Фросина од Пробиштип за семејниот живот во Холандија: „Тука никој не вика по децата, времето го минуваме надвор, насекаде има игралишта“
А, каков е образовниот систем, како функционира?
Сè уште и самата го запознавам холандскиот образовен систем преку моите деца, но она што најмногу ме изненади е колку голем акцент ставаат на среќно и самоуверено дете, а не само на оценки и притисок.
Нашата ќерка оди во peuterspeelzaal, што е нешто како комбинација помеѓу градинка и ран развој, каде преку игра, комуникација и социјализација децата учат да бидат самостојни.
Нашиот син е во basisschool group 1, што кај нас би било нешто помеѓу градинка и прво одделение.
Најинтересно ми е што во првите години нема класично „седни и учи“ како што сме навикнати на Балканот. Сè е преку игра, движење, креативност и комуникација.
Децата многу време поминуваат надвор, без разлика дали врне или е ладно. Во Холандија буквално има правило: „Не постои лошо време, постои само лоша облека“.

Во споредба со Македонија, тука има многу помал притисок врз децата (барем засега).
Не ги форсираат уште од мали со многу домашни задачи и оценки, туку повеќе работат на тоа детето да се чувствува сигурно, да поставува прашања и да развива самодоверба и љубопитност.
Ми се допаѓа што ги учат уште од мали да имаат свое мислење и да бидат независни.
Од друга страна, ние Балканците сме навикнати на поголем академски фокус уште од најрана возраст, па понекогаш си велам: „Добро, кога ќе почнат вистински да учат?“
Но со текот на времето сфатив дека системот е направен децата да растат без страв и притисок.
Многу ми се допаѓа и тоа што наставниците имаат близок и топол однос со децата. Не постои таа строга дистанца како што ја паметиме ние од нашите школски денови. Детето треба да се чувствува видено, слушнато и прифатено.
Иако сè уште учам за системот, мислам дека Холандија навистина инвестира во среќно детство, а не само во совршени оценки.

Како се одгледуваат децата таму? Дали има поразлични принципи и пристапи отколку кај нас? Како ви поминува слободното време?
Најголемата разлика што ја забележав во Холандија е начинот на кој родителите комуницираат со децата. Речиси никој не повишува тон.
Без разлика дали детето плаче, прави проблем или има тантрум во маркет – родителите остануваат смирени, зборуваат тивко и со многу трпение.
И најинтересно е што децата го имитираат токму тој модел на однесување. Поради тоа, повеќето деца тука се многу сталожени, самостојни и мирни во комуникацијата.
Исто така, децата имаат навистина многу активности уште од мали. Нашиот син оди на фудбал, часови по музика и пливање, додека нашата ќерка засега е вистинска мала балерина и оди на балет.

Но најинтересната работа за мене беше што во Холандија пливањето е речиси задолжителна животна вештина.
Сите деца од околу четири години почнуваат со часови по пливање и мора постепено да собираат дипломи за различни нивоа. Ако детето нема положено одредено ниво, може дури и да не смее да оди на некои училишни екскурзии или активности поврзани со вода.
Холанѓаните велат: „Учителката е учителка, не спасувач“. Искрено, кога првпат го слушнав тоа ми беше многу чудно, но кога ќе сфатиш дека Холандија е земја со канали и вода насекаде – има логика.
Слободното време тука најчесто се поминува надвор. И дожд, и ветер, и ладно – децата се на игралиште, на велосипед или во парк. Холанѓаните имаат филозофија дека свежиот воздух и движењето се поважни од „совршено време“.
Мене лично многу ме воодушеви и нивниот однос кон стареењето и пензијата. Учителката по музика на нашиот син има 73 години и работи како волонтер.
Не затоа што мора, туку затоа што сака да биде активна, среќна и меѓу деца.

Во Холандија има многу vrijwilligers – луѓе што доброволно работат и придонесуваат во заедницата и после пензија. Тоа навистина ми остави силен впечаток.
И уште нешто што ми беше неверојатно – кога детето е болно, овде не се трча веднаш по антибиотици и паника. Пристапот е многу смирен.
Свеж воздух, одмор, супа и телото само да се избори. На почетокот како балканска мајка бев во шок и мислев: „Како ништо не даваат?“.
А сега сфаќам дека ги учат децата од мали да градат имунитет и отпорност.
Мислам дека Холандија создава деца што се независни, смирени и сигурни во себе уште од најрана возраст – а тоа денес е можеби поважно од сè.

Како е да се биде родител во Холандија, далеку од татковината и помош од блиските? Со какви предизвици се соочувате?
Да се биде родител далеку од своите е и прекрасно и многу тешко во исто време. Кога немаш баби, дедовци и фамилија на 5 минути од тебе, тогаш ти и партнерот станувате целото „село“ за вашите деца. Сè е ваша организација, ваша енергија и ваша одговорност.
Најголемиот горд момент е тоа што ги растеме децата без екрани, со црн екран и македонски детски песнички.
Ние навистина се трудиме нашите деца да растат со многу игра надвор, игралишта, Лего коцки, книги и креативни активности. Но тоа значи дека и ние како родители мора постојано да сме вклучени и присутни.
Родителството во Холандија има една посебна магија – децата таму растат во природа, слобода и постојана игра.

Нашите деца пораснаа хранејќи срни, кози и овци, радувајќи се на секој сончев ден, на цвеќињата и на малите моменти што таму навистина се ценат.
Она што најмногу ме воодушеви е што на секои неколку стотини метри има прекрасно детско игралиште, и тоа не само обично игралиште, туку место што го поттикнува раниот развој, љубопитноста и дружењето кај децата.
Холанѓаните навистина знаат како да го направат семејниот живот полесен и поубав.

Рестораните и кафулињата речиси секогаш имаат катче за деца – мал простор со играчки или мини-игротека, каде што децата си играат, а родителите конечно можат мирно да испијат кафе и да разговараат.
И можеби најинтересното нешто за нас од Балканот – овде многу често ќе видите татковци сами со своите деца, како се дружат, играат и поминуваат квалитетно време заедно.
Тоа ми беше прекрасно и необично во исто време, бидејќи кај нас најчесто сме навикнати да гледаме мајки со деца.
Во Холандија, родителството навистина изгледа како заедничка авантура.
Има денови кога буквално стануваме нивни аниматори. Знаеме дури и тренингот да го претвориме во игра – јас читам сликовница додека правам физички вежби, само за да украдам малку време и за себе, а децата да се среќни и исполнети.

Родителството во странство те учи на мултитаскинг на едно сосема ново ниво.
Но клучот е добра организација со партнерот. Во Холандија многу ми се допаѓа тоа што семејниот баланс е навистина важен.
Огромен број жени работат само неколку дена неделно за да имаат повеќе време за децата и домот.
Искрено, запознав многу мајки, а речиси ниедна не работи класично полно работно време. Имам пријателка што работи само ден и пол неделно – и тука тоа е сосема нормално.
На Балканот често успехот се мери со тоа колку работиш и колку си зафатен, а овде луѓето многу повеќе го вреднуваат времето поминато со семејството.
И токму тоа ми е една од најубавите работи во Холандија – што ти дозволува да ги зачуваш фамилијарните вредности и навистина да уживаш во растењето на децата, наместо само да бркаш обврски и време.

