Марија Главчева за животот во Чикаго: „Многу македонски деца има овде, а сите тие можеа да растат во Македонија“
Најдобра и најлоша карактеристика на локалците?
Најдобра е дека на прв поглед се сите фини и културни, а воедно и најлоша, затоа што се лицемерни и површни.
Нема длабочина во тоа што ќе го кажат или пофалат. Мене тоа не ми се допаѓа воопшто.
Воопшто не ги сакам дволичните луѓе, но, за жал, повеќето се такви. Зборувам за Американците локалци.
Ние Македонците сме сосема друг табиет, култура и карактери.

Има ли многу Македонци што живеат таму?
Има мнооогу Македонци. Точна бројка не знам, нема никаде некаква статистика за да можам да се повикам на тоа, но многу сме.
Еден пример, кога требаше да се сликаат децата со Дедо Мраз за Нова година пред неколку години во црквата во околината на Чикаго, снема пакетчиња за децата. Премногу деца, кои никој не се ни надеваше дека ќе дојдат.
Многу родени македонски деца има овде, а сите тие можеа да растат и живеат во Македонија. Но, ете, живот.
И токму Македонците и нивните судбини ќе бидат раскажани во подкастот.

Каде одат локалците на одмор?
Локалци може да се видат на одмор во Мексико, на крстарења, во Пунта Кана, Јамајка, Бахамите… Секако, Флорида на Американците исто им е супер опција.

Долови ни некои најинтересни навики на локалците…
Навики, па за нив сосема нормално е да станат во 5 наутро, да вежбаат, да се спремат и веќе во 7 или 8 да се на работа, спремни.
Ручек време им е 11-12 попладне што за нашиот балкански менталитет тоа е уште е појадок. А Македонците локалци, па тука нема голема промена околу нашите навики во Македонија или Америка.

Која е тајната на твојот успех? Дали секој што ќе замине има шанса да успее?
Тајна нема, има голема пожртвуваност, тешки моменти, осаменост и желба за успех. Што нема да те скрши ќе те направи посилен, и еве ме, силна, самоуверена и своја.
Секој може да успее, но секој успех си има своја цена и данок кој на еден или друг начин го плаќаш.

Што би донела од таму во Македонија и од Македонија би однела таму?
Во Македонија би донела чист воздух, многу зеленило и паркови.
Од Македонија би си ги собрала најблиските и би ги донела да живеат во Америка, до мене, затоа што само они ми фалат.





