Kристина (26) од Ресен живее на Малдиви: „Водич сум, нуркам со ајкули, се дружам со локалците - им донесов и бело сирење“

Најсмешна или необична туристичка грешка што си ја видела?

Беше тоа една ситуација кога еден повозрасен патник (73 години) од една моја група носеше апаратче за слушање што впрочем го извадил во моментот пред да се спушти на нуркање со ајкулите.

Иако неколку пати имав потенцирано дека никако не смееме да допираме ништо под вода, особено не животните, тој заборавил сè кога ги видел – па сакал да види дали ако ја потегне ајкулата за опашката таа ќе изреагира.

Тоа и го стори, а јас кога го видов почнав да викам, но залудно, патникот ништо не слушаше. Се присети на правилото откако отидов и го повлеков назад на бродот.

А уште посмешно, на еден смешен колега му се случи слична ситуација – каде што негов патник допрел ајкула. Но, колегава реши да го заплаши со тоа што на хотелската соба му испрати писмо со објаснување дека поради нанесена траума сега ајкулата е на ветеринар и не смее да ја пуштат додека тој што ја направил штетата не ги подмири трошоците. А во спротивно, доколку не се подмирени трошоците ни тој не ќе може да ја напушти државата.

Стресно беше за патникот додека сфати дека е зафрканција, но верувам дека доби и добра поука од целата ситуација.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-20.jpeg

Кои занимања се најчести – риболов, туризам, занаети?

Риболовот е традиционално занимање на Малдивчаните, особено на локалните острови, каде што луѓето векови се занимавале со производство на туна и други видови риба.

Малдивите се еден од најголемите производители на туна (skipjack и yellowfin) на Индискиот океан. Особено е важно тоа што користат традиционални и одржливи методи на риболов, како што е pole-and-line fishing, и тоа што масовниот, неконтролиран риболов е забранет – што помага за зачувување на морскиот екосистем.

Денес, туризмот е најголемиот извор на приходи, а локалните жители најчесто работат работи поврзани со океанот како нуркачи, капетани, подводни фотографи, инструктори за водени спортови и сл.

Занаетчиството е креативно – многумина цртаат, изработуваат сувенири и други продукти од рачна изработка, кои најчесто се поврзани со локалната култура и океанот.

На кратко: Малдивите го комбинираат традиционалниот, одржлив риболов, креативното занаетчиство и туризмот, при што најголем дел од мештаните работат работи директно или индиректно поврзани со oкеанот.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-08.jpeg

Колку на локалците им е важно семејството и соседите во секојдневниот живот?

На Малдивите, семејството и соседите се најважни во секојдневниот живот. Луѓето живеат во тесно поврзани заедници.

Замислете: еден остров долг еден километар и широк 300 метри – животот тука едноставно не може да се замисли без сложност, солидарност и меѓусебна помош.

Семејството, пријателите и соседите се основата на секојдневното функционирање, од риболов и работа до прослави и секојдневни обврски.

Кои се најчестите предизвици за живот на остров – ресурси, транспорт, клима?

Ресурсите понекогаш се ограничени поради предизвиците при транспортот на истите. Тука најголем дел од транспортот на ресурси се одвива со карго бродови, кои доаѓаат еднаш до два пати неделно на островите, но понекогаш кога океанот е немирен бродовите не доаѓаат.

Истото важи и за траспортот на патници меѓу островите – ретко, но се случува поаѓањата на бродовиви да бидат преместени, а понекогаш и откажани. Безбедноста е секогаш на прво место тука.

Климата е погодна и не бара голема адаптација, бидејќи нема големи промени во временските услови.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-07.jpeg

Што прават за забава локалците кога нема туристи?

На Малдиви нема ни еден ден од годината кога нема туристи, но од приказните што мештаните ми ги пренеле за животот пред да се отвори туризмот на локалните острови на Малдиви (во 2009-та година) – луѓето често се собирале на плажа, на риболов, организирале пикцини, се дружеле постојано и играле најразлични игри покрај и во вода, готвеле традиционална храна, пееле, танцувале итн.

Дали локалците често патуваат меѓу островите или поголемиот дел од животот го минуваат на едно место и каде?

Зависи од индивидуата, како и секаде.

Има многу кои сакаат да патуваат и низ Малдивите и во странство, но има и многу такви кои не отишле подалеку од островот каде што се родени и израснати.

kristina-26-od-resen-zhivee-na-maldivi-vodich-sum-nurkam-so-ajkuli-se-druzham-so-lokalcite-im-donesov-i-belo-sirenje-27.jpeg

Колку се Малдиви безбедни за соло патници?

Малдивите според мене се најбезбедната држава од 37-те каде што сум била. Тука никој не краде, односно тие што ќе се дрзнат се строго казнети и протерани од островот, а понекогаш и од државата. Буквално што и да оставите, каде и да оставите – ќе го најдете на истото место дури и после неколку дена.

Нешто што ретко кој го знае за Малдиви?

Интересен факт е тоа дека зборот „атол“ – atoll кој се користи низ цел свет потекнува токму од локалниот јазик Дивехи. Atolu (или atholhu, އަތޮޅު) значи формација во облик на прстен, на корални острови што опкружуваат една лагуна.

Исто така, луѓето тука не крадат, безбедноста е на врвно ниво што се однесува до оставање или заборавање на личните работи буквално каде било.

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Исидора Здравковска (27) за животот на Малдиви: „Слетав во хаос на Мале, јадев дома кај локалци, пли... „Малдиви со години ми беше дестинација што ја гледав по разгледници и Инстаграм ...

Најчитани неделава