На одмор со Стефанија Кржеска на Малта: „Не ми се допадна гужвата на плажите, лежалки се до 30€, градот Биргу ме воодушеви“
- Детали
- вторник, 02 септември 2025
„Blue Lagoon е вистинска туристичка замка. Местото е мало, а имаше премногу туристи и не можеше да се најде добро место за лежалки. Повеќето луѓе беа сместени директно на карпите покрај водата, бидејќи плажата нема класичен песок, ни многу простор за лежалки“, вели за своето летување на Малта инфлуенсерката Стефанија Кржеска.

Инфлуенсерката Стефанија Кржеска Патоска и нејзиниот сопруг Панче, неодамна се вратија од летување на Малта.
Одморот го испланирале како комбинација од градски туризам и посета на плажи, за да можат во една недела да ја доживеат оваа мала островска држава со сите нејзини убавини.
Стефанија вели дека многу работи на Малта ѝ се допаднале, но и дека многу работи кои изгледаат совршено на Инстаграм, во реалноста не се такви.


За летувањето на Малта, со сите позитивни и негативни доживувања, Стефанија раскажа за CRNOBELO.com:
Малта е островска држава која ова лето ја избравме за наша дестинација.
Поминавме седум незаборавни дена во оваа мала земја, но богата со историја.
Патувавме со авион, летот траеше околу час и половина, а повратниот авионски билет чинеше околу 250 евра по лице.


Бевме сместени во местото Гзира, мал, но живописен град веднаш до главниот град Валета.
Сместувањето нè чинеше околу 100 евра од вечер за двајца, но локацијата не беше најидеална.
Плажите ни беа малку подалеку, па секојдневно користевме јавен превоз или Bolt за да стигнеме до посакуваните места.
Од друга страна, локацијата ни овозможи брзо да стигнеме до главниот град Валета, како и да прошетаме низ неколку убави мали градови како Мдина, Слиема и Биргу, кои, секој на свој, начин нудат нешто посебно.


За време на престојот во Малта, претежно користевме јавен превоз, кој е добро организиран и ги поврзува речиси сите делови на островот.
Автобусите се чести и цената на билетот за 7 дена изнесува 25 евра по лице.
За поблиските дестинации, особено во вечерните часови, користевме Bolt, кој доаѓа на дестинација за неполни 3-5 минути и цените се доста прифатливи.
Не рентавме автомобил бидејќи во Малта се вози на лева страна, што за нас беше малку збунувачко, а и сообраќајот понекогаш знае да биде хаотичен, па решивме да не ризикуваме.


Првиот ден го поминавме во главниот град Валета, кој е мал по површина, но богат со историја и култура и вреди да се посети.


Вториот ден бевме во Селото на Попај (Popay Village), живописно филмско село со шарени куќички, изградено за снимањето на филмот за Попај.
Местото е уникатно, особено интересно ако сте љубители на филмови или сакате да направите добри фотографии.
Таму има и уреден простор за капење, со тиркизна вода и убава глетка, иако не е класична песочна плажа.
Цената за влез во селото беше 25 евра по лице.


Третиот ден бевме на една од нашите омилени локации Paradise Bay, мала, скриена плажа со тиркизна вода, опкружена со карпи.
Иако треба да се симнеш по неколку скали, вреди секој чекор.


