Катерина Спасова за патувањето во Русија: „Метрото во Москва личи на палата, летав преку Истанбул, а цените беа подостапни од што мислев“
- Детали
- вторник, 30 јуни 2026
„Пред да тргнам поради актуелната ситуација и војната, едно од најчестите прашања беше дали е безбедно да се патува таму во овој период. Имаше и коментари дека е храбар потег токму сега да ја посетам Русија. Но, се чувствував безбедно и земјата ме воодушеви“, вели Катерина Спасова.

Катерина Спасова потекнува од Кочани, а живее во Скопје. Таа е основач на бренд за природни пчелни производи и здрава храна и голем вљубеник во патувањата.
Особено ја привлекуваат дестинации што не се дел од класичните туристички рути, како Фарските Острови и Русија.
За патувањето во Русија вели дека многумина се зачудиле дека оди таму, поради проблемот со безбедноста, но Катерина вели дека имала неверојатно искуство и оваа земја ја маѓепсала.
Катерина за патувањето во Русија споделува за CRNOBELO.com:
Што те привлече да ја посетиш токму Русија? Како дојде до идејата за оваа дестинација?
Русија долго време беше една од оние дестинации што ми привлекуваа внимание поради својата историја, култура и архитектура.
Уште од фотографии и документарци ме фасцинираа местата како Црвениот плоштад, Кремљ и Санкт Петербург со неговите палати и канали.
Колку повеќе истражував, толку повеќе сакав да ја видам одблизу таа комбинација од богата историја, грандиозна архитектура и современ живот. Тоа е земја за која сите имаме некаква претстава, но сакав сама да ја доживеам и да создадам свое мислење.
Какви беа реакциите на блиските кога им кажа дека патуваш во Русија? Дали им беше необичен избор?
Дел од луѓето беа воодушевени затоа што Русија е дестинација што ретко кој ја посетува, а други беа изненадени бидејќи не е меѓу најчестите избори за туристичко патување.
Дополнително, многумина ја поврзаа одлуката со актуелната ситуација и војната, па едно од најчестите прашања беше дали е безбедно да се патува таму во овој период. Имаше и коментари дека е храбар потег токму сега да ја посетам Русија.
Многумина ме прашуваа како изгледа секојдневниот живот таму, дали се чувствува тензија и колку навистина е безбедно. Мислам дека токму тоа ја прави интересна како дестинација.. сите имаме некаква претстава за Русија, но кога ќе ја посетиш сфаќаш дека реалноста е многу посложена и поразлична од она што најчесто го гледаме или слушаме од далечина.
Кој беше првиот впечаток кога пристигна таму? Имаше ли нешто што веднаш те изненади?
Првото нешто што ми остави впечаток беше големината на сè околу мене.
Од широките булевари и огромните плоштади до зградите и парковите, сè делува импресивно и монументално.
Но, она што најмногу ме изненади беше колку е градот жив и динамичен.
Пред патувањето имав една слика во главата, а кога пристигнав сфатив дека Москва е модерен мегаполис што функционира со неверојатно темпо, а истовремено на секој чекор ја чувствуваш историјата која го обликувала градот.
Што би го издвоила како најголем културен шок или разлика во однос на Македонија?
Веројатно комбинацијата од големината на градовите и почитта кон историјата. Во Москва и Санкт Петербург сè изгледа монументално – од булеварите и зградите до плоштадите и метрото.
Но, она што најмногу ми остави впечаток е колку ја негуваат својата историја и култура. Без разлика каде ќе се најдете, се чувствува дека минатото и денес има важно место во нивниот идентитет.
И покрај огромниот број жители и динамичниот начин на живот, сè функционира организирано и со јасен ред, што за мене беше една од најголемите разлики во однос на Македонија.
Русија е позната по своите огромни градови и метро систем. Каков впечаток ти оставија сообраќајот и секојдневниот живот?
Една од работите што најмногу ме воодушеви беше метрото. Не е случајно што многумина велат дека московското метро е една од атракциите на градот.
Некои станици повеќе потсетуваат на музеи или палати отколку на метро. Изградени се со цел да ја покажат моќта и амбицијата на тогашната држава, а и денес оставаат силен впечаток.
Освен што е прекрасно, метрото е и неверојатно ефикасно. И покрај милионите жители, движењето низ градот е изненадувачки едноставно и добро организирано.
Како изгледаше еден твој типичен ден за време на престојот? Што најчесто правеше и посетуваше?
Деновите најчесто започнуваа рано бидејќи секогаш имаше многу места што сакав да ги посетам.
Утрото обично го започнував со кафе и прошетка низ некој дел од градот, а потоа следуваше истражување на градот... историски знаменитости, музеи, катедрали, паркови и места за кои претходно сум читала или гледала во документарци.
Она што најмногу ми се допадна е што и двата града можат да се доживеат и без строг план.
Често тргнувавме кон некоја конкретна атракција, а патем откривавме интересни улици, згради, споменици или паркови што не биле во програмата.
Особено уживав во прошетките низ центарот на Москва и покрај каналите и историските улици во Санкт Петербург, каде што на секој чекор има некоја приказна од минатото.
Денот најчесто завршуваше со долги вечерни прошетки, кога градовите добиваат сосема поинаква атмосфера. Осветлените историски згради, плоштадите и мостовите изгледаат импресивно, а токму тогаш најдобро се чувствува духот на градот.
Тоа беа моментите кога најмногу уживав, без брзање, едноставно впивајќи ја атмосферата околу мене.