Jана Ацески за семејното патување на Сардинија: „Сет лежалки достигнува и до 400 евра, има плажи со ограничен број посетители“
Плажата Ла Чинта нè пречека со бел песок и тиркизна вода, а гратчето пулсираше со младешка енергија: тинејџери, студенти, музика на секој агол и низа кафулиња.
Секој ден беше како фестивал, со нова приказна, нова енергија.

Но, Сардинија не е само гламур и забава.
Важно е да се знае дека за некои плажи се бара резервација, особено во летната сезона.

На пример, Spiaggia della Pelosa, Cala Brandinchi и Cala Mariolu имаат ограничен број посетители дневно.
Резервациите се прават преку официјални апликации или веб-страници и без нив пристапот може да биде одбиен.

Цените за лежалки и чадори варираат:
На јавните плажи: 30–45 евра за сет (2 лежалки + чадор)
На луксузни места: 100–400 евра, зависно од локацијата

Порто Черво, најлуксузното катче на островот, изгледаше како изложбен простор на престиж: јахти, бутици, улички со совршен дизајн. Lamborghini продавница, беспрекорна архитектура и чувство дека си влезен во свет каде сè е естетика.
На западниот брег, во близина на Ористано, ја откривме плажата Ис Арутас, позната по својот уникатен кварцен песок, кој наликува на ситни зрна ориз.
Бел, розов и зелен кварц светеше под сонцето, менувајќи нијанси со секој час. Водата беше кристално чиста, а тишината - длабока и медитативна.

Во северниот дел на островот, архипелагот Ла Мадалена нè пречека со своите 7 главни и над 50 мали островчиња.
Островот Капрера, поврзан со мост, го крие домот-музеј на Гарибалди — место каде историјата и природата се прегрнати. Фериботот од Палау до Ла Мадалена трае само 20 минути, но чувството е како да си преминал во друг свет, свет на мир, светлина и тишина.

Сардинија е вториот по големина остров во Средоземното море, со над 1.800 километри крајбрежје и повеќе од 200 уникатни плажи.
Освен природната убавина, островот е богат со историја - има над 3.000 древни камени тврдини наречени „нураги“, кои сведочат за цивилизации од бронзеното доба.
