Петар од Пирава за патувањето во Лаос: „Завршив во затвор, но кога полицајците слушнаа Југославија, донесоа пиво“
- Детали
- четврток, 03 јули 2025
„Никогаш немав намера да дојдам во Азија. Во ноември лани бев испратен на конференција во Тајланд, со идеја да останам две недели... и ете, никогаш не се вратив“, вели Петар Прнарков за CRNOBELO.com, кој во 8 месеци прошета голем дел од континентот авантуристички, со својот ранец.

Петар Прнарков (29) по професија е Google Specialist. Работата од него не бара да е во канцеларија, па предностите на својата професија ги користи така што патува низ светот и паралелно со тоа - работи.
„Роден сум во Македонија, израснат во мојата најубава Пирава, но во моментов и веќе подолго време светот ми е дом, а ранецот ми е најверниот сопатник“ - вели за себе.
Петар патува низ Азија, и иако во изминативе месеци посети многу држави, и во секоја од нив се задржа по неколку недели, сепак, земјата што му оставила најголем впечаток е Лаос.
За својата азиска авантура, тој раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
Веќе подолго време патуваш низ Азија.. Од каде желбата да го посетиш овој континент? И дали кога тргна имаше агенда за тоа кои земји сакаш да ги видиш или одиш кај што те води патот?
Интересно е тоа што јас никогаш немав намера да дојдам во Азија.
Во ноември лани бев испратен на конференција во Тајланд, со идеја да останам две недели... и ете, никогаш не се вратив.
Така што, не, немаше агенда, немаше план. И тоа сум јас во кратки црти, спонтан, воден од моментот.
Верувам дека највредните животни искуства не можеш да ги испланираш. Плановите ретко раѓаат спомени за цел живот.

Ми спомна дека од сите досега посетени земји, најверојатно најсилен впечаток ти остави Лаос. Кога беше таму, колку долго остана и кои делови од земјата ги виде?
Во Лаос останав еден месец. Интересен момент беше кога пристигнав, додека чекав виза - беа збунети каде се наоѓа Македонија.
Според нив, јас бев првиот Македонец во Лаос во 2025 година.
Го поминав Лаос од југ кон север, целосно на мотор и со дронот во ранец.
Ги посетив Луанг Прабанг, Ванг Виенг, Виентијан, Тхакхек, го направив целосно Паксе лупот, ги истражував островите Дон Дет, Дон Кон.


Дали имаше некакви очекувања од претходно, дали истражуваше за земјата, или сè што виде ти беше ново?
Апсолутно ништо не знаев, не очекував.
Дојдов директно од Виетнам, каде што претходно поминав речиси два месеца, исто така без план.
Едноставно, тој ден решив и купив авионски билет. Тоа е магијата.


Што те воодушеви најмногу, а што те разочара?
Најмногу ме воодушеви начинот на кој луѓето живеат скромно, а се среќни.
Природата е неверојатна - водопади, планини, реки, и со сигурност најубавото зајдисонце, изгрејсонце е во Лаос!
Времето таму делува како да застанало, а животот е безгрижен и слободен.
Ако морам да споменам нешто што ме „разочарало“ тоа би била инфраструктурата - патиштата понекогаш се речиси непостоечки.
Но еве ја и иронијата, токму тоа беше мојот омилен дел.
Ако некогаш решите да патувате со локален автобус, подгответе се да делите супер тесен кревет со локалец и да ги вршите сите потреби во самото возило.
Но, најфасцинантно ми беше што постојат места каде што не постојат ниту автомобили, само мотори и велосипеди. И да бидам искрен, обожавам такви места.

Какво е локалното население, имаше ли близок контакт со нив?
Возев велосипеди со нив, делевме оброци и смеа.
Еднаш дури ми дозволија и да управувам со нивен локален чамец.
Луѓето во Лаос не зборуваат многу англиски, но совршено го говорат јазикот на душата. И тоа е доволно.


А локалната храна? Што е нешто најнеобично што проба (и би го јадел пак или не би го јадел веќе никогаш)?
Сварена жаба во чорба. Пробав од љубопитност, ама искрено - никогаш повеќе. На здравје!


