На одмор со Јана Клопчевска на Канарски Острови: „На Ланзароте пиев вино од вулканска почва, Фуертевентура е пустинска оаза – како на две планети“
- Детали
- среда, 24 септември 2025
„Во Ланзароте бев сместена во преубав апартман со океански поглед, еден вид „пустински луксуз“. На Фуертевентура, благодарение на блиски пријатели, уживав во апартман со поглед на океан каде секое утро првото кафе беше вистински ритуал. Најважен совет: изнајмете автомобил. Без него, ќе ви избегаат најубавите скриени плажи и пејзажи“ - раскажува за CRNOBELO.com проф. д-р Јана Клопчевска.

Јана Клопчевска е професорка на Катедрата за прехранбена и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, основоположник на молекуларната гастрономија во Македонија, научник и иноватор, а воедно и инспиративна дама, вљубеник во модата и патувањата.
Таа ужива да ги истражува убавините на нашата планета, да пробува нови искуства, а нејзиниот летен одмор го помина на два од Канарските Острови - Ланзароте и Фуертевентура.
Иако летото официјално заврши, ова е дестинација која може да се посети во секој период од годината, па за CRNOBELO.com Јана раскажа за нејзиното летно патување.
Како стигнала дотаму, што ја воодушевило, каква е храната и луѓето, плажите, но и кои совети ги има за беспрекорно да си поминете, прочитајте во продолжение:
Отидов во Ланзароте и Фуертевентура, дел од Канарските Острови. Изборот беше непланиран, донесен во последен момент, по иницијатива на блиски пријатели. Буквално не знаев што да очекувам, а сакав токму тоа, изненадување од природата.

Ланзароте е остров создаден од лавата на вулканите, со винска култура која е вистински пример за одржлив развој. Лозјата што растат во вулкански песок изгледаат како уметничка инсталација и не случајно, уште во 1964 година, фотографија од овие пејзажи беше дел од изложбата „Архитектура без архитекти“ во MoMA, Њујорк.

Фуертевентура, пак, е сосема друга приказна, пустинска оаза со километарски плажи и вода сина како од разгледница. Имав чувство како да сум на две различни планети во едно патување.

Патувањето беше како мала експедиција. Од Скопје летав до Барселона, па од таму до Ланзароте. За вистинска авантура, потребен е фери до Фуертевентура. Искрено, уште во авионот чувствував дека одам кон место со посебна енергија.

Во Ланзароте бев сместена во преубав апартман со океански поглед, еден вид „пустински луксуз“. На Фуертевентура, благодарение на блиски пријатели, уживав во апартман со поглед на океан каде секое утро првото кафе беше вистински ритуал. Најважен совет: изнајмете автомобил. Без него, ќе ви избегаат најубавите скриени плажи и пејзажи.

Островите ги надминаа моите очекувања. Активно патувам веќе 24 години, но ова беше поинакво, вистинско конектирање на сите сетила. На Ланзароте, Националниот парк Тиманфаја и црвените полиња што изгледаат како Марс, како и музејот на Цезар Манрике. На Фуертевентура, плажата Кофете, каде стоиш пред бескрајниот океан и буквално остануваш без зборови.

Ланзароте има плажи со темен вулкански песок, мистични и совршени за фотографии. Фуертевентура е рај за љубителите на песок, бел, ситен, и вода кристално чиста. Има уредени плажи но можеби по еден бар и ретко негде лежалки. Најголемата магија ја даваат дивите карпести плажи со ситен и златен песок. Особено ме воодушевија Cofete, Playa del Castillo, La Concha, Corralejo и El Cotillo.

