Фросина од Пробиштип за семејниот живот во Холандија: „Тука никој не вика по децата, времето го минуваме надвор, насекаде има игралишта“
- Детали
- сабота, 23 мај 2026
„Породилното тука трае само 3 месеци, но огромен број жени работат само неколку дена неделно за да имаат повеќе време за децата и домот. Она што најмногу ме воодушеви е што на секои неколку стотини метри има прекрасно детско игралиште. Нашите деца пораснаа хранејќи срни, кози и овци, радувајќи се на секој сончев ден, на цвеќињата и на малите моменти што таму навистина се ценат“ - вели за CRNOBELO.com Фросина од Пробиштип, која живее во Холандија.

Фросина Чатлеска (37) од Пробиштип со сопругот од Прилеп и двете деца живеат во Дордрехт, Холандија.
На својот Инстаграм профил, Фросина пробува да го прикаже секојдневието на родители кои живеат далеку од татковината, но и споделуваат како ги учат децата на македонските корени, иако не се родени тука.
За животот во Холандија, системот, начинот на одгледување деца, навиките, образованието и многу повеќе, Фросина за CRNOBELO.com открива...
Што ве однесе во Холандија, а што ве задржа? Кога се преселивте?
Во Холандија нè однесе работата, а нè задржа квалитетниот живот. Нашата приказна како пар всушност започна во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во Абу Даби, каде живеевме и работевме шест години.
Во 2019 година мојот сопруг доби можност за релокација во Ротердам — и тоа беше пресвртница во нашиот живот.
Последните години живеејќи во ОАЕ неколкупати патувавме низ Европа, а моментот кога ја посетивме Словенија беше пресуден.

Тогаш сфативме колку ни недостасуваат природата, зеленилото и опуштениот начин на живот во Европа - да можеш спонтано да прошеташ низ град, да седнеш на кафе на плоштад, да дишеш свеж воздух и да живееш без да си затворен во климатизирани простории во поголемиот дел од годината.
Кога дојдовме во Холандија, првпат по долго време почувствував дека телото ми „дише“. Тука животот е помирен, поискрен и многу поблизок до природата.
Можеби нема гламур како во ОАЕ, но има нешто многу поважно - квалитет на живот. И токму тоа нè задржа.

Колку беше тешка преселбата?
Преселбата од ОАЕ во Холандија беше вистинска животна авантура која немаше да биде успешна без помошта од моите пријатели вработени во Etihad Airways кои на неколку наврати при летање кон Холандија ни помогнаа да го пренесеме багажот кој поради големиот габарит не можевме да го земеме со нас при напуштањето на ОАЕ.
Така, малку по малку, целиот наш живот се пресели во Холандија.
Прво се пресели сопругот кој доби можност за релокација во Ротердам и продолжи да работи во истата компанија како и во ОАЕ, но во Ротердам.
Најде стан и се погрижи за основата потребна за нов почеток. Јас дојдов неколку месеци подоцна и многу брзо успеав да најдам работа во Амстердам во доменот на мојата професија – туризам и угостителство.

Работата беше доста динамична со можност за соработка и запознавање на луѓе од различни делови на светот.
Интересно е што иако живееме во Холандија, главно користиме англиски јазик во секојдневната комуникација, а особено на работните места.
Се трудиме да зборуваме и холандски, но тоа е во рамките на можностите со оглед на тоа што Холандија, а особено областа помеѓу Амстердам – Ротердам – Хаг, е доста диверзифицирана од културолошки и етнички аспект со луѓе од различни делови од светот кои главно комуницираат на англиски јазик.
Најголемата промена при преселбата не беа документите потребни за регуларизација на престојот во Холандија или работата, туку фактот дека пустинското сонце достапно 365 дена во годината го заменивме со релативно голем број дождливи денови во годината, велосипеди и луѓе што живеат според строго дефинирана агенда.
Пример, не можеш туку така спонтано да излезеш на кафе со некој од Холандија, без притоа да го најавиш тоа дружење најмалку неколку недели претходно.

Како бевте прифатени од локалното население? Какви луѓе се локалците?
Холанѓаните се многу културни и коректни, но и прилично затворени кога станува збор за дружба.
Кај нас на Балканот е нормално да му се јавиш на некој: „Ајде кафе за 15 минути“, а тука ако сакаш кафе, прво се проверува Google Calendar. И најчесто слободен термин ќе добиеш неколку недели подоцна.
Токму затоа, природно почнавме повеќе да се дружиме со Балканци и дојденци како нас. Ние сме народ што сака спонтаност, долги кафиња, гласни дружби и уживање во моментот – тоа наше „бавно живеење“ ни недостигаше.

