Kристина (26) од Ресен живее на Малдиви: „Водич сум, нуркам со ајкули, се дружам со локалците - им донесов и бело сирење“

„Шок доживеав тука кога за првпат се вселив во куќа и дури по вселувањето сфатив дека нема топла вода за туширање. Така научив дека голем дел од локалните куќи и станови немаат топла вода, односно принципот на затоплување функционира со буре кое е поставено на сонце и на тој начин се затоплува водата“, вели Кристина (26) од Ресен која веќе 3 години го живее својот сон на Малдиви и се дружи со локалци. 

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-01.jpg

Кристина (26) од Ресен живее на Малдиви и е туристички водич по професија.

Уште од мали нозе имала желба да истражува и да споделува убави места со луѓе кои уживаат во природа.

Прво се образувала како компјутерски инженер и работела во Скопје, а паралелно отсекогаш била поврзана со патувања.

На 15 години започнала да помага при организација на турнеи и патувања за културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“ од нејзиниот роден град Ресен, а преку учеството на фестивалите имала можност да запознае луѓе од целиот свет.

По неколку години почнала самостојно да се приклучува на различни проекти и Еразмус+ програми, што ѝ овозможило дополнителна едукација и посета на уште повеќе држави низ Европа.

Притоа, стекнала и многу нови познанства – нешто што особено го цени, бидејќи искрено ужива во запознавање различни култури и начини на живот.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-15.jpeg

По пандемијата сфатила дека живот исполнет со патувања и истражување е она што навистина ја прави среќна и исполнета. Се доедуцирала, стекнала лиценца и започнала професионално да работи како туристички водич.

До денес има посетено околу 40 држави низ Европа, Африка, Азија, Централна и Јужна Америка.

Сепак, од сите тие места, најсилен впечаток ѝ оставиле Малдивите. Вели дека таму се чувствува како дома и најголем дел од времето во последните три години го поминува токму таму.

За неа, Малдивите не се само дестинација, туку чувство – мир и тишина, кристално чисти води, тропска егзотика и незаборавен подводен свет.

Животот таму тече побавно и поопуштено, со високо ниво на безбедност, топло гостопримство и богата култура.

Денес, не само што живее таму, туку има чест да им помага на други луѓе да ја доживеат истата магија.

За неа, патувањето не е само дестинација, туку чувство што останува засекогаш. Досега има водено над 1.300 Македонци на Малдивите, нешто што ѝ претставува особена радост.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-28.jpeg

Како една Македонка заврши на Малдиви - случајност или судбина?

Како и многу работи во мојот живот, патот кон Малдиви започна од љубовта кон патувањето и желбата постојано да откривам нови светови – култури, луѓе и начини на живот различни од мојот.

Не верувам во случајности, а искуството што го доживеав тука и трансформацијата што ова место и природата ја донесоа во мојот живот ми покажаа дека ова не е само уште една дестинација, туку вистинска пресвртница.

Уште поинтересно ми е што се почесто го слушам истото и од моите патници, по завршувањето на нивното патување на Малдиви – викаат дека овдешните искуства им го промениле животот.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-19.jpeg

Како ти изгледа еден обичен ден таму?

Тука „обичен“ ден баш и нема, а токму тоа ми е најинтересно. Денот најчесто започнува рано, со сонцето и мирисот на океанот, а потоа следуваат подготовки за тури, координација со локалците и грижа сè да тече мирно и без стрес за патниците.

Меѓу обврските, секогаш има простор за краток разговор со мештаните, кафе покрај океан или набљудување на природата, која постојано потсетува колку животот може да биде едноставен и убав.

Навечер, островот забавува – доаѓа време за разговори, филмски проекции на плажа под отворено небо, тишина, ѕвезди и чувство на благодарност што овој живот станал моја реалност.

Слободното време го користам за јога, сурфање и теретана, читање, учење, творење, работа на себе, како и за дружење со локалните пријатели, што дополнително ме поврзува со животот на островот.

Најчудното прашање што ти го поставиле туристи?

