На одмор со Јана Клопчевска на Канарски Острови: „На Ланзароте пиев вино од вулканска почва, Фуертевентура е пустинска оаза – како на две планети“
Патувањето беше комбинација од одмарање и истражуавње. Утринско кафе во тишина на плажа, а потоа секој ден нова тура и ново откритие, од винските плантажи и уметнички центри на Ланзароте, до нуркање и кајт во Фуертевентура. Имав одличен водич и јасно знаев каде да одам но секој ден носеше и изненадување.

Храната таму е неверојатна! Тапаси со козјо сирење и свежа морска храна. Највпечатлив е компирот, приготвен на најразлични начини. Сето тоа со чаша локално вино од вулканска почва. Секој оброк беше необичен ритуал.

Луѓето се мирни, насмеани, гостопримливи. Без брзање и стрес. Нивниот ритам на живот станува „заразно“ опуштен.

Канарите се „острови на вечната пролет“ и вреди да се посетат во кој било период од годината, не само во лето. Во декември таму има 22°C и сонце. Замислете, Нова година на плажа и остров.

Од негативни страни, ветерот на Фуертевентура, знае да биде силен, но токму тој создава спектакуларни бранови. И јавниот превоз е редок, па автомобил е must.

Дефинитивно би се вратила повторно. Секој остров е универзум за себе. Би се вратила и повторно би откривала нешто ново, а на листата ми се и останатите Канарски острови.

Совети за идни патници:
- Изнајмете автомобил, тоа е клуч за вистинска слобода.
- Не останувајте само во туристички места, свртете на мала улица, таму е автентичноста.
- Посетете винарија на Ланзароте.
- Земете лесна јакна, ветерот знае да изненади.
- Најважно: оставете простор за импровизација. Најубавите моменти никогаш не се планирани.







Прочитајте и Инспиративна дама со впечатлив стил: Проф. Јана Клопчевска е доказ дека жената може да биде сè - научник, мајка, модел и лидер
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело
