Kристина (26) од Ресен живее на Малдиви: „Водич сум, нуркам со ајкули, се дружам со локалците - им донесов и бело сирење“
Како е да објаснуваш на туристи како да нуркаат или да видат ајкули без да се уплашат?
Стравот е природна појава за овие ситуации кога се соочуваме со животни за кои генерално сме програмирани да мислиме дека се едни од најопасните што постојат.
Но, со добра информираност и едукација и со претходна подготовка на нашите гости кои се враќаат воодушевени од овие интеракции – ние гордо ги побиваме тие аргументи.
Објаснувањето на туристи како да нуркаат или како да ги набљудуваат ајкулите без страв е секогаш предизвик, но и неверојатно задоволство. Секогаш започнувам со објаснување на нивната природа и однесување – ајкулите како Nurse Sharks се големи, но нежни и се чувствуваат мирно кога се почитува нивниот простор.
Ги водам чекор по чекор, им помагам да се опуштат во водата и кога ќе ја видат нивната природна грациозност – стравот исчезнува, а го заменува восхитот. Во тие моменти, луѓето не само што учат, туку и доживуваат вистинска магија под вода.
Дали плажите навистина се како на филм или има некои „забавни тајни“?
Плажите се навистина како на филм, но верувале или не, во живо се уште поубави – понекогаш некои пејзажи се чинат надреални!
Водата е кристално чиста, со видливост каква што никаде не сум сретнала, боите интензивни, а пејзажот апсолутно уникатен.
Малдивските плажи се сите нијанси на најсмирувачките сини бои, а за љубителите на тропска егзотика – опкружувањето е чудесно и едноставно остава без здив.

Кој е твојот „омилен момент на Малдиви“ што не се гледа на Инстаграм?
Мојот омилен момент на Малдиви од делот на она што не се гледа на Инстаграм, е поврзаноста со мештаните и времето што го поминуваме заедно.
Тие ми открија колку суштинска улога има Океанот за животот на земјата, ме научија да не се плашам од ниедно подводно животно, да ги разбирам и почитувам, да сурфам и да давам безрезервно.
Тие моменти на дружба и учење се исклучителни, далеку од фотографиите и идеализираните сцени.
Еден од тие моменти ми беше кога по враќање од Македонија со себе понесов еден цел куфер со македонска и балканска храна и ги поканив сите локални пријатели со кои се дружам, а и нивните пријатели.
Најинтересни ми беа реакциите кога го пробуваа белото сирење, бидејќи скоро никој од нив не го пробал претходно. На некои им беше убаво, на повеќето пресилно на вкус, но за сите беше уникатно гастрономско искуство.

Која е најдобрата сезона за да се посетат Малдивите?
Секогаш, бидејќи на Малдивите преовладува топла тропска клима, со висока влажност и јасно изразено монсунско влијание.
Со оглед дека државата се протега на двете хемисфери – времето е секогаш топло и погодно за плажа, водата е топла, а и дождот исто така.
Кои острови би ги препорачала за прв пат на турист? Како да се движиш од остров на остров без да потрошиш богатство?
Туризмот на Малдиви се одвива на два начина: локален туризам и туризам на ресорти (приватни острови).
Правилата, цените и искуствата се сосема различни во зависност од изборот на патникот.
Од вкупно 1.200 острови, само околу 400 се населени – половина се приватни ресорти, а другата половина се локални острови каде живеат мештаните и каде туристите можат да уживаат во најразлични активности.
За авантуристите и оние кои бараат уникатни искуства, најдобро е да се фокусираат на локални острови – тие нудат автентичност, топлина од локалците и можност да се истражи вистинскиот живот на Малдиви.
Засега организираме индивидуални како и групни тури на локални острови, сурферски тури, престој на ресорти и крстарења со луксузни јахти.
Мојот најголем фокус е на повеќедневни групни експедиции од 10 до 15 дена. Тоа е оптималниот начин да се доживеат Малдивите: сместување на неколку острови, посета на други острови низ екскурзии, со конекција, дружба и незаборавни авантури.
Истото може да се доживее и со крстарења низ централните атоли, но со повеќе приватност и алкохол во секое време.
За движење од остров на остров, најдобрата опција е комбинација од локални брзи бродови (speedboats) и бавни локални бродови (Dhonis), што овозможува истражување на повеќе острови без да се потроши богатство.

