Новинарката Елена Марковска на патување од соништата во Исланд: „Пробав месо од кит, тука никој не се меша во животот на другите“
Гејзерот Строкур ме остави без зборови со неговите ерупции, а црната песочна плажа кон Вик, Глечер Лагун и дијамантската плажа со сјајните ледени санти посебно фасцинираат – плажите се сурови, мистични, прекрасни и задолжително треба да се посетат.
Ако сте сместени во Рејкјавик или околните градчиња задолжително треба да ја посетите Сината лагуна (природен базен под отворено небо) каде водата е толку топла и тиркизно сина што изгледа магично, а се наоѓа во вулкански предел.
Силна препорака и за посета на музејот Перлан што се наоѓа блиску до центарот на градот.
Јас ги сакам животните и посебно ме радуваа исландските коњи што трчаат слободно низ огромните ливади, стадата овци и прекрасните птици кои можете да ги видите само таму.
А моментот што ќе го носам со себе цел живот, како потсетник колку природата е величествена и колку сме мали пред нејзината моќ, дефинитивно е Аурора Буреалис - не можев да верувам дека таква магија постои и може да се види од оваа планета.


Што од сите овие прекрасни работи ти остави најсилен впечаток?
Исланд е земја што на прв поглед те освојува, но и збунува.
Неверојатно е како огнот, мразот и водата се соединуваат на ист простор, па тешко е да се направи разлика и да одвоиш само едно нешто, особено ако искрено ја љубиш природата.
Секое место има своја посебна убавина: глечерите се вечни и моќни, вулканите дишат со својата историја, водопадите и гејзерите раскажуваат приказни што траат со векови.
Сепак, ако морам да издвојам нешто што ми остави најсилен впечаток, тоа е аурората.
Оти не е само зелена светлина на небото, туку е спектакл што го буди најдлабокиот восхит и чувство на човековата немоќ пред моќта на природата, те прави свесен колку сме мали пред величественоста на свемирот.


Какво беше чувството да се види Аурора Бореалис во живо?
За чувствата раскажав предходно, но мислам дека корисна информација за сите кои ќе бидат сместени во Рејкјавик е од каде најблиску и најдобро можат да ја видат северната светлина.
На околу 8km од центарот на градот се наоѓа плажата Грота каде не допираат светлата од градот, ноќите таму се темни и мирни, совршени услови за овој природен спектакл.
Многу туристи се собираат на оваа плажа, а чувството е како да нема никој. Сите молчат застанати позади објективите чекајќи ја Аурора.
Во моментот кога ќе се појави зеленета светлина која танцува во чудни облици па небото, кои пак се пресликуваат долу на океанот – огромни воздишки и восхит се шират наоколу.
Поубав танц, поубава претстава немам гледано никогаш.


Како стигна до Исланд, колку авиони смени, колку време се патува? Бидејќи нема директна линија од Скопје, која е најдобрата опција за лет до таму?
Скопје - Варшава - Рејкјавик. Од сите опции во тој период таа најмногу одговараше.
Два саати од Скопје до Варшава и околу 4 саати од Варшава до Кефлавик (аеродромот е во овој град, кој се наоѓа на 40km од Рејкјавик).


