Небојша од Гостивар помина 4.000km на мотоцикл низ 7 држави: „Ме воодушевија Алпите, снимајќи уништив дрон вреден 2.500€“
- Детали
- недела, 14 септември 2025
„Траектот до Италија го плативме 170 евра со кабина за спиење, а просекот за спиење беше 100 евра во хотел со појадок, дневно, 30 евра за гориво и 70 евра за јадење. Патарини скоро и да немавме зошто не се движевме многу по автопат“, вели за CRNOBELO.com Небојша, кој со сопругата беше на авантуристичко патување со мотоцикл.

Небојша Петревски (37) од Гостивар, моментално живее и работи во Скопје - тој е фотограф, видеограф и дрон оператор, но и основач на фирмата „Прокам продукција“ со која работел на проекти низ цел Балкан, во Европа и САД.
Освен фотографијата, љубов му се и мотоциклите, па неодамна со сопругата беше на авантуристичко патување - со мотоцикл поминаа 4.000km за 12 дена и посетија 38 градови во 7 различни земји.


За оваа необична авантура, на која не би тргнал секој, Небојша зборува во интервјуто за CRNOBELO.com:
Со сопругата поминавте 7 држави и 4.000km со мотоцикл... Како изгледаше ова авантуристичко патување, колку време останавте?
Како голем авантурист, со мојата професија ги имам посетено сите села, градови и планини низ целата наша држава и голем дел од Европа, и ги имам фотографирано и снимано со дрон.
Пред две години почнав и со планинарење, па скоро секој ден го искачував Водно и со планинарски клуб имам искачено и неколку познати врвови низ Македонија, но ми фалеше повеќе адреналин.
Љубовта кон возењето мотоцикл отсекогаш постоела, но најголема пречка била возачката дозвола за управување мотоцикл. Тоа оваа година го решив и положив за А категорија.
Во друштвото имаме двајца другари кои возат мотоцикл многу години, а пред некоја година и кумот што живее во Америка почна да вози мотоцикл, и затоа што секое лето е тука, го донесе мотоциклот и беше иницијатор сите од друштво да купиме мотоцикли за да можеме заедно да правиме рути и да се возиме.
Положив за мотоцикл во април месец оваа година, а во мај го купив мојот прв мотоцикл Benelli TRK 702X.


На почетокот неколку пати со кумот возевме до Маврово, Велес, Охрид, Битола и други градови за да се стекнам со искуство, а во јули прва подалечна дестинација ми беше до Белград.
Натаму возевме повеќе мотоцикли и бевме на концерт на Guns ‘n Roses.
Следна подалечна рута ни беше низ Егејска Македонија - со кумот возевме до Солун, Воден и Костурско Езеро, па преку Битола назад до дома.
Кумот замина за Америка, а јас и сопругата почнавме да ја планираме нашата голема рута која ја направивме - од 4.000km.
Jас ја имам шетано цела Италија и Јадранска магистрала, па знаев кои места вредат повторно да се посетат со мотоцикл.


Со истражување на интернет ја направивме нашата рута за 12-дневното патување кое беше следна:
Од Скопје преку Дебар до Тирана и Драч каде што со траект стигнавме до Италија.
Прв ни беше градот Бари кој има прекрасна историја и има што да се види, а по кратко разгледување продолживме за Арбелобело на југот од Италија. Следна дестинација ни беа Соренто и Амалфи, каде што спиевме вториот ден.
Третиот ден преку Поситано продолживме за Наполи и сè до Рим. Четвртиот ден од Рим возевме до Фиренца, Сиена и Болоња.
Петтиот ден од Болња тргнавме кон до Бреша, па почнавме да се качуваме на Алпите каде што случајно и непланирано поминавме по познатиот премин Гавиа, кој е 2.652m надморска висина и стигнавме до Бормио - гратче кое е високо на Алпите, со прекрасна природа, а на 10km од почетокот на познатиот Стелвио пас, кој е на 2.760m нмв.


Шестиот ден беше многу возбудлив - пред нас беше Стелвио пас, кој е сон за секој мотоциклџија да го вози.
Воодушевува со прекрасна природа и 38 кривини за искачување и 48 за симнување. По патот е огромна гужва бидејќи доаѓаат од целиот свет со мотоцикли и автомобили за да го возат.
Го искачивме, беше прекрасно како што и очекувавме, и продолживме преку Алпите до градот Фелтре кај пријатели на кои им имаме снимано свадба пред неколку години, па кај нив преноќивме.
Седмиот ден од Фелтре се упативме кон Венеција за да се најдеме со еден пар на кои им снимавме свадба пред да заминеме на патувањево. А бидејќи тие живеат на само 20km од Венеција, се договоривме таму да им направиме фотосесија во Венеција.
Кога завршивме со нив, се упативме за Трст, и преку Копер - Словенија, стигнавме во Хрватска во градот Мотовун - мал град со историја и хотел што порано бил замок, каде што цел персонал е од Гостивар, а има и еден пар на кои исто им снимавме свадба оваа година.


Осмиот ден ја возевме Истра, бевме до Ровињ и Пула, потоа до Опатија, Риека и по магистрала сè до Задар.
Во Задар останавме две ноќи, а бевме сместени кај вујко од мојата сопруга. Ова е прекрасен град во кој има многу што да се види и посети, особено гледање зајдисонце на пристаништето со оргули, каде брановите од морето се претвораат во звуци.
Десеттиот ден продолживме по Јадранска магистрала со прекрасен поглед на морето, па бевме во Сплит, Макарска и стигнавме до Плоче, каде што и спиевме.
Наредниот ден од Плоче возевме до Дубровник и влеговме во Црна Гора, во Котор каде што се упативме горе над градот за да стигнеме до кафулето што стана премногу познато на социјални мрежи по журките на зајди сонце со поглед на целата Которска ривиера.
Тука останавме 2 часа на кафе и уживање во прекрасниот поглед, а ноќта стигнавме во Цетиње каде што преноќивме.
Последниот ден преку Цетиње, Подогорица и Колашин, стигнавме до Приштина и на крај во Скопје.


Какво е чувството оваа голема дестинација да се помине на две тркала? Како реагираат возачите на автомобили или камиони на мотоциклот на автопат?
Чувството е одлично на мотоцикл. Погледот е многу поразличен од автомобил, го доживуваш во секој момент ветерот, сонцето, а ние дури имавме и дожд по пат.
Има совесни возачи кои внимаваат, но јас како возач на мотоцикл сум тој што треба на сè да внимава и да вози внимателно и според прописи.