Кои активности се „must do“ што туристите често ги пропуштаат?
Набљудувањето на Китајкулата – Whaleshark е едно од најубавите искуства, а нашите балкански туристи имаат тенденција да го пропуштаат бидејќи не е 100% сигурно дека ќе ја видат.
Таа, како и секое слободно диво животно кое мигрира по океанските води, се движи на одредени релации, но понекогаш ужива во длабочините и никој нема можност да ја види или пронајде.
Тоа е природата на Океанот, некои денови гледаме сешто, а некои денови не сретнуваме ништо и токму во тоа е убавината – никој ден не е ист!
Од оние „must do“ искуства на копно кои ги препорачувам се традиционалното плетење на шешири од палмини лисја, плетење на „Kasabu boavalhu“ – украсниот и сложен изрез (вратник) на традиционалната малдивска облека, dhivehi libaas.
Слушање и танцување Bodu Beru – традиционална малдивска музика и танци, пробување малдивска традиционална храна како што се Mas Huni за појадок, Garudiya, Rihaakuru, Fihunu Mas, Hedhikka за ужинка со чај или кафе, пикник на песочен насип, посматрање на биолуминисценција, изгрејсонцето и зајдисонцето.

Дали е подобро да се остане во ресорт или да се истражуваат локални острови?
Доколку се прашувате дали е подобро да останете во ресорт, да истражувате локални острови или да крстарите со јахта, еве целосен преглед:
Ако сакате луксуз, удобност и приватност, ресортите се идеални – сè е организирано, од собите и храната до базените и активностите, па можете да се опуштите без грижи. Но, ќе видите само околината на ресортот, а цената е значително повисока.
Ако пак сакате автентично искуство и културна авантура – истражувањето на локални острови е најдобро. Таму ќе пробате локална храна, ќе запознаете луѓе не само од Малдиви, туку од целиот свет, ќе го видите вистинскиот живот на Малдиви и сето тоа за многу пониска цена.
Сепак, логистиката е поголема и луксузот е ограничен во споредба со ресорт.
Јахтите со крстарење комбинираат најдоброто од двете: имате луксуз и приватност како на ресорт, но и можност да посетите многу острови, да одите на екскурзии, да нуркате или да имате пикник на ненаселени плажи и често сето тоа по пониска цена, отколку ресорт.
Вистинскиот избор зависи од тоа што посакувате: целосен луксуз и релаксација - ресорт, културно искуство и авантура - локални острови, комбинација од авантура и удобност - јахта со крстарење.
Некои од туристите комбинираат: неколку дена на ресорт за одмор, а потоа локални острови или јахта за авантура и разновидност.

Најпрактичен трик за да избегнеш туристички гужви?
За да избегнеш гужви, не доаѓај во текот на највисока сезона – кога на најголем дел од Земјата е ладно, а особено во периодот околу Новата Година.
Во периодот од ноември до февруари доаѓаат најголем број на туристи. Исто така, од локалните острови избегни ги Мале и Маафуши – тука е најголемата гужва.
Што да спакуваш ако доаѓаш на Малдиви – нешто што многумина забораваат?
За Малдиви спакувај лесна памучна, ленена облека, костими за капење, сенки за на глава, прикладни алишта за шетање низ локалните острови и папучи за заштита од корали доколку имате.
Понесете си и квалитетен крем со заштитен фактор кој е reef friendly (нема да им штети на коралите), средство против комарци, подводна камера или маска за сноркелинг доколку поседувате, водоотпорна торба е исто така многу практично да се има за тука.
Но и да немате ништо од тоа, буквално сето тоа може да го најдете и набавите на Малдиви.
