Катерина Спасова ги посети Фарските Острови: „Има повеќе овци од луѓе, куќи со тревници на покриви и времето се менува за миг“
Сите слушнале дека таму има повеќе овци отколку луѓе. Колку навистина се присутни овците и дали тоа се чувствува насекаде низ островите?
Апсолутно. Овците се буквално насекаде. Ќе ги видите покрај патиштата, на ридовите, покрај водопадите, па дури и на места каде ќе се запрашате како воопшто стигнале таму.
Не е случајно што Фарските Острови се познати по нив. Таму навистина има повеќе овци отколку луѓе.
Според податоците, на островите живеат околу 50.000 жители и околу 70.000 овци, па шансите прво да сретнете овца отколку човек се навистина големи.

Но она што најмногу ми остави впечаток не е само нивниот број, туку начинот на кој се вклопени во пејзажот.
Каде и да погледнете, ќе видите овци како мирно пасат на зелените падини над океанот, како да се дел од самата природа. Тие не се само животни што се одгледуваат таму, туку вистински симбол на островите и дел од нивниот идентитет.
На некој начин придонесуваат за чувството дека природата сè уште го има главниот збор и дека човекот живее во хармонија со неа, а не обратно.

Како изгледаше еден твој типичен ден за време на престојот? Што најчесто правеше и посетуваше?
Секој ден започнуваше со рано будење и кафе овој пат во природа. Нешто што особено го сакам кога патувам.
На Фарските Острови дури и обичното утринско кафе добива поинакво значење кога пред тебе се океанот, планините и бескрајните зелени пејзажи.
Иако имавме план што сакаме да посетиме, брзо сфативме дека нема многу смисла да се водиш според временската прогноза.
Времето таму постојано се менува, а локалците едноставно се навикнати на тоа и не дозволуваат да им ги диктира плановите. Некако и ние го прифативме истиот пристап.
Деновите ни беа исполнети со истражување на различни острови, водопади, карпи, видиковци и мали села со тревни покриви.
Се водевме според местата што сакавме да ги видиме, а не според тоа дали надвор има сонце, магла или дожд. Токму затоа секој ден носеше нови изненадувања и нови пејзажи што го одземаат здивот.

Кое место или пејзаж најмногу те воодушеви и би го препорачала на секој Македонец што планира да ги посети островите?
Тешко е да издвојам едно место, но погледите кон океанот од високите карпи се нешто што засекогаш останува во сеќавањето. Чувството кога стоиш на работ на светот, а пред тебе се само океанот, ветерот и бескрајниот хоризонт, е навистина незаборавно.

Сепак, ако треба да издвојам едно место, тоа би бил островот Вагар. Токму таму се наоѓаат и некои од најпознатите и највпечатливите локации на Фарските Острови, но она што најмногу ми се допадна беше неговата енергија.
Ми остави впечаток на остров кој е најжив, каде најмногу се чувствува животот, а во исто време ја задржува таа препознатлива мирнотија и поврзаност со природата.

Времето на Фарските Острови е познато по тоа што се менува за неколку минути. Какво беше твоето искуство со тоа?
Тоа не е мит, туку реалност. Во рок од десет минути можеш да доживееш сонце, магла, дожд, ветер и повторно сонце.
На почетокот е чудно, но подоцна сфаќаш дека токму тие промени му ја даваат магијата на местото.

Какви се локалците? Дали се отворени кон туристите и дали имаше интересни средби со нив?
Локалците ми оставија впечаток на мирни, скромни и ненаметливи луѓе. Не се од оние што веднаш ќе започнат разговор, но во секоја ситуација во која дојдовме во контакт беа љубезни, пријатни и секогаш подготвени да помогнат.
Некако и самите го отсликуваат начинот на живот на островите - тивки, смирени и поврзани со природата околу себе.

Се зборува дека многу куќи имаат џакузи на терасите… Дали го забележа тоа и што друго е типично за локалниот начин на живот?
Не забележав многу куќи со надворешни џакузи, но она што ми привлече внимание што таму е сосема нормално луѓето да практикуваат ладни бањи во океанот во текот на целата година.
На повеќе места покрај брегот има дрвени куќички и објекти наменети за пресоблекување, сауни и релаксација, па многумина комбинираат капење во студениот Атлантски Океан со топла сауна или џакузи.
За нив тоа не е туристичка атракција, туку дел од секојдневниот живот и начин на одржување на физичкото и менталното здравје. Освен тоа, ми остави впечаток колку животот таму е организиран околу заедницата и природата.
Фарските Острови важат за едно од најбезбедните места во светот, со многу ниска стапка на криминал и силно чувство на доверба меѓу луѓето.
Исто така, голем дел од слободното време го поминуваат во природа, пешачејќи, спортувајќи или едноставно уживајќи во пејзажите околу себе.
Поради малиот број жители, луѓето меѓусебно многу добро се познаваат, а чувството на заедништво е навистина силно. И секако, морето е неизбежен дел од нивниот идентитет, со векови е поврзано со нивниот начин на живот, преку рибарството, транспортот и секојдневната култура.
