На одмор со семејство Марковски на Тасос: „Патувавме 7 часа од Скопје, траектот нè чинеше 84 евра, сместете се во Потос“
- Детали
- сабота, 27 јуни 2026
„Бевме вo all-inclusive хотел за првпат, но сфативме дека сепак сме повеќе за шетање отколку седење на едно место. Посетивме многу плажи, селцето Теологос со традиционалното јагнешко печење, манастирот Св. Архангел и Михаил. Цените на кафе се од 3-5 евра, а гирото околу 5, па до 10-12 евра“ – Радмила детално го раскажува искуството од одморот на Тасос за CRNOBELO.com.

Радмила Крстиќ Марковска (38) по потекло од Тетово, 10 години живее со семејството во Скопје.
Таа често сака да патува со другарките, но летото секогаш ѝ е посветено за семеен одмор со сопругот и двете деца.
Оваа година, тие се одлучија за Тасос, грчки остров кој е нивен избор веќе неколку сезони по ред.
За тоа како си поминале, какво е местото, каде шетаат, во што уживаат, какви се цените сезонава, Радмила раскажува детално за CRNOBELO.com.

Прочитајте повеќе за одморот на семејството Марковски:
„Тасос е нашата проверена летна дестинација и остров на кој секогаш со задоволство му се враќаме.
Заедно со сопругот Димитар и нашите деца Бјанка (4) и Никола (8) уште во јануари го испланиравме првиот дел од летниот одмор и ги искористивме попустите за рани резервации кои се нудат во зимскиот период и се поевтини за во јуни.
Ова е наше трето доаѓање и за првпат се одлучивме за хотел со „all-inclusive“ услуга за да го доживееме и тоа искуство како семејство.

Патувавме со автомобил, патот од Македонија до Тасос трае околу 6 до 7 часа, во зависност од гужвите на границата и времето потребно за траектот.
До островот се стигнува со траект, може да фатите од Кавала или Керамоти и цената на билетот за нас 4-ца и автомобилот беше 42 евра во правец.
Патувањето трае околу 45 минути што е посебно интересно искуство, особено за децата, како што знаеме стотици галеби се верни придружници на траектото до Тасос и се права туристичка атракција.
Тие летаат и се приближуваат сосема блиску и јадат дирекно од рака и создаваат прекрасно искуство додека уживате во убавините на морето и слободата.

Кога стигнавме во главниот град на Тасос – Лименас, прва станица ни е разладување до Lidl. Секогаш си земаме интересни производи, со многу пристапни цени и различни продукти од нашите секојдневни.
Патот до хотелот (Thassos Grand Resort), кој беше оддалечен околу 30km, беше вистински вовед во магијата на Тасос, секој свиок низ мирисливата борова шума и зеленило носи спектакуларна глетка и природа што те тера да посегнеш по телефонот за уште една фотографија.
Кога пристигнавме во хотелот бевме пријатно изненадени од погледот од нашата соба - беше навистина прекрасен, кристално море и борова шума наоколу, која создава релаксирачка атмосфера.

Има различни содржини за деца, храна и активности во текот на целиот ден, па можам да кажам дека беше вистинска целодневна авантура.
Искрено единствено што им недостигаше на децата беше малку повеќе песок - тие обожаваат да прават замоци и да си играат на песок, а на Тасос такви места има премногу, па така одевме почесто на други плажи.

Иако навистина ми се допадна ова искуство, сепак сфативме дека повеќе ни одговара поактивен тип на одмор.
Повеќе сме љубители на приватно сместување или кампување, каде што имам поголема слобода. Не сакаме денот да ни биде обврзан со адаптирање на термини за оброци во хотелски комплекси, секако со децата се молиме за јадење.
Немам проблем да зготвам и на одмор тоа што го сакаат или некој ден да седнеме во ресторан, да испазариме од Lidl и локални маркети на тераса да си направиме мезе и да направиме пауза во текот на денот од најжешкото сонце во апартман.

Па потоа повторно да одиме на нова плажа и така денот ни е поисполнет, со откривање на нови места и локални убавини.
За нас сместувањето е место за преспивање, ние знаеме да си поставиме наши лежалки, хамок лулки на скриени песочни плажи, со нас да понесеме и оброк и да уживаме во мирот.
Верувам дека токму така се создаваат најубавите спомени и се доживува вистинскиот дух на едно место.

Должината на брегот на Тасос е околу 100km и нуди можност за посета на многу плажи, некои плажи имаа организирани лежалки и барови, а убаво е што на многу плажи може да нарачате само кафе или пијалак и да уживате без дополнителен надомест.
Цените на кафе се движат околу 3-5 евра, пијалак од 2.5 евра, смути 6 евра, сладолед од 2-5 евра, гиро околу 5 евра до големи порции од 10-12 евра.
Нашата омилена плажа е Psili Ammos блиску до прекрасното селце Потос, што воедно е моја препорака за сместување на Тасос.
