Дијана од Тетово за патувањето во Њујорк со дете: „Бевме 2 недели, не е град приспособен за шетање со деца, но доживувањето е незаборавно“
Какви се цените? (конкретни за некои најчести работи – транспорт, кафе, пица, пиво, оброк во ресторан и сл.)
Цените во Њујорк се значително повисоки во споредба со повеќето други градови, а често се и двојно повисоки од оние во Европа.
– Дневна карта за јавен превоз чини околу 5 долари.
– Кафе во обичен локал чини околу 4–6 долари.
– Парче пица обично е 4–6 долари, додека цела пица може да чини од 15 до 25 долари.
– Пиво во бар или ресторан се движи од 7 до 12 долари.
– Оброк во ресторан за две лица, во зависност од локацијата и типот на ресторан, најчесто чини од 60 долари па нагоре.
Потребен е поголем буџет за храна и транспорт, особено доколку се одбираат популарни туристички зони.

Каква е храната? Дали лесно се наоѓа (од надвор) соодветна храна за семејство со дете и по пристапни цени или сепак почест избор е брзата храна?
Америка е позната по брзата храна но сакавме да ја пробаме локаната храна и бевме подготвени дека ќе се разликува многу од тоа што го јадеме дома.
Цените варираа од локал до локал. Се трудевме да избираме поздрави варијанти, иако и тие не беа баш најдобра верзија.
Детската храна беше исто презаситена со масти и јаглехидрати што ја правеше потрагата по „поправилна“ храна мал предизвик...
Сепак, со малку истражување и планирање, секогаш може да се најдат пристојни и поздрави опции, особено во помали локали и маркети каде храната е посвежа и непреработена.
Имавте ли некои неочекувани/несакани ситуации и како се справивте со нив?
Нема патување без неочекувани моменти. Кај нас имаше две такви ситуации – Лео качи температура, а и еден од апартманите не ги исполни нашите очекувања, па моравме да го смениме следниот ден.
Иако беше вистински предизвик и создаде стрес, се потрудивме да останеме смирени и рационални.
Брзо сфативме дека нашето расположение директно влијае врз Лео. Секогаш кога ние бевме вознемирени, и тој стануваше немирен.
Затоа, се трудевме да задржиме позитивна енергија и трпение, дури и кога не беше лесно.
На крај, сè се реши успешно, а искуството нè научи колку е важно во непредвидливи моменти да се остане прибран и фокусиран на решението, а не на проблемот.
Ова секој ден го учам од мојот сопруг бидејќи најчесто тој е решението на сите наши проблеми.
Како ви поминуваа деновите таму? Дали цело време шетавте со агенда или релаксирано и опуштено без притисоци?
Најчесто имавме подготвена агенда и список со места што сакавме да ги посетиме.
Сепак, од претходни искуства знаеме дека патувањето со дете е далеку поубаво кога е поопуштено и без строг распоред.
Кога се шета без план, очекувањата се помали, а уживањето поголемо. Но, Њујорк е посебна приказна – град преполн со енергија и знаменитости што едноставно сакавме да ги видиме.
Затоа имавме релативно исполнети денови и амбициозна агенда, иако не секогаш успевавме да ја исполниме целосно.
Најважно ни беше Лео да има свој ритам и да оди навреме во кревет, па често го прилагодувавме планот според него.
На крај, најубавите моменти се случуваа токму тогаш кога ги оставивме плановите на страна и едноставно уживавме во моментот.

Посетивте ли други градови? Кои, колку долго седевте таму и каков впечаток ви оставија во споредба со Њујорк?
Да, покрај Њујорк, ги посетивме и Чикаго (три дена) и Детроит (шест дена). Секој град остави свој посебен впечаток.
Чикаго на моменти потсетува на Њујорк – динамичен, модерен и со убава архитектура, но сепак многу помирен и попријатен за престој со дете.
Детроит, пак, беше вистинско изненадување. Градот е исклучително чист, уреден и добро организиран, што го направи совршено место за семејно патување.
Иако Њујорк е возбудлив и незаборавен, Чикаго и Детроит ни понудија мир, простор и многу повеќе семејна удобност.

