Татјана од Радовиш живее во Швајцарија: „Ги спакувавме куферите со сопругот, за двете ќерки да растат во средена држава“
- Детали
- вторник, 21 октомври 2025
„Моите ќерки беа многу мали кога дојдовме тука – едната имаше само 1 година, а другата две. Денес тие имаат 11 и 12 години, а благодарение на тоа што веднаш влегоа во средина со други деца, релативно брзо го совладаа германскиот јазик“, вели Татјана (32) од Радовиш, која живее во Лис, но годинава по 12 години брак направи голема македонска свадбена прослава.

Татјана Николова (32) од Радовиш живее во Лис (Lyss), Швајцарија со сопругот, со кого е 12 години во брак и има две ќерки, Нела (11) и Лара (10) години.
Татјана открива дека во Швајцарија недела е ден за тишина – тогаш не се коси трева, не се користат машини и се очекува мир во зградите и маалата. Тоа е дел од нивната култура на почитување на другиот.
И вели дека она што најмногу вреди во нивниот систем на образование е тоа што децата тука прават „Lehre“ – односно паралелно и учат и работат.
За таа работа добиваат одредена сума на плата, која последователно во 3-4 години е различна, што им овозможува рано да станат самостојни.
Татјана за CRNOBELO.com споделува како изгледа животот во Швајцарија:
Колку време живееш во Швајцарија и како се одлучи на ваков чекор?
Во Швајцарија сум од 2017 година. Всушност, никогаш немав план да ја напуштам мојата татковина.
Имав големи соништа и јасна визија за тоа како би изгледал мојот живот во Македонија.
Но, уште на 14-годишна возраст, еден партиски вработен човек ми „ги пресече крилјата“ со кои сакав да летам високо над Македонија – не ми дозволија да се запишам на правната насока во средното училиште во Струмица, иако имав документи во рака и просек 5.
Тогаш сфатив дека во Македонија не секогаш се вреднува знаењето, туку нешто друго.
Наместо право, се запишав во медицинското училиште во Штип, каде што мојот труд и знаење беа ценети, но тоа не беше мојата прва желба.
Тоа беше денот кога се роди мислата дека можеби мојата вредност ќе биде препознаена во друга земја.

Зошто токму Швајцарија?
Уште од мала имав замисла и визија – сакав да живеам во чиста, уредена земја, со чист воздух и од сите страни да бидам опкружена со пејзаж од природна убавина.
По завршувањето на средното училиште добив понуда да работам како дадилка во Швајцарија.
Искрено, цела ноќ размислував и имав несоница, бидејќи нели не секогаш е лесно да се носат одлуки кога е во прашање некоја важна животна цел, но на крај решив и прифатив.
Тоа беа 3 месеци, далеку од татковината, фамилијата, луѓе кои првпат ги среќаваш, јазик за мене непознат, ново опкружување, нова култура и менталитет.
Не беше лесно, но беше едноставно за прифаќање, бидејќи таа слика беше визија за моето секојдневие за во иднина.
Додека престојував таму, научив како функционира системот во државата и си реков: „Ова е земјата што отсекогаш сум ја замислувала...“
Кога се вратив назад, се запознав со сопругот, кој во исто време исто така очекуваше понуда за работа во Швајцарија.
И двајцата бевме со иста мисла и цел – да побараме подобра иднина, прво за нас, а потоа и за нашите деца. Така сфативме дека токму Швајцарија е местото што ќе ја наслика нашата животна приказна.

Се заработува ли добро за живот таму? Со што се занимавате со сопругот? Како се одлучивте токму за ова?
За еден нормален живот – да. Платите во Швајцарија се направени така што секој, без разлика дали живее сам или има фамилија, може да си ги покрие сите трошоци, да си дозволи одмор и на крај да му остане нешто за заштеда.
Сè зависи, секако, од тоа со колку човек е задоволен и колку троши.
Јас и сопругот моментално работиме во магацин – ја спремаме робата за испорака за двата големи маркети „Денер“ и „Ланди“ низ цела Швајцарија.
За оваа работа се одлучивме бидејќи е флексибилна со смени, па имаме време и за децата, и за прошетки. Платата е адаптирана на животниот стандард.
Сепак, за во иднина имаме други планови во професионална смисла, бидејќи како што веќе споменав Швајцарија е земја која нуди многу можности за развој на кариерата (доколку имате доволно познавање на јазикот) – работата од соништата допрва ќе ја работиме, но за тоа е уште рано да откривам детали.

Што ти е најомилено од вашиот живот таму?
Најомилен ми е редот и сигурноста што владеат. Сè е организирано – од сообраќајот, па сè до најситните детали во секојдневието.
Многу ми значи тоа што децата растат во безбедна средина и имаат можности да се развиваат.
А, секако, тука е и природата – планини, езера, зелени паркови – вистински рај за душата.
Викендите често ги поминуваме во прошетки покрај езеро или знаменитости што го отсликува секој град низ Швајцарија. Тоа ми дава енергија и ми создава чувство дека навистина сум на вистинското место.
Овде секогаш можеш да излезеш на прошетка и да се чувствуваш смирено.

Што те нервира најмногу во оваа земја? Има ли предрасуди кон дојденците?
Најмногу ме нервира тоа што во последно време почнаа да се доселуваат многу луѓе од различни земји.
Тоа донесе големи промени во однос на културата и начинот на живот, што некогаш знае да создаде чувство дека Швајцарија веќе не е истата онаа мирна и уредна земја што ја знаев кога првпат дојдов, но сепак луѓето генерално се коректни и дури може да ти помогнат во одредени ситуации.
Но, со оглед на тоа дека тука се прават многу анализи и статистики, и ако нешто тргне во погрешна и непланирана насока веднаш реагираат и се преземаат мерки, затоа и не постојат причини за грижи.
Што се однесува до предрасудите – да, ги има, но тие повеќе доаѓаат од постарата генерација.
Помладите Швајцарци се многу поотворени и прифаќаат различности, додека постарите знаат да гледаат со недоверба на дојденците.
Што се однесува до дојденците, во Швајцарија речиси 27% од населението се странци, од кои голем дел се од Италија, Германија, Португалија и Франција, но има и значителен број од Балканот.

Какви се на поле професија Швајцарците? Скапо ли е многу?
Швајцарците се многу дисциплинирани, точни и професионални. На работното место се сериозни и очекуваат одговорност, но истовремено ја почитуваат приватноста и балансот помеѓу работата и слободното време.
Животот е скап – особено киријата, храната и услугите, па треба добро да се планираат трошоците.
Сепак, платите се доволни за нормален живот и за задоволување на секојдневните потреби, па дури и за одмор. Сè зависи колку човек троши и колку е задоволен со својот животен стил.
Јас и сопругот лично искусивме дека добро платената работа и правилното организирање на времето ни овозможија да имаме стабилен живот, време за децата и за забава, и истовремено да планираме идни проекти и соништа.
Ова ни покажува дека, со труд и организација, можеш да си создадеш живот на високо ниво и покрај високите трошоци.

