Небојша од Гостивар помина 4.000km на мотоцикл низ 7 држави: „Ме воодушевија Алпите, снимајќи уништив дрон вреден 2.500€“
Кои се предностите, а кои негативните страни на патувањето со мотоцикл?
Предностите се кога има гужва на патарини, граници или поради собраќајка, што секогаш можеш да поминеш покрај автомобилите што чекаат и да не го изгубиш времето во чекање.
А негативно е тоа што или ти е топло и се потиш или ти е ладно, или дожд те фатило.
Многу ретко се вози по идеално време, и седењето на мотоцикл те ограничува што после 1 час возење мора 30 минути пауза да направиш, па да продолжиш.


По колку километри поминувавте дневно? Имавте ли одредена рута по која се движевте и план до кој се држевте, или одевте каде што ќе ве одведе патот?
По 350km секој ден. Беше напорно, зошто со паузи и посетување на градовите, скоро по 12 часа на ден возевме и шетавме.
Имавме рута и по таа рута се движевме секој ден, а потоа ја потврдувавме и за утрешниот ден, пред да тргнеме на пат.


Колкави беа трошоците за гориво, патарини, траекти и слично...?
Траектот го плативме 170 евра со кабина за спиење, а просекот за спиење беше 100 евра во хотел со појадок, дневно, 30 евра за гориво и 70 евра за јадење.
Патарини скоро и да немавме зошто не се движевме многу по автопат.


Како бевте спакувани, каде ги носевте работите? Што сè може да собере во „куферите“ на самиот мотоцикл и дали ви фалеа ли некои основни работи во текот на патот или сè ви беше добро испланирано?
Сè беше добро испланирано. Ги купивме најголемите куфери за мотоцикл, централен куфер 58l, страничен 48l и уште еден страничен 40l.
Над страничните имавме дополнително торби и сè имавме спакувано во нив, дури и работи што не ни беа потребни.


Која е најинтересната дестинација што ја посетивте? А дали има некоја што ве разочара?
Дефинитивно секоја дестинација е прекрасна - целата Италија и сите градови, но мене лично Алпите ми се нешто што треба секој човек да ги посети, таа природа мир и чист воздух мислам дека е најубавата дестинација на целиот свет.
Дури одлучивме наредната година не одиме на море со децата, туку ќе изнајмиме кампер и ќе поминеме 10 дена на Алпите и Доломитите со нив.


Раскажи ми некоја анегдота од патувањето?
Имав земено професионален дрон со мене, кој вреди 2.500 евра и не успеав никаде да снимам преку целото патување.
Кога стигнавме на Аплите и тргнавме да го возиме Стелвио пас, пред да почнеме да се искачуваме по кривините до врвот, го полетав дронот, направив одлични снимки од планината, природата и кривините - бев воодушевен од тоа што го снимив.
По последниот кадар, го враќам дронот за назад, но бидејќи бев премногу високо, над 500m, мислев дека немам никаква пречка во околината и опуштено го летав.
Наеднаш изгуби сигнал, го повикав да се врати од каде што полета, но и по 10 минути го немаше.
Сфатив дека по последната локација тој бил зад мене, а таму имаше карпа која беше на скоро 3.000m нмв, а јас сум удрил во неа.
Локацијата на дронот покажуваше дека е таму, но поради непристапноста на теренот, дронот си остана таму, а јас си купив нов одма во Италија. Криво ми е за снимките што останаа во мемориската картичка во него.


Дали е и сопругата вљубеник во мотоциклите или повеќе сака тебе да ти направи мерак?
Почна да се вљубува, но на патувањето беше со мене зашто јас го сакав тоа.


Кога ќе ги собереш впечатоците - што те воодушеви најмногу на вашата авантура? И зошто би ја препорачал на други?
Целото патување беше авантура, се што поминавме и видовме не може да се опише со зборови, мора да се доживее да се искуси.
Оваа е голема рута и не секој би ја возел. Ме обесхрабруваа пред тргање со коментарите „немаш доволно искуство, многу километри за возење се“ и слично.
Јас им докажав дека сè е возможно кога нештото го сакаш.
А за наредната година од сега се планираат неколку рути, на план е да се вози низ Романија, Босна и Херцеговина, и најголемата рута од Скопје до Норд Кап - најсеверната точка во Норвешка, рута која е 8.000km.
A со кумот планираме во Америка да ја возиме најпознатата Рута 66 од Чикаго до Лос Анџелес.


