Ангела од Скопје живее во Лондон 6 години: „Многу локалци живеат во еднособни станови, а градот има преку 3.000 паркови“
- Детали
- вторник, 30 септември 2025
„Кириите за просечен еднособен стан во Лондон се од 1.700 евра, па нагоре. Ги обожавам културата и строгите закони, а ме нервираат прекините на линиите на метрото, кога ненадејно може да заглавите во сосема друг крај на градот“, вели Ангела (31) од Скопје.

Ангела (31) oд Скопје веќе со години живее и работи како фитнес тренер во Лондон. Таму живее со сопругот и детето.
Вели дека во овој град го добила чувството дека таму припаѓа и ги обожава неговите паркови и динамика.
За животот во Лондон, Ангела споделува детали за CRNOBELO.com:
Колку време живееш во Англија и како се одлучи на ваков чекор?
Во Англија живеам 6 години. Од секогаш тежнеев да живеам во странство, ми беше неостварена желба.
Имав неколку неуспешни обиди за заминување во Америка, Австралија, Канада.
После тој период, брат ми замина во Лондон и ми беше добра можност да заминам и да си ја пробам среќата во Англија.

Зошто токму Англија?
Искрено, беше тотално случајно. Мојата цел беше да заминам на друг континент, но Англија излезе случајно (или судбински).
Од денешна гледна перспектива, многу ми е драго што не заминав во прекуокеанските земји, бидејќи сум многу блиску до моите родители и пријатели. Ќе ми беше многу тешко да бев подалеку.
Освен тоа, дефинитивно беше правилна одлука бидејќи никогаш повеќе не сум се чувствувала дека припаѓам некаде, како овде.

Се заработува ли добро за живот таму? Со што се занимавате со сопругот? Како се одлучивте токму за ова?
Во Лондон се заработува доста добро. Стандардот на живеење е доста висок, меѓутоа со добра организација и план на трошење на парични средства, може да се заштеди.
Јас сум лиценциран спортски и фитнес тренер, додека сопругот е проект менаџер.
Тој и пред да дојде во Лондон се занимаваше со оваа професија, а јас ја добив лиценцата во Лондон, после некое време и положени тестови.

Моја голема желба беше да се занимавам со оваа професија. Јас веќе бев долгогодишен вежбач и доста време поминував во едукација за фитнесот, здравата исхрана, едноставно ме исполнуваше.
Во Македонија, за жал, немав таква можност да полагам за тренер и затоа тоа го направив тоа во Лондон.

Што ти е најомилено од вашето секојдневие таму?
Најомилено од нашето секојдневие ми е пазарењето. Дури и намирници за дома.
Секогаш има нешто ново, нешто од некој друг дел на светот, егзотични зачини, овошја, зеленчуци, пијалаци итн.

Што те нервира најмногу во животот?
Има работи што би сакала да ги сменам, како транспортот.
Со оглед на тоа дека градот е доста голем, секаде се патува со јавен транспорт. Тоа одзема доста голем дел од денот.
Има доста прекини на линиите на метрото и од нигде никаде, може да заглавите во сосема друг крај на градот. Тоа е доста фрустрирачки.

Дали навистина Лондон е пресив и прескап?
Па, не. Тоа е некако останато како мит. Сивилото во Лондон е претежно преку зима.
Во текот на летото има доста топли денови и тогаш градот е најубав. И кога е облачно не е толку сиво, бидејќи градот има преку 3.000 паркови и зелени површини и тоа ја разбива таа „сива“ монотонија.
Лондон е еден од најскапите градови во цел свет, но како и секаде, има доста пристојни цени и во одредени маркети, продавници за облека, ресторани. Дури, некои прехранбени продукти се поевтини од Македонија.

