Катерина Краљевска: „Со сопругот и 3-те деца живееме во предградие на Стокхолм, тука децата носат облека од втора рака“
- Детали
- среда, 18 февруари 2026
„Живееме на околу 40 минути од центарот со автомобил. Тука си купивме куќа и живееме јас, сопругот, нашите три деца и кучето. Отсекогаш ми се допаѓал шведскиот менталитет за растење деца. Тука им се дозволува на децата навистина да бидат деца – да играат, да се извалкаат, да истражуваат, без разлика дали врне дожд или паѓа снег“, вели Катерина Краљевска (30), која има родители Македонци, но е родена во Стокхолм, а сопругот се преселил таму во име на нивната љубов.

Катерина Краљевска (30) родена е во Стокхолм, и таму живееме заедно со сопругот Симеон Краљевски (31). Тие имаат сопствен бизнис.
Нејзините родители, како и нејзиниот сопруг, се од Скопје.
Катерина и Симеон се запознале во Скопје во 2016 година, а тој се преселил во Шведска во 2018 година.
Таа ја обожава оваа земја за живот и особено ѝ се допаѓа што расте деца токму таму.
Катерина за CRNOBELO.com споделува детали за животот таму:
Дали Шведска беше избор или судбина?
Моите родители се преселиле во Шведска во 1992 година и јас сум родена тука.
Сопругот се пресели во 2018 година, кога се венчавме во матично.

Како реагираа вашите семејства на одлуката за преселба?
Неговото семејство реагираше позитивно на одлуката за преселба, бидејќи знаеја дека доаѓа за да започне заеднички живот со мене.

Каде точно живеете?
Живееме во предградие на Стокхолм, на околу 40 минути од центарот со автомобил. Тука си купивме куќа и живееме јас, сопругот, нашите три деца и кучето.
Добро сме прифатени и се чувствуваме како дома.

Како е да се растат деца во Шведска? Што прават поинаку Швеѓаните?
Отсекогаш ми се допаѓал шведскиот менталитет за растење деца. Тука им се дозволува на децата навистина да бидат деца – да играат, да се извалкаат, да истражуваат, без разлика дали врне дожд или паѓа снег.
Како што велат тука: „Нема лошо време, има само лоша облека“.
Моето искуство е дека во Македонија родителите генерално се построги и позаштитнички.
Често кога пријателки од Скопје ќе ме видат колку сум „опуштена“ со децата, им е чудно.

Сепак, откако поминавме подолг период во Скопје за Нова година (околу еден месец), малку ми се смени мислењето.
Има убавини и во македонскиот начин на родителство, а особено ми се допаднаа бројните игротеки и play-café места, кои ги има речиси во секоја населба. Во Стокхолм ги има, но се поголеми и поретки.

Друга разлика е што во Шведска децата се охрабруваат повеќе да истражуваат. Ако паднат и малку се удрат – тоа се смета за нормално.
Кај нас, пак, често има поголем страв и претпазливост, што според мене може да им пренесе страв и на самите деца.
На пример, овде секое дете од три месеци возраст се носи на базен за да се навикне на вода.
Ние одиме на пливање секоја недела, без разлика дали е лето или зима. Кога тоа ќе го спомнам на пријателки од Македонија, им звучи навистина необично.

