Новинарката Елена Марковска на патување од соништата во Исланд: „Пробав месо од кит, тука никој не се меша во животот на другите“
Колку е скапо патувањето на Исланд? Колку чинат од прилика авионските билети, колку е да порачаш кафе или какви се цените во рестораните?
Исланд генерално е скапa дестинација, но многу зависи од стилот на патување односно дали користиш хотели или приватно сместување или пак одиш на гости (ко мене), колку јадеш надвор, дали изнајмуваш автомобил, итн.
Повратен авионски билет е околку 450 до 500 евра, кафето е 5 евра, точено пиво во пабовите е 9 евра, чаша вино е 12 евра, во рестораните порција риба, на пример лосос, е 45 евра, телешки бифтек 68 евра, бургер 33 евра.
Цените се „папрени“ за нашиот стандард, но имаат многу избор и прекрасна храна во маркетите која е поскапа од кај нас, но значително многу поевтина од рестораните.


Каков впечаток ти остави локалното население?
Исланѓаните ми оставија многу интересен впечаток.
Прво, забележав дека никој не се меша, ниту пак го интересира животот на другите, секој си гледа своја работа, што создава чувство на ред и приватност.
Многу спортуваат и читаат. Интересен факт за мене беше информацијата дека имаат најмногу писатели по глава на жител во Европа.
Знаат и да се забавуваат, петок и сабота се денови за дружење, свирка и некоја чашка алкохол, забележав дека се пие многу пиво.
Тоа што посебно ми се допаѓа кај нив е што многу си ја сакаат својата земја и многу ја ценат и си ја чуваат природата.


Каква е локалната храна? Што ти се бендиса најмногу, а што проба сега и никогаш повеќе?
Протеини и протеини на толку месо и риба, тоа им се и главните специјалитети.
Имав шанса да пробам прекрасна риба во сос со многу зеленчук зготвена од Исланѓани и одлично подготвено исландско јагнешко месо кај моите пријатели.
Пробав различни видови риба, како сабјарка, ајкула, месо од кит.
Традиционалната сушена риба исто така ми се допадна ама единствено месото од ража е нешто што никогаш повеќе нема да го пробам.


Што нуди Исланд, а не можеш да го најдеш на друго место?
Сурова естетика на природата.
Исланд нуди нешто уникатно, недопрена природа како никаде на светот и луѓе кои живеат во хармонија со неа.


Раскажи ми некоја интересна случка од патувањето, нешто што ќе им го раскажеш на сите пријатели што те прашуваат за Исланд?
Не знам колку е смешно, но е сигурно интересно и корисно за сите кои планираат да го посетат водопадот Селјаландсфос.
Атракција е да го поминеш патот што води буквално зад водопадот, но не е лошо да имаш мантил за дожд (ние немавме).
Водата е толку моќна што прска на сите страни, а ние, заведени од убавината, воопшто не осетивме колку сме намокрени.
Кога излеговме на другата страна, изгледавме како да сме излезени од под туш.
На температура од 4 степени со ладен ветер, не беше баш пријатно, ама се исушивме во кола, па продолживме до следната дестинација.


Колку часа трае дневната светлина на Исланд? Кога се стемнуваше а кога се разденуваше во овој дел од годината?
Се разденуваше во 9:30, а сонцето заоѓаше околу 16:30.
На Исланд сонцето изгледа многу блиску, како да можеш да го допреш, а зајдисонцата се неверојатно прекрасни.


Што вообичаенo прават луѓето на Исланд кога не се на работа?
Ако Ирците одат во пабови, Французите на кафе, Исланѓаните одат на базен.
Термалните води и пливањето им се навика, потреба, ритуал, буквално „излегуваат“ на базен.
Многу спортуваат, за викенди сите се со семјствата, ручек или прошетка во природа, навечер во паб на пиво и добра свирка.


Дали би се вратила пак?
Во мојот коментар на фотографиите објавени на социјалните мрежи напишав: „Исланд ми го украде срцето! Се гледаме повторно... за кратко!“.
Да, дефинитивно ќе се вратам пак, ми останаа уште многу места кои сакам да ги видам, уште многу спомени кои сакам да ги креирам, баш таму!


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
