Jана Ацески за семејното патување на Сардинија: „Сет лежалки достигнува и до 400 евра, има плажи со ограничен број посетители“
- Детали
- недела, 21 септември 2025
„Порто Черво, најлуксузното катче на островот Сардинија, изгледаше како изложбен простор на престиж: јахти, луксузни бутици, улички со совршен дизајн. Lamborghini продавница, беспрекорна архитектура и чувство дека си влезен во свет каде сè е естетика“, вели Јана Ацески за CRNOBELO.com.

Јана Ацески е средношколка во втора година, која ова лето заедно со своето семејство беше на патување низ Италија, вклучувајќи го и островот Сардинија.
Летово таа имала желба да го посети концертот на Sting во Басано дел Грапа и потоа да мине неколку денови на сончевата Сардинија.
Целиот план бил совршен спој од музика, истражување и море, обединети во едно авантуристичко патување низ срцето на Италија.
Јана споделува детали за ова семејно патување за CRNOBELO.com:
„Патувањето започна на 5-ти јули. По долг пат, нашата прва пауза беше во Трст, италијански град кој веднаш зрачи со медитеранска елеганција и староградска убавина.
Вечерта ја поминавме во лесна прошетка низ уличките, со вечера во вистински италијански стил: паста, вино и разговори под ѕвездено небо.

Утрото го посветивме на McArthurGlen Designer Outlet — место кое изгледа како мал град, но наместо куќи, се редат бутици со најпознатите светски брендови. Тоа беше доза на мода пред да тргнеме во вистинската авантура.
Следната станица беше Bassano del Grappa — мал град со камени мостови и погледи кон реката Брента.

Тука требаше да се случи главната причина за патувањето: концертот на Sting. Но, токму кога го очекувавме најубавиот момент, дождот реши да ги замеша прстите.
Концертот беше откажан во последен момент. Разочарувањето беше големо, но и тоа стана дел од приказната - музика што не се слушна, но се почувствува.

Наредното утро продолживме кон Асоло, селце кое изгледа како дел од романтична слика. Тесни камени улици, куќи во пастелни бои и погледи кон зелените ридови. Местото создаваа чувство на мир и носталгија.
Потоа стигнавме во Лука, во срцето на Тоскана. Градот со своите ренесансни ѕидини, плоштади каде времето изгледа како да стои и улички полни со живот и уметност, нè врати во друго време.

Лука е град што се дише — со секој чекор, се чувствува пулсот на историјата.
Од Ливорно фативме ферибот и по долгото ноќно патување низ морето, на 9-ти јули пристигнавме во Олбија, градот што служи како главна порта кон североисточна Сардинија.

Патувањето траеше околу 8 до 9 часа, а атмосферата на фериботот беше мирна и медитативна, со поглед кон бескрајното море и тивко очекување на новиот свет што нè чекаше.
Цената за обичен билет, без возило, започнува од 30 до 45 евра, додека со автомобил може да достигне од 90 до 150 евра, зависно од сезоната и типот на ферибот.

За дополнителна удобност, спална кабина се доплаќа од 30 до 150 евра.
Нашата база беше близу до Сан Теодоро, на североисточниот брег — дел од познатата Коста Есмералда.

