Марија Главчева за животот во Чикаго: „Многу македонски деца има овде, а сите тие можеа да растат во Македонија“
Како ти дојде идејата да почнеш подкаст во САД? Колку беше тешко?
Идејата ми дојде многу спонтано, многу природно. Како да имав некаков повик да го направам ова. Интуиција, шесто сетило, или голема љубов да го почнам ова, се споија.
Изгледа ѕвездите сакаа да пишуваме историја за Македонците од Америка. Слушав многу приказни низ годините додека сум тука, се сретнав со секакви човечки судбини и сакав јавноста да дознае за таквите работи.

Да слушне секој низ што поминуваме кога се преселуваме во Америка, како е да се почне одново, во друга земја и со други луѓе.
Процесот на создавањето на подкастот не е едноставен, затоа што сама го правам ова заедно со сопругот. А во исто време се тераат и другите обврски, целосно посветена сум и на децата, сами ги растеме со сопругот, немаме помош и ете некако успевам да го реализирам и подкастот.
Не дека се жалам, слатки маки се ова и уживам во секој еден дел од целиот овој процес.

Дали се чувствуваш како мост помеѓу Македонците дома и нашите иселеници во САД? Бараат ли помош од тебе нашинци што доаѓаат таму?
Јас градам платформа која ќе им помогне на еден или друг начин на Македонците, било во Америка или Македонија.
Се надевам дека секој ќе научи нешто од раскажаните судбини, од дадените совети на гостите во подкастот. Гледачите ќе имаат можност да видат различни профили на луѓе кои во себе носат одредена приказна, живеат живот кој може да биде инспирација или лекција за некого.
Нека стиснат SUBSCRIBE на YouTube каналот „Marija vo Amerika“, и ќе бидат секогаш во тек со новитетите, гостите и темите.

Што ти е најомилено од животот таму?
Омилен ми е домот кој сама го создадов. Почнав од нула, со два куфера и желба за успех.
Ја сакам храната овде, затоа што има сè, секоја кујна за сечиј вкус. Омилени ми се парковите за деца, разновидноста што ја нуди општеството.

Што те нервира најмногу во САД?
Да бидам искрена во Америка има многу измамници кои ѕвонат секојдневно за сè и сешто.
Да ти е страв да кренеш на телефон, не знаеш дали ти ѕвонат да те лажат или измамат. Е тоа ме вади од такт.
И да, стотици писма што ни доаѓаат по пошта, а се небитни работи, реклами колку сакаш.

Колку чини еден луксузен дом таму? А еден просечен?
Зависи во кој дел на Америка си затоа што цените варираат, но конкретно за Чикаго и околината, луксузен дом е над 1.000.000,00 долари и нагоре.
Ако веќе зборуваме за топ луксуз тоа чини неколку милиони долари. Може да се најде нешто и малку под тоа, но сега има разлика од луксузи и луксузи во самиот дом.
Просечен дом чини над пола милион и нагоре.

Какви се на поле професија Американците?
Кога станува збор за кариера и професионалност со Американците нема лабаво. Многу се компетитивни, точни и прецизни.
Е сега и тука има различни карактери, различни слоеви на општество и зависи каде живее Американецот, каде учи и што работи.

Колку е различна Америка за доживување како турист и како граѓанин таму?
Кога доаѓаш како турист, посебно кога има и кој да те шета - ги гледаш само најубавите работи. Шеташ по најубавите и најпопуларни места, сите се трудат да ти покажат сè најпозитивно.
Е, кога ќе почнеш да живееш - те удира вистината и реалноста во лице.
А тоа е дека не е розово воопшто, парите не паѓаат од небо и треба да си ја сфатиш сериозно работата.

