Татјана од Радовиш живее во Швајцарија: „Ги спакувавме куферите со сопругот, за двете ќерки да растат во средена држава“
Дали секој што ќе замине има шанса да успее?
Да се живее во странство носи и можности и предизвици. Секој што ќе замине има шанса да успее, но тоа зависи од поставените цели, трудот и упорноста.
Во Швајцарија, системот е многу прецизен и вреднува знаење и работа, без разлика од каде доаѓаш.
Сепак, не е секогаш лесно – треба да се адаптираш на новиот јазик, култура и правила, да научиш да се снаоѓаш со административни и секојдневни работи. Но, ако имаш желба, дисциплина и поддршка од семејство или заедница, успехот е реален и достижен.
За мојот сопруг тоа не беше голем проблем, бидејќи веќе го знаеше германскиот јазик одлично.
За мене, пак, тоа беше предизвик, бидејќи немав никакво познавање на јазикот. Со многу упорност и дисциплина, успеав да го достигнам нивото на кое можам да комуницирам и да се снаоѓам со институциите.
Ова беше резултат на посета на курс во времетраење од една година еднаш неделно и секојдневно учење во доцните часови, додека сите дома спиеја.
Благодарение на тоа, завршив и курсеви за велнес масажи и не планирам да застанам тука во градењето на мојата кариера во Швајцарија.
Многу често успехот доаѓа постепено – не веднаш. Секој ден се учи нешто ново, се гради самодоверба и се отвораат нови можности. Со вистински став и трпение, животот во странство може да биде многу исполнет и стабилен.
Затоа, совет за сите кои планираат да дојдат во Швајцарија: треба да имаат барем малку познавање на германски, француски или италијански јазик, во зависност од тоа во кој кантон ќе престојуваат.
Така ќе можат полесно да дојдат до подобра работа, и целокупниот живот ќе им биде многу поедноставен.

Зошто се одлучивте вашата свадба да биде во Македонија? Како изгледаат свадбите на Швајцарците?
За нас немаше дилема – свадбата ја направивме во Македонија. Таму се нашите семејства, роднини и пријатели, а македонската свадба има посебна душа: музика, ора, традиции и радост што трае со денови.
Сакавме тој најважен ден да го споделиме со сите блиски и да го доживееме она чувство на вистинска македонска свадба, што овде во странство не може целосно да се пренесе.
Нашата венчавка беше уште поемотивна бидејќи ја направивме дури по 12 години брак, со нашите две керќички покрај нас.
Отсекогаш ми беше сон да бидам невеста, но од приватни причини не успеавме веднаш да ја направиме свадбата. Па, така, по многу капнати солзи, по многу голема желба, волја и вера во Бог, конечно дојде и тој ден.
Сè испланирав до најситен детаљ – венчавката во црква, мојата венчаница, костумот на младоженецот, белиот тепих кога ме изнесоа од мојот дом, влезот со балерини и виолина…
Нашите ќерки беа мои деверици и влегоа заедно со виолинистот и балерините пред нас, што беше преслатка и емотивна сцена.
Дополнителна магија внесе и роденденската торта за сопругот, како и роденденската песна за него за вториот танц. Сè беше како што замислував.
Благодарение на една одлична музичка група од Скопје, вечерта беше незаборавна – разиграни гости, насмеани лица и журка до максимум. А сето тоа остана овековечено благодарение на едно фото студио од Радовиш, кои направија видеа и фотографии со толку многу емоција, што дури и она што не можеш да го видиш на видео – го чувствуваш преку фотографиите.
Швајцарските свадби, пак, се многу поедноставни. Обично се прават само со најтесното семејство и најблиските пријатели.
Траат еден ден, најчесто во ресторан или некој убав планински хотел, со свечен ручек и музика.
Нема онаа голема веселба со 200-300 гости, трубачи и играње ора како кај нас.
Сè е по мерка, многу елегантно и културно, но без таа експлозија на емоции и традиција што ја има македонската свадба.

Што би донела од таму во Македонија и од Македонија таму?
Од Швајцарија во Македонија би го донела редот, прецизноста и високата култура на однесување, како и системот кој вреднува труд и знаење, како и навиката да се цени времето и парите.
Би ја пренела и културата за чување на јавниот простор, затоа што Македонија има огромна недопрена природна убавина, но за жал не знаеме да ја чуваме и негуваме често ја уништуваме – отпадоци по планините, загадени езера, оштетени клупи и игралишта, уништени споменици.
Од Македонија во Швајцарија би ја однела топлината, гостопримството и семејните вредности – она чувство на блискост со роднини и пријатели кое тука е понекогаш тешко да се почувствува. Би ги однела и нашите традиции, песни и музика, кои создаваат радост и сплотеност во семејството и заедницата.
Исто така од Македонија би ги донела бутиците и модата. Таму секогаш можеш да најдеш модерни и уникатни парчиња облека, што тука тешко се наоѓаат.
Во Швајцарија најчесто мора да се нарачува онлајн, затоа што модата не е на толку високо ниво.
Но, наскоро јас планирам нешто ново, па сите за новостите можат да ме следат на Инстаграм @frau.nikolova.
За старост – сè уште е рано да се каже со сигурност каде ќе ја дочекам.
Засега мислам дека Швајцарија нуди подобри услови за подолг, поздрав и посреќен живот. Но, животот е непредвидлив и никогаш не знаеме каде ќе нè однесе иднината.
Повеќе фотографии од Татјана со семејството во Швајцарија:
Прочитајте и На гости кај Татјана: Колоритен стан на Македонка во Швајцарија со специјално катче посветено на верата (фото)
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
