Петар од Пирава за патувањето во Лаос: „Завршив во затвор, но кога полицајците слушнаа Југославија, донесоа пиво“
Како изгледаше едно твое секојдневие во Лаос?
Чисто лекување на душата. Претежно бев сместен во бунгалови, опкружен со реки, планини и звуците на природата.
Денот го поминував со моторчето - истражував, летав со дронот, се хранев со локални специјалитети и се дружев со локалците.
Деновите беа секогаш исполнети, ама опуштени, без стрес и без гужви.

Колку е развиен урбаниот дел од земјата, или и тој е сиромашен?
Урбаните делови како Виентијан изгледаат малку поразвиени, но сепак сè е на некој начин slow paced (со бавно темпо).
Не е луксузно, ама има свој шарм.
Лаос е генерално доста сиромашна земја, но не и несреќна.

Си имал ли некоја непријатна случка во Лаос?
О, да. Главната теленовела ми се случи кога го летав дронот и ненамерно завршив над парламентот!
Следеше „експресна тура“ до затвор со двајца полицајци.
Но на крај сè заврши со смеење и муабет за Македонија.
Не знаеја ништо за нашата земја, но кога слушнаа „Југославија“, седнавме и пиевме нивно лаоско пиво - најдоброто!

На патување одиш „со ранец“. Како се движиш низ Азија - автостоп, возови, автомобили?
Се движам со сѐ што постои, од туктуци и мотори, до автобуси, aвиони, чамци и ферии.
Но најчесто со мотор. Ми треба тој ветер во лицето, тоа чувство на слобода.

Која е следната дестинација?
Тие што ме знаат, знаат дека никогаш немам одговор на тоа прашање.
Мојот одговор секогаш е: „Следи ме“.
Не знам каде одам - и не сакам да знам. Сè што знам е дека јас и мојот ранец секогаш сме подготвени.

Повеќе фотографии во продолжение:






