Фросина од Пробиштип за семејниот живот во Холандија: „Тука никој не вика по децата, времето го минуваме надвор, насекаде има игралишта“
Дали Холандија е безбедна земја, но и добро организирана за живот на семејства со деца?
Холандија е една од ретките земји каде навистина чувствуваш дека системот е направен според потребите на децата и семејствата.
Безбедноста е на многу високо ниво и тоа се гледа во секојдневните, мали работи. Тука е сосема нормално да видиш дете од 8-9 години како само вози велосипед до училиште, додека родителите мирно пијат кафе дома.
Инфраструктурата е неверојатно организирана – посебни велосипедски патеки, безбедни игралишта буквално во секое маало, паркови, активности за деца и многу простор за семеен живот.

Децата уште од мали ги учат на независност и одговорност, но во исто време системот е направен така што родителот се чувствува сигурно.
Она што мене најмногу ме воодушеви е што овде детството навистина се живее. Не гледаш деца затворени дома со таблет цел ден.

Ги гледаш надвор – на велосипед, во парк, како играат фудбал, трчаат по дожд или седат на пикник со родителите. Холанѓаните имаат силна култура на семејно време и викендите најчесто се резервирани токму за тоа.
Многу често ќе видите цело семејство на велосипеди – таткото напред со едно дете, мајката позади со друго, па заедно одат на фарма, парк или на сладолед. И најинтересно е што никој не брза. Луѓето навистина знаат да уживаат во малите моменти.
Друга голема разлика е што овде не се живее за работа. Балансот меѓу работа и приватен живот е нешто свето. Родителите имаат време за децата, за заеднички ручек, за активности и за мирен живот без постојан стрес.
Секако, животот далеку од фамилијата носи свои предизвици, особено кога немаш баби и дедовци за помош. Но од друга страна, Холандија создава чувство дека и самото општество ти помага полесно да бидеш родител.
Искрено, после живот во различни земји, првпат тука почувствував што значи држава што навистина инвестира во среќно детство.

Дали вашите деца знаат и македонски јазик? Како ги учите на нивното потекло и вашите корени? Биле ли во Македонија?
Иако растат во Холандија, дома нашето правило е едно – се зборува само македонски. Многу ни е важно децата да го чувствуваат јазикот како нешто природно и блиско, а не како „јазик што го слушаат само кај баба и дедо“.
Растат со македонски песнички, ги имаме речиси сите книги од Биби и Боби, учиме кирилица, пишуваме зборови и искрено се радуваме на секој нов македонски збор што ќе го кажат правилно. Тоа се мали моменти, но за нас имаат огромна вредност.
Се трудиме да ги растеме со истите вредности со кои сме пораснале и ние. Ручекот, на пример, ни е семеен ритуал – секогаш кога можеме седнуваме сите заедно на маса и разговараме како ни поминал денот, што убаво сме направиле, што сме научиле.

Секој македонски празник го славиме традиционално, со полна трпеза, музика и атмосфера како дома.
Сакаме преку храната, музиката, јазикот и нашите приказни да знаат од каде потекнуваат и кои се нивните корени, секоја зима традиционално си ставаме буре со кисела зелка, и децата ја сакаат расолницата, тоа е омилен пијалак во зима.
Најубави ми се моментите кога ги возам во мојот bakfiets – тој типичен холандски карго велосипед – и додека возиме низ улиците на Холандија, ние пееме македонски песнички на цел глас.
Тогаш си велам: ете, можеби живееме далеку, но Македонија сепак расте заедно со нив.
И да, секогаш кога имаме можност си одиме во Македонија. А кај бабите, нормално, секогаш е најубаво – таму има највкусна храна, најмногу гушкање и љубов што не може да се објасни.

Доаѓате ли често во Македонија? Се соочувате ли со некои шокови секојпат кога доаѓате тука, со оглед на тоа што сте навикнати на животот и културата таму?
Да, секогаш кога имаме можност си доаѓаме во Македонија, особено во лето кога децата се на распуст.
Тие денови ни се највредни затоа што колку и да се навикнуваш на живот во странство, ништо не може да ја замени топлината на дома.
Во зима најчесто гледаме да одиме на планина, бидејќи после Холандија – која е толку рамна што понекогаш имаш чувство дека нема крај – планините ни се вистински луксуз за душа.
Искрено, најголемиот „шок“ секојпат е храната. Како да останеш фит, а да не го изедеш омилениот еклер и бурек или топли ќебапи и пастрмајлија? Тоа е невозможно.

Во Македонија храната не е само храна – таа е љубов, спомени и чувство дека припаѓаш некаде.
Но она што најмногу ни недостига се луѓето. Во Македонија секогаш има некоја спонтаност, некој ќе ти тропне на врата без најава, кафе ќе се претвори во ручек, а ручекот во целодневно дружење. Токму таа топлина ја нема многу во западниот свет.
Колку и да сме се адаптирале на животот во Холандија, ние секогаш ќе бидеме Македонци кои само се преселиле во друга држава за подобар и помирен живот. Корените не се менуваат.
И искрено, колку подолго живееш надвор, толку повеќе почнуваш да ја цениш Македонија – нашата душа, гостопримливост, храната, јазикот и начинот на кој знаеме да се радуваме на животот.

Што најмногу ви недостасува од Македонија? Би се вратиле ли некогаш?
Најмногу ни недостигаат нашите најблиски. Колку и да е убав и среден животот во странство, постои една тивка празнина што најсилно се чувствува за празници.
Тогаш најмногу сфаќаш што значи дом – не куќа, туку луѓето што ги сакаш.
Има моменти кога ни недостига едно обично кафе со семејството, гласната маса, мирисот на домашна храна, спонтаните посети и чувството дека секогаш некој ти е „свој“.
Во странство учиш дека најголемото богатство не се материјалните работи, туку блискоста меѓу луѓето.

Но, кога веќе животот те однел далеку, тогаш се трудиш магијата на Македонија да ја создадеш и во својот нов дом.
Секој празник го славиме со македонска музика, традиционална трпеза и приказни за нашето детство, за децата никогаш да не заборават од каде потекнуваат.
Дали би се вратиле? Искрено, никогаш не вели никогаш. Животот знае да отвори патишта што не сме ги планирале. Но едно е сигурно – Македонија е местото каде секогаш ќе ни биде срцето и каде секогаш ќе се чувствуваме дома.
Колку и да патуваме и колку и да се адаптираме во други држави, ние ќе останеме Македонци. Тоа не се губи со адреса, ниту со години поминати во странство.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
