Нина Ангеловска за престојот во Кина со сопругот и бебето: „Овошје на тезга се плаќа со QR код, во хотелот нè услужуваат два робота“
Кои документи беа потребни за престој на бебето во Кина? Имаше ли некои посебни услови?
За престој до 30 дена во Кина не е потребна виза, но секако ние сме подолго, па извадивме виза.
Процесот е едноставен, онлајн се аплицира и потоа се оди во амбасадата кај нас.
Документите не се комплицирани и се зависно за кој тип на виза аплицирате, ние од документи практично приложивме само писмо за покана.
Има ли многу странци? Како Кинезите гледаат на нив?
Зависи каде се движите, но во главно и да има многу во вака голем град со олку народ нема да личат „многу“.
Јас изминатиов период повеќе од времето сум на Canton Fair, најголемиот саем за извоз-увоз во светот, па секако таму доминантно се странци од секаде од светот.
Саемот оваа година е посетен од над 250.000 луѓе кои доаѓаат во потрага по производи, добавувачи или да се информираат за трендовите и новините во своите индустрии.
Што се однесува до третманот кон странците, гостопримството и односот е на исклучително високо ниво.
Честопати кога зборуваме за земји во Западна Европа викаме дека каде и да одиш ќе се чувствуваш како странец што е метафора да кажеме дека сме во подредена позиција. Тука перцепцијата досега ми е дека е обратно.
Во секој случај јазикот е голем недостаток, па странец тука без апликација за превод не може да функционира.
Која особина кај Кинезите ти се допаѓа најмногу, а која најмалку?
Можеби има една иста особина која може да се каже во исто време и најмногу и најмалку ми се допаѓа.
Знаете кога ќе кажеме сè што е претерано не чини... веројатно тоа важи за сè, па така и за љубезноста или гостопримливоста.
Што ви беше најголем предизвик кога пристигнавте?
Па, немам еден да издвојам како најголем, самата адаптација беше предизвик, да се организираме како ќе функционираме, да воспоставиме нови ритуали и рутини на новото привремено место за живот.
Мене лично ми требаше малку време да сфатам дека ако сакам нешто да прашам или побарам морам да отворам апликација за превод и да зборувам на телефонот, па преведеното на кинески да му го покажам на човекот, наместо директно на англиски.
Исто така, ако нешто ми треба да нарачам онлајн за дома, тука сè уште немам независност, односно барам помош од локалец од хотелот.
Што најмногу ве изненади позитивно за животот таму?
Нивниот позитивен „мајндсет”, односно начин на размислување и смиреност.
Исклучително се вредни и работат многу, а не се жалат или фалат за тоа. Некако се прават со леснотија.
Нема претенциозност, надменост или его, отворени се за соработка и нудат помош и поддршка.
Друго позитивно изненадување, кое можеби веќе го спомнав, е како технологијата е длабоко интегрирана во секојдневниот живот, со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганизирано.
Бидејќи веќе имам многу контакти тука, може да кажам дека друго изненадување ми е тоа што комуникацијата за работа ја обавуваат во секое време, дење, ноќе, за време на викенди...
Кај нас тоа да го правите или особено во Европа ќе бидете опоменати односно не се смета за културно некого да контактирате после работно време или уште повеќе за време на викенди, кај нив е сосема нормално.
Кои се најзабавните технолошки изуми со кои се сретна таму?
Едно од највпечатливите искуства тука за мене се супер-апликациите како AliPay и Wechat, кои се многу повеќе од платежни алатки и алатки за комуникација, практично се своевидни „светови“ во кои живее целата секојдневна логистика на луѓето.
Речиси сè се извршува преку овие апликации - комуницирање, плаќање за што било и каде било, купување онлајн, букирање превоз или патување, изнајмување велосипед, практично е како да ги имате WhatsApp + Facebook + PayPal + Uber + Amazon во една супер апликација.
Пред да дојдам знаев дека мобилните плаќања се интегрирани целосно во секојдневието, но пак е позитивно изненадување искуството како „локалец“ тука.
Дополнително ‘translate’ функцијата за превод овозможува странец да се снајде и да ги користи и другите функции на страна од плаќањето и комуницирањето.
Речиси сè е на база на QR код скенирање, било да е тоа да се поврзете со некого на WeChat или да платите овошје на тезга - секој има за сè QR код за скенирање.
Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран. Купувањето онлајн е дел од секојдневието за милиони луѓе, и тоа не само преку класични веб-страници, туку главно преку мобилни апликации како Taobao, JD, Pinduoduo и слични.
Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура - од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана.
Доставата на пратки е неверојатно брза, често во рок од 24 часа, па дури и истиот ден во поголемите градови како Гуангжоу кој има околу 15 милиони жители, а заедно со околината дури и 19.
Тоа е возможно благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата (каде што роботи ги собираат и пакуваат нарачките); интегрирани логистички системи што веднаш ја доделуваат нарачката на најблискиот курир; достава со лесни електрични возила - најчесто електрични скутери (e-scooters) и мали електрични комбенца.
Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, па на секој чекор има пакетомати (smart lockers) за самостојно подигнување на пратките.
Quick e-commerce тука е супер-брз во права смисла на зборот, нарачките на намирници стигаат за 10-15 мин.
Во толкав град импресивно е како толку брзо сè се доставува, а тоа е благодарение на технологијата.
Исто така, интересно е да се види како се користи AI технологијата во многу аспекти - така на пример на влезот на Canton Fair, и покрај илјадници посетители секој ден, влезот се одвива неверојатно брзо и ефикасно, благодарение на интегрираниот AI recognition (препознавање со помош на вештачката интелигенција).
Речиси сите уреди се „паметни“ или „електронски“ – од smart WC шолји, до роботи кои се користат за доставување храна, за чистење или за помош во хотелите и ресторани.
Во Кина, технологијата навистина е интегрирана во секој аспект од секојдневниот живот, на начин што го олеснува функционирањето и животот.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:



