Тура низ Македонија со Лиде, наш туристички водич: „Кои ми се омилените градови (и зошто)?“
- Детали
- вторник, 10 март 2026
„Струга ја обожавам поради Црн Дрим и чувството на леснотија, како да сум на одмор дури и кога работам таму. Битола поради Широк Сокак има посебен шарм. Крушево бидејќи ме потсетува на моето родно Кратово“, вели Лиде Стојановска и ги рангира градовите во Македонија. Кој ѝ е број 1? А кој, пак, ви е вам?

Лиде Стојановска oд Кратово, како лиценциран туристички водич со 14 години искуство, ги има посетено речиси сите градови низ Македонија, и приватно и професионално.
Вели дека речиси целата држава ѝ е како отворена книга, а секој град има своја енергија, свој ритам и своја приказна.
На прашањето: „Дали има градови што сè уште не си ги посетила?“, Лиде за CRNOBELO.com вели:
„Иако сум туристички водич, сè уште не сум ги посетила Делчево, Демир Капија и Македонски Брод. Низ Ресен и Демир Хисар сум поминувала, а низ Пехчево само еднаш.
Тоа ми е дополнителна мотивација да одам, затоа што секогаш има нови приказни што ме чекаат“.
Лиде за CRNOBELO.com сподели кои 10 наши градови ѝ се омилени и зошто:
Кратово – родниот град засекогаш на прво место
Тоа е мојот роден град и местото каде што започна мојата љубов кон историјата и туризмот.
Моето семејство и пријатели, камените кули, старите мостови, вулканските карпи и тивките калдрмисани улички имаат нешто магично. Во Кратово традицијата се живее - не е само минато, туку сегашност.
Таму ја јадам највкусната пастрмајка и таму го чувствувам најголемиот мир. Тоа е мојот корен и мојата инспирација.


Прочитајте и Лиде Стојановска за родниот град: „Како деца во Кратово им се восхитувавме на светулките, беревме шумски јагоди, јадевме пастрмајка“
Охрид
Погледот кон езерото, старите цркви, камените улици и златните зајдисонца создаваат чувство дека времето застанува.
Охрид е емоција. Таму секогаш дишам подлабоко.


Струга
Поради Црн Дрим и летната леснотија. Има чувство на одмор дури и кога работам таму.
Скопје
Контрасти на секој чекор - стара чаршија, модерни плоштади, различни култури и периоди испреплетени во една приказна.
Како водич, Скопје ми е неисцрпна инспирација. Секојпат има нешто ново за откривање.

Прилеп
Марковите Кули му даваат моќен карактер, а прилепскиот хумор секогаш ми буди насмевка.
Струмица
Медитеранска атмосфера, топлина, фестивали и насмеани луѓе.
Битола
Поради Широк Сокак и прекрасната атмосфера. Битола има посебен шарм.

Куманово
Го сакам поради вкусната храна и прекрасниот музеј.
Секогаш кога сум таму, комбинацијата од традиционални вкусови и културно богатство ми остава силен впечаток.