Чудни прашања за мене нема, на луѓето кои првпат доаѓаат секакви прашања им се вртат низ глава, исто ми беше и мене кога дојдов тука за прв пат. Малдивите се различни во секоја смисла – од природа, до начин на живот.

Но, најсмешното прашање ми беше кога патник ме праша дали No Bikini Beach значи дека таму треба да одиме без бикини?

А впрочем на Малдиви нудизмот е забранет со закон и No Bikini Beach се плажи каде треба да сме облечени по локалниот кодекс на облекување, што значи повеќе од бикини.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-26.jpeg

Најинтересната тура што си ја водела?

Најинтересната тура што сум ја водела беше кога со мојата група имавме неверојатна среќа да се сретнеме на само со кит ајкула – една од најстарите и најголемите животни под вода, чие присуство носи смиреност и историска мудрост.

Мирно јадеше планктони, додека ние пливавме сосема сами со неа, без да ја вознемируваме, целосно уживајќи во моментот.

Ова „нежно гигантско“ суштество, како што го нарекуваат, беше љубопитно и игриво – се вртеше околу нас и пливаше со групата повеќе од 20 минути, толку голема и величествена што само по сенката можеш да ја почувствуваш.

Тоа беше искуство исполнето со магија, спокој и восхит, кое ќе остане засекогаш во моето сеќавање.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-21.jpeg

Кој момент те натера да помислиш „Да, ова е животот од соништата“?

Уште првиот ден кога стасав, кога ги извадив влечките и почнав да чекорам боса по коралната прашкаста песок, почувствував дека ова е животот од соништата.

Но, со текот на времето, тоа чувство само се зајакнуваше.

Топлината на локалците кои те прифаќаат како дел од фамилија, изобилството на природни убавини и бескрајните океански авантури, како и почитта и заштитата што мештаните ја пружаат кон океанот и целиот подводен свет, го прават ова место навистина магично.

Секој ден тука ме потсетува дека животот може да биде едноставен, спокоен и исполнет со убавина.

Дали некогаш турист те изненадил со некоја необична молба?

Една од најинтересните желби што мој патник ги посакал беше да ја запроси својата сакана, но не каде било, туку токму на местото каде што пливаме и нуркаме со ајкулите! Ја имав честта да ја остварам неговата желба.

И прекрасно беше да се сведочи моментот кога девојката кажа „ДА“ правејќи меурчиња под вода и климајки со главата, додека древните суштества мирно кружеа околу нас.

Тоа беше уште еден незаборавен момент од моите мемоари.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-11.jpeg

Кој е најсмешниот културен шок што си го доживеала?

Еден, на почеток и не толку смешен културен шок кој го доживеав тука беше кога за првпат се вселив во куќа и дури по вселувањето сфатив дека нема топла вода за туширање.

Така научив дека голем дел од локалните куќи и станови немаат топла вода, односно принципот на затоплување функционира со буре кое е поставено на сонце и на тој начин се затоплува водата.

Мештаните се навикати на тоа, па не се сетиле да ме информираат од претходно со оглед на тоа дека за нив е тоа нормално.

Но, благодарение на мојата драга Бетика – нашата ледена кралица, која со љубов и трпение ми има пренесено прекрасно знаење и методи за капенија во ладни води, бев спремна со тоа искуство и брзо се привикнав на тој начин на живот.

Сега имам бојлерче за затоплување, но најголем дел од времето преферирам да се туширам со ладна вода. Така што сега е смешно, бидејќи прво се бунев, а сега и јас живеам така.

Уште еден интересен културен шок ми беше кога сфатив дека голем процент од Малдивчаните не сведочеле на снег никогаш во нивниот живот. А дел од нив одат на конкретни дестинации со намера да видат снег.

И уште еден интересен културен шок ми беше тука кога дојдов за првпат и сфатив дека најголем број од машката популација тука има долга коса. Никаде на друго место не сум видела толку машки со долги коси.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-06.jpeg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Исидора Здравковска (27) за животот на Малдиви: „Слетав во хаос на Мале, јадев дома кај локалци, пли... „Малдиви со години ми беше дестинација што ја гледав по разгледници и Инстаграм ...

Најчитани неделава