Новинарката Елена Марковска на патување од соништата во Исланд: „Пробав месо од кит, тука никој не се меша во животот на другите“
- Детали
- понеделник, 24 ноември 2025
„Повратен авионски билет е околку 450 до 500 евра, кафето е 5 евра, точено пиво во пабовите е 9 евра, чаша вино е 12 евра, во рестораните порција риба, на пример лосос, е 45 евра, телешки бифтек 68 евра. Цените се „папрени“ за нашиот стандард, но имаат многу избор и прекрасна храна во маркетите која е многу поевтина од рестораните“, вели за CRNOBELO.com Елена, која неодамна го посети Исланд.

Новинарката и ТВ презентерка Елена Марковска неодамна се врати од патување од соништата - таа го посети Исланд.
Луѓето, културата, земјата, но и чувството да се види Аурора Бореалис во живо толку многу ја воодушевиле, што, ни призна дека уште ги собира впечатоците.
Но, вели, и дека земјата ѝ го украла срцето, па наскоро планира да се врати повторно.


За своето патување, таа раскажа за CRNOBELO.com:
Неодамна се врати од патување од соништата на Исланд. Сепак, зошто ја одбра оваа дестинација, дали одамна ти беше на листата „места што мора да ги видам“?
Ахх... Патувањето на Исланд беше една од оние желби што тивко ги носам во себе со години. И ете, кога најмал0ку очекував се оствари големата вистина „внимавај што посакуваш – може да ти се оствари“.
Taa е земјата со која сакав да се погледнам лице-в-лице, да ја видам магична природа за која сите зборуваат.
Глечери што изгледаат како да се од друга планета, гејзери што те потсетуваат колку е жива Земјата, вулкани што во тебе будат стравопочит, и секако – аурората, зелената небесна танчерка што те остава без здив.
Исланд дефинитвно е место каде што секој кадар изгледа како сцена од филм, а секој момент е мал потсетник колку светот е неверојатен.
Патувањето се случи во период кога сакав да побегнам од рутината, да се наполнaм со нешто необично и сурово убаво и, искрено, добив многу повеќе од што очекував.


Колку време беше таму, во кое место беше сместена?
На Исланд бев седум дена кои „летнаа“ како седум часа и ми недостасуваа сигурно минимум уште толку.
Колку повеќе гледаш, толку повеќе сфаќаш дека едноставно не ти е доволно.
Сместена бев во Рејкјавик, главниот град, што на прв поглед делува тивко и нордиски едноставно, но сепак е полн со шарм, уметност и посебна енергија, секојдневно раздвижен и полн со туристи.


Успеа ли да видиш голем дел од земјата, каде сè се прошета во овие 7 дена?
Искрено, не успеав да ја видам целата земја – Исланд е голем остров! За да добиете перспектива, површината му е речиси 103.000km², долг е околу 1.300km и широк до 500km – едноставно невозможно е да се стигне насекаде за една недела.
Сепак, успеав да ги посетам најпознатите и најимпресивните места.
Го видов водопадот Гулфос, моќен и величествен, а Селјаландсфос ме фасцинираше со можноста да поминеш зад водата и да ја почувствуваш силата на природата помеѓу огромните карпи и брзата моќна вода.
Националниот парк Тингвелир сигурно ќе ви покаже колку историјата и природата можат да се спојат во едно неверојатно искуство.


