сопругот и 9-месечниот син.
Нина Ангеловска Станков (36) од Скопје е директор за меѓународна експанзија во Ananas E-commerce, а моментално престојува и работи во Кина на друга позиција привремено, за развој на партнерства и sourcing (набавки).
Претседателка е на Асоцијацијата за е-трговија, на Балканската Алијанса за е-трговија и на Алијансата за родова еднаковост на работното место.
Во брак е речиси 2 години, а со сопругот Виктор Станков (доктор-уролог на Универзитетската клиника за урологија) го имаат синот Стефан, кој има 9 месеци.
Нина за CRNOBELO.com ги споделува искуствата од престојот во Кина:
Колку ќе трае твојот престој во Кина, кој е поводот и дали се колебаше дали да тргнеш со мало бебе?
Поводот беше сплет на околности, односно се укажа можност која што фамилијарно одлучивме да ја прифатиме.
Често кога сум зборувала за мојот кариерен пат кажувам дека заеднички именител е препознавањето и прифаќањето на можностите кои ми се укажувале некако непланирано (спонтано) низ годините. Така тука сме фамилијарно и работно.
Минатата година мојот сопруг имаше чест да биде предавач на конгрес во Кина, каде доби покана за студиска програма тука во Гуангжоу (Guangzhou) - се работи за „fellowship“ програма за роботска хирургија на еминентната глобална организација „Endourological Society”.
Откако веќе беше примен и јас добив понуда на работа, привремено да преземам нова позиција за развој на бизнис соработки и набавки во Кина, кога веќе планирав да го посетам.
Така што од породилно отсуство се вратив на нова работна улога на нов континент.
Виктор е тука од март, а неговата програма е со времетраење од една година, додека јас, Стефан и татко ми дојдовме во април и тука ќе сме до јуни иницијално, па ќе видиме до крајот на годината веројатно ќе се вратиме на уште неколку месеци.
Немаше колебање за доаѓањето, но имаше позитивна трема и подготовки психички за промената, секако со бебе е сосема друго и приоритетот е секогаш на него.
Како помина патот со бебенце? Кои беа најстресни мигови, некои трикови како си олесни?
Патувавме заедно со татко ми, кој ми е неизмерна поддршка тука. Ако тој не се нафатеше да дојде за да го чува Стефан веројатно ќе дојдев сама со Стефан на пократок период туристички, без работните ангажмани.
Патот беше околу 15 часа преку Истанбул, а добро е што беше ноќен лет, па така Стефан повеќето од патот го преспа, иако секако со будења и презаспивања.
Ова ми беше прв долг лет со бебе, па сега ги научив поволностите, како што е опцијата за корпа за бебе која се резервира однапред, достапна на првиот ред седишта.
Друга поволност е што со бебе нема чекање редови никаде, секаде имате приоритет.
Стресно е самото патување и сите моменти кога плаче, а сте во авион со куп патници околу вас.
Не се пријатни, но имавме и такви моменти, среќа беа само на првиот лет од Скопје до Истанбул, додека на вториот беа при крај миговите кога потребата за анимирање беше на високо ниво за да остане мирен.
Како се адаптираше бебето на кинеската средина и дали лесно се наоѓаш соодветни производи за бебиња (пелени, храна, облека)?
За почеток носев работи од Скопје додека да научиме што и од каде ќе се снабдуваме тука.
Пелени на пример има и тука Памперс, не секаде ама онлајн може да се нарача, а тоа го правиме со асистенција од локалец бидејќи сè е на кинески.
За храна некои производи носев од Македонија, додека зеленчук, овошје, месо, риба, јајца купуваме тука.
Си најдовме локални продавници каде сме редовни за овие работи. Облека за него носев, ама секако тоа е најмал проблем тука.
Колку често се среќавате со роботи во секојдневието? Некои најинтересно искуство?
Секојдневно се среќаваме, затоа што во хотелот каде што престојуваме има два роботи кои се користат за одредена собна послуга, за достава на пратки и слични задачи.
Во секој случај покрај ваквиот тип на роботи кои се користат во услужните сектори, не е дека се секојдневие друг тип на роботи.
Содржините на Инстаграм кои ги гледаме во кои е прикажано многу повеќе од ова, и достава со дронови и слично се малку претерани, барем од моето досегашно искуство тие работи не ги гледам во секојдневието.
Во секој случај технолошки државата е исклучително многу развиена.
На пример кога гледаме тука вести доминантно темите се за новините во примената на вештачката интелигенција во сите сфери.
Колку кинеските градови се прилагодени за бебешки колички? Каква е хигиената? Има ли паркови и детски игралишта?
Големите зелени паркови со флора како шуми, кои ги има во изобилие, се дефинитивно едно позитивно изненадување за мене.
Чистотата исто така. Кинезите работат буквално 24/7, во кое било време и да излезете или прошетате и надворешните и внатрешните простории се чисти, нон-стоп се брише, се метат и мијат улици, се кастрат дрвја.. Затоа и градот изгледа така - модерен, среден, чист и зелен.
Пред да дојдам, некои пријатели ме предупредуваа за загадувањето на воздухот, а доаѓајќи од така загаден град како Скопје ми беше чудно и се прашував дали е позагаден, но во разговор со локалци ми кажаа дека пред неколку години бил загаден, а по интервенции и одлуки од Владата, половина од возилата денес се електрични, со што го регулирале предизвикот со загадувањето.
Така на пример и такси возилата се електрични, а возењето е многу евтино.
Друго е чувството на безбедност, секаде има чувари кои се грижат за безбедноста и почитувањето на правилата, а исто така неретко околу се забележуваат камери кои снимаат постојано.
Инфраструктурата во градот е одлична и за така голем град, прилично брзо се стигнува од едно до друго место.
Во секој случај кога станува збор за количка, потешко е преоѓањето на мостовите кои се многу високи, а и покрај тоа што имаат рампи за велосипеди и мопеди, истите се тесни за поголеми колички како нашата.
Што се однесува до игралишта за деца - ги има многу и се полни со деца кои си играат како кај нас на времето.
За Стефан е рано ама одиме на вакви места, многу сака да гледа деца како си играат, веројатно за сите бебиња важи тоа дека сакаат деца.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:



