Катерина Краљевска: „Со сопругот и 3-те деца живееме во предградие на Стокхолм, тука децата носат облека од втора рака“
Има ли многу Македонци и се дружите ли?
Во Стокхолм, за жал, нема многу Македонци. Повеќе ги има во Гетеборг и Малме.

Како се снајде сопругот со документите и јазикот?
Сопругот најмногу го научи шведскиот јазик преку работа и преку мене, а документите ги доби исто така преку мене.

Што најмногу ви се допаѓа од начинот на живот?
Најмногу ми се допаѓа начинот на растење деца – активен живот без страв. Децата учат да пливаат, да скијаат и да бидат самостојни.
Ми се допаѓа и тоа што од обичен простор се прави убаво место за дружење и што луѓето го чуваат.

Во Македонија често се прави ново место кое станува хит, но по една сезона се запушта.
Животот со деца е поекономичен: музеите се бесплатни за деца, има многу бесплатни паркови и игралишта, како и развиена second-hand култура. Нема притисок постојано да се купуваат скапи работи.
Во секоја општина има библиотека, па дури и „спортска библиотека“, каде што бесплатно можеш да позајмиш спортска опрема за две недели.
Во библиотеките има голем избор книги за деца. Така секогаш имаш бесплатни активности со децата, без да трошиш многу пари – нешто што ми недостасува во Скопје.

Како функционираат институциите?
Многу добро. Сè е дигитализирано – пријави, документи, комуникација – сè може да се заврши онлајн.

Какво е темпото на живот?
Темпото е прилично опуштено. Работното време најчесто е од 9 до 17 часот, со малку спорт или активност преку неделата, а викендите се резервирани за прошетки.
Преку недела ретко кој излегува, за разлика од Скопје.
Петокот е „свет“ ден – тогаш се оди на after work (AW) и најчесто тогаш луѓето излегуваат на пијалак.