Но, работите почнаа да се менуваат кога син ми наполни четири години и тргна на училиште.
Во Холандија тогаш почнува основното образование, па преку неговите другарчиња – кои претежно се Холанѓани – и ние полека влеговме во нивниот социјален круг.
Холанѓаните се многу директни, едноставни и екстремно практични со парите. Тука нема лажен гламур.
Ако на работа купат подарок од 10 евра за колега, после преку апликацијата Tikkie ќе ти пратат барање да им вратиш точно 30 центи.
Првиот пат ми беше шок, а сега ми е веќе смешно и интересно – едноставно тоа е дел од нивната култура.

Што ви беше најчудно кога се преселивте, доживеавте ли некој културен шок? И дали сега тие работи веќе ви се нормални?
Најголем културен шок ми беше нивниот начин на исхрана. Ние Балканците сме навикнати ручекот да биде ритуал – салата, супа, главно јадење, десерт, седење со часови на маса.
Во Холандија првиот пат кога видов дека ручек може да биде само две парчиња тост леб со едно парче кашкавал и чаша млеко, мислев дека се шегуваат.
И најинтересно е што млеко пијат буквално со сè – со сендвич, салата, па дури и со супа. Тогаш сфатив дека Холанѓаните навистина јадат за да живеат, додека ние на Балканот живееме за да јадеме и да уживаме околу храната.
На почетокот тоа ми беше многу чудно, дури и малку тажно, затоа што кај нас храната е емоција, дружење и љубов.
Сега веќе ми е нормално и понекогаш и децата сакаат „холандски ручек“, но искрено – ништо не може да замени македонска трпеза со полна маса, гласни разговори и уживање во мезето со часови.

Кога се родени вашите дечиња? Какво е вашето искуство со породување во Холандија?
Нашите две деца се родени за време на КОВИД пандемијата во 2021 и 2022 година.
Искуството со бременост и породување во Холандија беше сосема различно од она што го знаев од Македонија.
Бременоста ми беше уредна и без компликации, а она што ме воодушеви беше односот на бабиците и нивната емпатија спрема идните родилки за време на контролите на бременоста, како и популарноста на чинот на раѓање во домашни услови помеѓу холандските родилки.
Најубаво ми беше тоа што при породувањето добиваш цел апартман за себе, а присуството на сопругот е нешто сосема нормално – тој е тука да ти држи рака, да те смирува и да биде дел од целиот момент. Тоа навистина го доживуваат како семеен ритуал.
Иако првото породување траеше релативно долго, само неколку часа после породувањето нè пуштија дома со оглед на тоа што и јас а и син ми бевме добри.
Искрено, тоа прво ми звучеше страшно, но тогаш дојде најубавиот дел од холандскиот систем – таканаречената „kraamzorg“ грижа.

Веднаш кога стигнавме дома, нè чекаше бабица која десетина дена, по осум часа дневно, беше со нас.
Помагаше околу бебето, околу мене, па дури и со лесни домашни обврски. Голем дел од трошоците поврзани со тоа е покриен од здравственото осигурување и симболично се доплаќа.
Тој период ми беше како мала школа за мајчинство. Учевме сè – како правилно се преслекува бебе, капење, доење, како да заспива, како да препознаеш потреби.
Ми беше интересно и колку внимание посветуваат на раниот развој на бебето. На пример, препорачуваат бебето уште од многу мало да поминува време на цврста подлога на под за подобар моторички развој, а близу до него да има црно-бели слики за стимулација на видот и движењето на очите.

Во Холандија породилното отсуство е релативно кратко – околу три месеци после кое најголем дел од мајките продолжуваат со нивните работни обврски а нивните малечки поголемиот дел од денот го поминуваат во така наречен дневен престој (day care) што всушност се градинки за новороденчиња.
Јас не ги следев општоприфатените навики во Холандија во врска со краткото породилно отсуство и експресно продолжување со работните обврски и одлучив да останам дома четири и пол години со цел да им овозможам стабилен почеток на нашите деца.
Тоа беше мојот најважен проект во животот. Сакав да растат со мајчино присуство и внимание, домашно подготвена и нутритивно богата храна.

