Катерина Спасова ги посети Фарските Острови: „Има повеќе овци од луѓе, куќи со тревници на покриви и времето се менува за миг“
- Детали
- четврток, 11 јуни 2026
„Имав чувство како да сум се нашла среде сцени што дотогаш сум ги гледала само во документарци на National Geographic. Токму тоа чувство на простор, тишина и сурова природна убавина беше нешто што веднаш ме освои. И покрај непредвидливите временски услови, не чувствував дека некој е под стрес или во постојана трка со часовникот“, вели Катерина Спасова, по потекло од Кочани, за ова уникатно патување.

Катерина Спасова потекнува од Кочани, а живее во Скопјео. Таа е основач на брендот Happy за природни пчелни производи и здрава храна и голем вљубеник во патувањата.
За неа, патувањата не се само посета на нови места, туку можност да запознае различни култури, луѓе и начин на живот.
Особено ја привлекуваат дестинации што не се дел од класичните туристички рути и каде што може да се почувствува вистинскиот дух на местото.
Секое патување го доживува како нова приказна, а Фарските Острови биле едно од оние места што ја натерале да застане и вистински да се восхитува на природата.

Фарски Острови се архипелаг во северниот дел на Атлантскиот Океан, сместени меѓу Исланд, Норвешка и Данска.
Островите се познати по стрмните зелени планини, суровата океанска клима и малите живописни населби.
Куќите често имаат тревни покриви затоа што тревата обезбедува добра топлинска изолација, штити од силните ветрови и дождови и е традиционален градежен материјал што се користи со векови.

Катерина го споделува своето искуство за CRNOBELO.com:
Што те привлече да ги посетиш токму Фарските Острови? Како дојде до идејата за оваа дестинација?
Отсекогаш ме привлекувале местата што не се наоѓаат на листата на типични туристички дестинации.
Иако уживам и во тропски плажи, посебен предизвик и возбуда ми носат дивите и недопрени предели, местата каде што природата ја покажува својата сурова и автентична убавина, и таа е главниот архитект.
Првпат ги видов Фарските Острови на фотографија и долго време не можев да поверувам дека такво место навистина постои.
Потоа почнав малку подетално да истражувам за животот таму, за начинот на кој функционираат островите, за природата, луѓето и нивното секојдневие. Токму тогаш се роди желбата еден ден да ги видам со свои очи.

Какви беа реакциите на блиските кога им кажа дека патуваш на Фарските Острови? Дали им беше необичен избор?
Најчестото прашање беше: „Каде е тоа?“ Многумина првпат слушаа за Фарските Острови.
Дел од луѓето беа изненадени што сум одбрала толку невообичаена дестинација, но оние што ме познаваат знаат дека токму таквите места најмногу ме привлекуваат.
Кога подоцна ги видоа фотографиите, сите се согласија дека изборот бил повеќе од оправдан.

Кој беше првиот впечаток кога пристигна таму? Имаше ли нешто што веднаш те изненади?
Првото нешто што ме освои беше чувството на мир. Како да слетав во друг свет каде времето тече побавно.
Планините се издигаат директно од океанот, облаците се движат толку ниско што изгледа како да можеш да ги допреш, а околу тебе нема никаква врева.
Каде и да погледнеш, природата изгледа моќно и недопрено... стрмни карпи што се спуштаат кон океанот, зелени ридови, водопади и бескрајни пејзажи без речиси никаква човечка интервенција.
Имав чувство како да сум се нашла среде сцени што дотогаш сум ги гледала само во документарци на National Geographic. Токму тоа чувство на простор, тишина и сурова природна убавина беше нешто што веднаш ме освои.

Што би го издвоила како најголем културен шок или разлика во однос на Македонија?
Веројатно нивниот однос кон природата и начинот на кој го доживуваат времето. Кај нас често сме навикнати денот да ни биде исполнет со обврски, рокови и постојано брзање.
На Фарските Острови добив впечаток дека луѓето имаат многу поопуштен однос кон времето и секојдневието.
И покрај честите промени на времето и непредвидливите временски услови, не чувствував дека некој е под стрес или во постојана трка со часовникот. Ако нешто не може да се заврши денес, ќе се заврши утре или кога условите ќе дозволат.
Како да имаат прифатено дека не можат да контролираат сè и наместо да се борат со тоа, едноставно се прилагодуваат. Токму таа смиреност и отсуството на непотребна брзина ми оставија силен впечаток.

Она што особено ми остави впечаток е колку ја почитуваат околината во која живеат.
Иако природата таму е спектакуларна, нема чувство дека се обидуваат да ја освојат или променат, туку напротив се прилагодуваат на неа и живеат во хармонија со неа.
Исто така, островите се многу чисти, уредени, организирани и многу безбедни, а тоа се чувствува на секој чекор.
Можеби токму таа комбинација од мир, доверба меѓу луѓето и почит кон природата беше најголемата разлика што ја почувствував во однос на нашето секојдневие. Тоа е еден поинаков начин на живот кој те потсетува дека не мора секогаш да се брза за да се живее убаво.

Фарските Острови се познати по тоа што имаат многу малку семафори. Каков впечаток ти остави сообраќајот и начинот на кој функционира секојдневниот живот?
Во главниот град забележав само неколку семафори, а подоцна дознав дека на сите Фарски Острови има многу мал број семафори. За некој што доаѓа од место каде сообраќајот често знае да биде хаотичен, тоа навистина изгледа неверојатно.
Но уште поинтересно беше што, и покрај тоа, сè функционира беспрекорно.
Нема гужви, нема нервозни свирежи, нема чувство дека некој постојано брза. Луѓето се трпеливи, ги почитуваат правилата и имаат доверба едни во други.
Дури и кога возиш низ тунели, тесни патишта или мали села, сè тече некако природно и без напор.

Мислам дека малкуте семафори се само одраз на нивниот начин на живот. Тоа е уште еден доказ дека понекогаш не се потребни многу правила и контроли за работите да функционираат добро, потребни се култура, почит и доверба.
Една од работите што ме воодушеви беше колку добро се поврзани островите меѓу себе. Иако станува збор за архипелаг среде Атлантскиот Океан, движењето помеѓу островите е изненадувачки лесно благодарение на мрежата од мостови и подморски тунели.
Особено интересно ми беше што токму на Фарските Острови се наоѓа првиот подморски кружен тек во светот.
Замислата дека возиш низ тунел длабоко под океанот, а потоа влегуваш во кружен тек под морското дно, е навистина необично искуство.
Освен што претставува импресивно инженерско достигнување, тоа е уште еден доказ како природните предизвици ги претвориле во иновативни решенија што секојдневно им го олеснуваат животот на жителите.
