На одмор со Катарина Ивановска на катамаран: „Јас готвев, спиевме под ѕвезди, диви свињи сакаа да ни влезат во чамчето“
- Детали
- среда, 30 јули 2025
„Кога испловивме од Сивота кон Порто Кацики имаше бранови и тогаш почна да ми се лоши, но траеше кратко. Немав проблем на вода, туку кога ќе застаневме на копно. Додека пловевме и имаше бранови, не ми пречеше. Можев да готвам, јадам, но штом ќе излезевме на копно, почнуваше да ми се врти“ - вели Катарина, која 7 дена пловеше со катамаран во Грција.

Катарина Ивановска неодамна се врати од летување кое, вели, ќе го памети целиот живот. Таа беше на крстарење по неколку грчки острови со катамаран.
Искуството што го доживеала - сама со блиските да се грижи за пловењето, храната и сè поврзано со одморот, но и слободата што ја почувствувала при едрењето, направиле ова да е еден од најубавите одмори на Катарина.
„По ова, само ваков одмор признавам“ - вели таа низ смеа.

За CRNOBELO.com, Катарина раскажа за интересното искуство и со читателите сподели кои се позитивните, но и дали има негативни страни летувањето на катамаран.
Прочитајте за нејзиното искуство во нашата рубрика „На одмор со...“:
„Бевме 7 дена на едрење со катамаран, околу Лефкада, Меганиси, Итака, Аконос е островот со дивите свињи и Кефалонија.
Тргнавме од Лефкас, главниот град на Лефкада и таму го завршивме патувањето, за да го вратиме катамаранот.


Самото патување го планиравме неколку месеци однапред, па горе-долу си ја знаевме турата, каде сакаме да застанеме и кои гратчиња да ги видиме.
Немаше надворешен екипаж и скипер од некоја компанија, туку скиперот беше наш пријател, така што ние шестмина уживавме на едрилица за осум луѓе.
Сакавме да ни е малку покомотно, зашто, сепак ни е првпат и не знаевме како ќе биде со простор, или комуникацијата меѓу нас, зашто нели, ако си во хотел, а патуваш со други луѓе и се изнервираш, ќе отидеш да прошеташ и после 2 саати ќе се вратиш, а вака на сред море немаш избор ако се изнервираш некаде да испливаш, ха, ха.
Ние бевме екипажот и научив што е тоа мура, што е сима, како се фрла па да се затега, да врзувам јазли, сидрото како се спушта и крева, па секогаш треба на скиперот правецот да му го кажеш, дали затегнало и колку затегнало.


Јас знам често и да објавам како готвам на копно, така што готвев и додека бевме на едрење.
Пред да влеземе на катамаранот, направивме список кој што сака да јаде, испазаривме и тргнавме на пловидба.
Беше многу интересно, зашто немаш не знам какви услови.
Беше навистина преубаво искуство и од сега само ваков одмор признавам за одмор.


