Благојче Атанасоски: „Бев во Копенхаген на мечот Македонија - Данска за пласман на Светско - градот e совршен, цените се криминал“
- Детали
- понеделник, 30 март 2026
„Уште, од првиот момент, кога при извлекувањето за бараж дуелите за пласман на Светското првенство во фудбал 2026-тата година, ни се падна репрезентацијата на Данска, со другарите веднаш почнавме да се организираме за да одиме. Бидејќи нема директен лет до Копенхаген, главниот град на Данска, по логика на работите, купивме карти за соседниот Малме во Шведска“, вели Благојче Атанасоски (36) од Скопје за CRNOBELO.com.

Благојче Атанасоски (36) од Скопје, магистер по политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“, има посетено повеќе од 40 земји досега, а сега присуствуваше на мечот Македонија - Данска за пласман на Светското првенство во фудбал 2026 година.
И иако резултатот не беше добар, Благојче вели дека целото исксутво било одлично, како дружењето со македонската фаланга, така и прошетките низ совршено чистиот Копенхаген.
Благојче за CRNOBELO.com го споделува искуството оттаму:
„Уште, од првиот момент, кога при извлекувањето за бараж дуелите за пласман на Светското првенство во фудбал 2026-тата година, ни се падна репрезентацијата на Данска, со другарите веднаш почнавме да се организираме за да одиме.

Како вистински вљубеници во фудбалот, особено на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација, претходно бевме договорени, неколку другари, без разлика која држава да ни се падне (Турција, Италија или Украина), ние да одиме.

Бидејќи нема директен лет до Копенхаген, главниот град на Данска, по логика на работите, купивме карти за соседниот Малме во Шведска.
Поради огромната заинтересираност на нашите сонародници, цените на авионските билети, рапидно се зголемуваа и мораше да се реагира веднаш.
По земање на авионските карти, букиравме веднаш сместување, што за дански услови, беше релативно „евтино“. Околу 375 евра, за две вечери, за шест лица.
Навистина тоа беше една соба со двокатни кревети, но тој што патувал знае какви се цените за сместување низ Европа, да не говорам за Скандинавија и особено Данска.

Полетавме, во 06:15 часот, утрото на 26.03., и возбудата веќе почнуваше.
Во Малмо, нè пречека нашиот „домаќин“, другар, кој живее повеќе од 10-тина години во најјужниот шведски град.
Автобусот од аеродромот во Малмо до Малмо Централ чинеше 15 евра, додека да појдете од Малмо до Копенхаген, картата за воз чини од 10-13 евра, во зависност.

Па кратка прошетка низ центарот на градот, се упативме веднаш со воз кон Копенхаген, преку познатиот мост „Оресунд“, кој ги поврзува данскиот главен град и Малме.
По пристигнувањето се упативме кон хотелот и по „распакувањето“, веднаш отидовме кон „Irish Pub“, збирното место за „македонската фаланга“, односно навивачката фан зона, за нас навивачите, како од Македонија, така и за нашинците во дијаспората.

Таму веќе „вистинско лудило“. Ечеа познатите македонски патриотски песни, Македонци од сите наши градови, како и од Малмо, Копенхаген, другите шведски и дански, но и од многубројни германски градови, беа дојдени да ги бодриме „Рисовите“.
Енергија и еуфорија, која не се опишува со зборови, и чувство кое ви ја полни душата, секако доколку сте вљубеник и голем и ревносен фан на македонската фудбалска репрезентација.
Сите потајно со надеж дека ќе се повтори „чудото од Палермо“, пред 4 години, кога ја победивме Италија на гости, исто така во бараж дуел.

Некаде два часа пред натпреварот, се упативме кон „Паркен“ стадионот, каде што се одигра бараж дуелот меѓу Данска и Македонија, спроведени од данската полиција, онака како што налага редот.
Повторно, громогласни песни, развиорени знамиња и шалови, „повредени гласни жици и оптоварени грла“.
Сè за Македонија.
На стадионот, фанстастична атмосфера на нашата трибина. И покрај тоа, што ние бевме далеку помалубројни, нормално, од данските домашни навивачи, без лажна скромност, бевме многу погласни и порасположени во навивањето, се разбира, како класични Балканци.
За жал, посакуваниот резултат, изостана и на крајот резултатот ја покажа разликата во квалитетот меѓу данската и македонската репрезентација.
